Вести
Зелено инженерство на Технолошко-металуршкиот факултет
Интервју – Анита Грозданов, редовен професор на Технолошко-металуршкиот факултет
Економија и бизнис | печатено издание | 15 мај 2024г.
ПРВА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ЗЕЛЕНО ИНЖЕНЕРСТВО, ЗА ОДРЖЛИВИ МАТЕРИЈАЛИ И ЗА ТЕХНОЛОГИИ ЗА ЦИРКУЛАРНА ЕКОНОМИЈА
Неодамна во просториите на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје се одржа настан обоен со нијанси на зелената боја − зелено инженерство, зелени политики, технологии, хемија, зелени екоинoвации – теми и иновации поврзани со одржливи материјали, нанотехнологии, биомаса, биогорива, биотретман на отпадни води... Овие теми на иднината се значајни за формирањето на нови кадри, па оттука е и растечката потреба за соработка меѓу образованието и индустријата.
Токму поради ова, по иницијатива на екипа на професори од ТМФ, Факултетот беше домаќин на Првата конференција за зелено инженерство, за одржливи материјали и за технологии и циркуларна економија „Зелен круг 2024“ (Green circ 2024). На дводневниот настан излагања имаа професори, претставници на компании вклучени во Зелената агенда и на граѓанскиот сектор. Предавањата и дускусиите беа проследени со отворање на нова лабораторија и презентации на успешни компании кои активно беа вклучени во настанот. Настанот го збогати и хакатон на тема Зелени идеи за ревалоризација на био- и на индустриски отпадни материјали на кој беа презентирани оригинални идеи и проекти, а најуспешните беа наградени од жири-комисија.
Разговарам со д-р Анита Грозданов, редовен професор на Институтот за органска технологија при Технолошко-металуршкиот факултет, УКИМ, Скопје.
Која е целта на Првата конференција за зелено инженерство, за одржливи материјали и за технологии за циркуларна економија „Зелен круг 2024“ (Green circ 2024)?
Последниве десетина години интензивно се дискутира за одржливиот развој на планетата Земја, а истовремено и во нашава држава, и тоа на сите нивоа, од високополитички до локални. Реализирани се бројни активности, главно на ниво на дискусии за запознавање на јавноста и на подигање на свеста за целите на одржливиот развој. Објавени се бројни апели за активно вклучување на институциите и на стопанските субјекти во осовременување на технологиите во производниот сектор и на процесите за чиста и за безбедна животна средина, како и за зголемено искористување на обновливите извори и на енергија и на суровини. Со донесувањето на Зелениот договор на Европската комисија во 2019 година и на Зелената агенда за Западен Балкан, дефинирани се основните постулати на кои треба да се работи − декарбонизација, биодиверзитетот, намалување на отпадот, на емисиите, циркуларната економија. Започнаа многу дискусии на стручно ниво и/или врз основа на знаења базирани на интернет, од политичарите до најмалите локални институции, комори, асоцијации и невладини организации. Сите тие, користејќи високи парични фондови (Еразмус, ЕУ-програми, УНДЕП и др.) имаа проектни активности кои главно се сведуваа на дискусии и на апелирања, бараа ова да се направи, она да се смени итн. Од друга страна, стопанскиот – индустрискиот сектор на земјата е носител на економијата и е тој кој е повикан со многу прашања од овие договори. Во рамките на своите можности и капацитети, фирмите започнаа сами да преземаат активности. Ние професорите бевме канети на различни средби каде што требаше да даваме стручни мислења и искуства од нашите научни проекти. Всушност, Технолошко-металуршкиот факултет со своите студиски програми ги покрива сите производни индустрии во Македонија − текстил, керамика, цемент и неоргански материјали, металургија и композити, пластика и хемиски процеси и средства, храна и прехранбени производи. Тука се образуваат и се специјализираат кадрите за сите производни сектори, тоа се инженерите кои денес и во иднина ќе ги спроведуваат во дело сите технологии и иновативни решенија на процесите на зеленото инженерство и на зелената трансформација. Токму од овде произлезе нашата цел за организирање на оваа конференција. Решивме да излеземе од скромноста на нашите кабинети, лаборатории и да организираме конференција на која ќе бидеме „свои на своето“, на која ќе се сретнеме со фирмите на пропорционален сооднос. Сакавме со производниот сектор да ги размениме досегашните искуства и да споделиме идеи за идни соработки за да може на следната втора ваква конференција да покажеме дека академијата и производниот сектор се главните алки во зелената трансформација. Всушност, една од целите на модерната инженерска заедница за зелените процеси е да дизајнира, да развива и да комерцијализира индустриски процеси и материјали кои се одржливи, економски остварливи, истовремено минимизирајќи го влијанието на хемиските процеси врз здравјето на луѓето и животната средина, па како резултат на тие процеси да креира капитал кој сите останати алки (економистите, институциите, владата) понатаму ќе може да го планираат и да зборуваат за циркуларната економија.
Колку екипи се презентираа на хакатонот, која беше најинтересната идеја, проект?
