Економија
Прогнози на ИФО: Германската економија полека заздравува од кризата
20.06.2024
Германската економија годинава ќе порасне за 0,4 отсто и покажува мали знаци на заздравување по претходната прогноза за раст од 0,2 отсто, објави Институтот за економски истражувања ИФО од Минхен. За 2025 година останува истата прогноза за раст од 1,5 отсто.
- Германската економија полека излегува од кризата. Втората половина од годината ќе биде многу подобра од првата, изјави Тимо Волмершаусер, раководител на економските истражувања во ИФО.
Во втората половина на годината се очекува пад на стапката на инфлацијата на 2,2 отсто. До крајот на годината ќе зајакне куповната моќ на домаќинствата, а по нормализирање на потрошувачката макроекономското заздравување ќе треба да се забрза, прогнозираат од минхенскиот институт.
Истовремено, до крајот на годината се предвидува уште две намалувања на каматните стапки од страна на Европската централна банка. Според анализите на институтот, бројот на вработените во Германија годинава ќе се зголеми од 45,9 милиони на 46,1 милион работници. Се очекува и зголемување на невработеноста од 2,6 на 2,7 милиони, а следната година повторно да има намалување на 2,6 милиони.
Дефицитот на јавните финансии ќе се намали од 99 милијарди евра на 73 милијарди евра, а следната година ќе се позиционира на 54 милијарди евра, пренесе „Сеебиз“.
фото freepic