Економија
ЕУ ја потврди одлуката за воведување царини за кинеските електрични возила
04.07.2024
Европската комисија денеска донесе одлука за воведување на високи царински тарифи за кинеските акумулаторски електрични возила (БЕВ) која ќе се применува од 5 јули годинава.
Официјален Брисел го обвини Пекинг дека одобрува високи субвенции за кинеските производители на електрични автомобили, а со тоа формираат вештачко ниска цена и применува нелојална конкуренција.
Одлуката на Европската комисија е резултат на деталната истрага која откри дека субвенциите се исплатуваат во целиот синџир на набавки за изработка на возилата кои се произведени во Кина, како од домашните така и од странските компании. Исплатените субвенции им овозможува на кинеските производители да понудат поевтини возила БЕВ од тие што се произведуваат во ЕУ, каде трошоците за енергија и за работа се повисоки, пренесе „Еуроњуз“.
Разликата во цени предизвика брз пораст на увоз на БЕВ возилата произведени во Кина од 3,9 отсто пазарно учество во 2020 година на 25 отсто на крајот на 2030 година.
Одлуката која денеска е објавена предвидува диференцирани давачки за секоја компанија, а нејзиното воведување е привремено. Тарифите ќе останат на сила до ноември годинава кога се очекува да биде донесена и конечна одлука, а постои можност и да биде блокирана од некои земји. Германија и Унгарија се меѓу земјите кои можат да се спротивстават на ваквата одлука. Во меѓувреме, Брисел и Пекинг ќе разговараат за можноста за решенија кои би го спречило трајното воведување на царини.
Царинските власти на ЕУ ќе бараат банкарски гаранции од кинеските увозници што значи дека крајните корисници можат веднаш да ја почуствуваат разликата во цените на автомобилите, објави „Еуроњуз“.
фото freepic