Конференцијата беше организирана во два дена. Првиот ден беше пленарна сесија на која се менуваа говорници од двете алки − фирмите и академијата. Вториот ден од Конференцијата беше резервиран за две сесии, во првата сесија продолжи претставувањето на активностите на фирмите во правец на зелената трансформација и втората – студентски хакатон на тема „Ревалоризација на био- и на индустриски отпадни материјали во нови производи“. Имавме презентација на 9 тимови, 6 тимови од ТМФ и 3 тимови средношколци – учесници на Републичкиот натпревар за наноматеријали − материјали на иднината, кој, исто така, го организира ТМФ. Навистина, сите презентирани студентски идеи беа високоинспиративни и креативни, издржани и квалитетни. Комисијата имаше тешка задача да ги одбере најдобрите, но секогаш мора да има една листа. Прворангирана беше идејата за креирање нови производи од отпадниот лебдечки прав кој е еден од најголемите индустриски отпади во нашава земја (РЕК Битола, МАКСТИЛ, ФЕНИ, стари депонии во околината на Велес). Втората рангирана идеја беше добивање на нови производи од оризовата арпа од кочанските полиња и третата идеја за добивање биоматеријали од морски алги. Поради тоа што сите беа навистина креативни, ТМФ реши да им додели стимулативни награди и на другите учесници, од 4-то до 9-то место. Имаше и други навистина одлични идеи како добивање на зелен наноматеријал − графен од биоотпад, модни креации од биоразградлива кожа од конбуха, потоа како од пластично шише до нова јакна, идеја за зафаќање на отпадната вода од млечната индустрија, идеја за складирање на СО2. Навистина одлични иновативни идеи на нашите млади.
Во стручното жири беа престижни фирми како Реплек, Х-фешн, Завар, Титан Усје, Пакомак, Бионика... Од кој сектор беа присутните гости, какви беа реакциите?
Да, овој пат во стручното жири седеа претставниците на фирмите кои учествуваа на Конференцијата како Реплек, Х-Фашн, Завар, Пакомак, Бионика, Макстил, Прокредит банка и Акцелераторот Togethr4Cirkular. Претставниците од фирмите проактивно се вклучија во процесот на оценување, дури се разви и дискусија по прашањето на решавање на некои од актуелните типови на отпадни материјали во државава. Очигледно и претставниците на фирмите се инспирираа да размислуваат на оваа актуелна тема. Комисијата овој пат одбра идеи кои во некоја варијанта веќе постојат на пазарот, водејќи се од пазарните можности. За жал, делумно беше занемарен аспектот на иновативност и на креативност на студентските трудови. Затоа, и покрај должната почит кон нивниот став, на следните хакатони, сепак, во комисијата ќе седат и професорите од ТМФ во сооднос 50 % : 50 % за да може оценувањето да биде од сите аспекти.
Дали ова искуство ве мотивираше да планирате организирање конференција следната година?
Добивме многу позитивни реакции и од фирмите и од акдемиските учесници. На сите им се допадна концептот на организација на Конференцијата, во пленарните сесии наизменично се менуваа говорници од фирмите и од професорите на слични теми од ист производен сектор. Исто така имавме предавања и пренесување на информации и од најважниот сектор во државава кој подолго е вклучен во процесите и во политиките за климатските промени, претставен од д-р Теодора Обрадовиќ Грнчаровска. Секако, не беа заборавени ниту коморите кои беа претставени од претседателот на Сојузот на сите стопански комори ниту реалниот/производниот сектор претставен од м-р Трајан Ангелоски од компанијата Ариљеметал. Имавме и пленарно предавање од професор Џејми Грунлан од Америка на тема Одржливи наноматеријали за храна и заштита од пожари. Првиот ден се одржа и придружен настан – отворање на нова лабораторија за напредни и одржливи материјали, опремена со инструменти од тековен НАТО-проект на ТМФ. Многу сме задоволни што сите учесници − фирмите и професорите − ја поздравија нашата иницијатива и изразија желба да бидат вклучени во организацијата на следната втора конференција која ќе биде во 2025 година и која традиционално ќе биде врзана со одбележувањето на Денот на планетата Земја.
Според вас, на кое ниво е соработката меѓу наставно-научниот кадар и стопанството во областа на примената на зелените технологии? Дали има простор за подобрување?
Иако постои активна соработка меѓу наставно-научниот кадар на ТМФ и стопанството во областа на примената на зелените технологии и во областа на контролата на квалитетот на производите или експертските вештачења од областа на технологиите, за жал, таа не е на ниво на која би требало да биде. Се реализираа 3 проектни соработки кои завршуваат со завршување на проектот ТМФ-Бионика, ТМФ-ВАПЛАСТ, ТМФ-АКРОН СТАКЛО. Не постои континуирана размена на информации, на знаења и на вештини потребни за проактивно реализирање на процесите на зелената трансформација, а производниот сектор во Македонија има многу кратко време за имплементирање на овие стандарди бидејќи од 1 јануари 2026 година тие веќе нема да можат да извезуваат надвор од нашите граници без плаќање на јаглеродни такси (моментално јаглеродната такса изнесува околу 80/90 евра по тон).