Економија
Македонските градежниците бараат еднакви услови за работа како за странските компании
02.07.2024
Економската активност на домашниот градежен сектор во Македонија е во стагнација и во минатата година неговото учество се намали на 5,5 отсто во БДП, за разлика од пред десет години кога тоа учествуваше со 7,1 отсто. Растот на општествениот производ не го следи и растот на градежништвото, а домашните градежни фирми се оставен самите да ги подобруваат своите капацитети, во услови на нееднакви пазарни услови кои им се даваат на странските компании, кои го добиваат поголемиот дел од домашните капитални проекти. Од вкупниот обем на градежни работи во земјата, 96 отсто ги извршуваат странските компании, а само четири отсто се доделени на домашните претпријатија, изјави Андреа Серафимовски, претседател на Здружението за градежништво, индустрија на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора, по денешната средба на претставниците на македонските компании од градежниот сектор.
- Државата мора да води грижа за домашните компании и за подобрување на нивните капацитети и квалитет со кој би се овозможил и развој на македонскиот градежниот сектор кој би бил конкурентен и на странските пазари. Досегашното искуство укажува дека нашата земја е премногу отворена за надворешните компании, што не е случај во другите земји од регионот, каде прироритетн им се даваат на домашните градежни фирми, вели Серафимовски.
На средбата на претставиците на градежните фирми во Стопанската комора на Македонија, беа предложени повеќе мерки за подобрување на состојбата во домашното градежништво со измени во законите за јавни набавки, за градба и за работни односи. Меѓу мерките што се предлагаат при доделувањето на работите на јавните тендери наместо вообичаениот критериум „за најниска цена“, да се применува критериумот за економски најповолната понуда, која ќе го има предвид квалитетот и брзината на извршените градежни работи. Исто така, градежниците предлагаат и укинување на забраната за работа во недела, која негативно се одразува на продуктивноста и на континуитетот на извршување на градежните активности.
- Бројките за извршените градежни работи во земјата не се добри и не можеме да одиме под црвената линија. Време е политиката да се остави на политичарите, а бизнисот на бизнисмените и решавањето на проблемите во економијата да бидат приоритет. Денеска беа изнесени повеќе предлози за подобрување на состојбата и за тоа ќе разговараме и на средбата со премиерот што ќе се одржи овој месец. Со овие мерки можеме да постигнеме напредок во градежниот сектор, а со тоа и да оствариме раст на економијата и успешно да се движиме кон европската интеграција. изјави Бранко Азески, претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија.