Економија
Во трговската војна нема победник, но губитници се потрошувачите!
Митко Јовановски | Авторот е новинар во Економија и бизнис
Економија и бизнис | печатено издание | 15 јуни 2024г.
Глобалната економија наспроти заштитата на националните економски интереси
Разгорувањето на трговската војна меѓу САД и Кина се заканува да го промени сегашниот мултилатерален трговски систем. Во намерата да ги заштити своите економски интереси, администрацијата на Вашингтон се обидува да придобие нови сојузници во Европската Унија во најавениот царински спор против кинеската експанзија на глобалниот пазар на електрични автомобили. Со одлуката на Вашингтон се предлага воведување на високи царини за кинеските батерии за електрични возила, за компјутерските чипови и за медицинските производи. Следуваше одговорот од Пекинг, со воведување на санкции за американските компании од наменската индустрија.
Безбедносната криза на територијата на Европа и заострувањето на тензиите на Блискиот Исток во изминативе години веќе доведе до „делумна“ фрагментација на глобалната трговија. Последиците од нарушувањето на балансот во меѓународните трговски односи сè повеќе доаѓаат до израз и се манифестираат со преземање на низа „изнудени потези“, пред сè, од развиените пазарни економии во обид да се заштитат од конкурентските компании од Истокот.
Поделба на економски блокови
Анализите на Меѓународниот монетарен фонд укажуваат на последиците од натамошната поделба на економски блокови. Остварувањето на ова сценарио ќе ја одложи и ќе ја поскапи енергетската транзиција, а вложувањето во обновливи извори на енергија и во електричните возила би се намалило за една третина до 2030 година. ММФ повика и на постигнување на договори за гарантиран промет на основните прехранбени производи и на критичните минерали за да се стабилизираат пазарите со земјоделски производи и со енергентите со што би се заштитиле неразвиените земји од нови ценовни шокови.
Прашањето што сега би се поставило од позиција на земјите кои се неутрални набљудувачи во овој царински спор на големите играчи се однесува на тоа колку е оправдано да се започне нова трговска војна меѓу САД и Кина. Во дипломатското надмудрување на релација Вашингтон − Пекинг недостасува објективната оцена за тоа дали воведувањето на повисоки царини е одраз на примената на „нефер трговска практика од кинеските компании“ или тоа е обид на високоразвиените земји за промовирање на политиката на протекционизам и на заштита на домашната индустрија.
Според Катерина Тошевска Трпчевска, професор на Економскиот факултет во Скопје, најавите од САД за зголемување на царинските стапки за увоз на електрични возила од 25 на 100 отсто произлегуваат од стравот на американската економија да се справи со очекуваниот зголемен увоз од преголемото производство на кинески електрични автомобили, што веќе не може да се реализира на домашниот пазар и се заканува да ги преплави американскиот, европскиот, а и другите пазари во светот.
− Доколку дојде до вакво зголемување на царинските стапки, тоа секако значи продолжување на трговската војна што започна меѓу САД и Кина уште во 2018 година. Овие најави од САД се прават исклучиво за заштита на домашната автомобилска индустрија која не е доволно конкурентна во споредба со кинеската, но секако приказната не е толку едноставна. Ако погледнеме наназад од поголемо временско растојание, корените на проблемот произлегуваат уште од 2014 година со програмите на кинеската влада за поддршка на производството на електрични возила, што треба точно да се истражи за каква поддршка станува збор и дали се работи за примена на недозволени субвенции за да ги обвините дека станува збор за „нефер трговска практика“, ни изјави Тошевска Трпчевска, професор по предметот Надворешна трговија.
Глобалната економија и претходно била изложена на ризиците од почнување на трговски војни. Пред неколку години, светот се соочи со одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ја заштити домашната индустрија со воведување на царина од 25 отсто за увозот на челик и царина од десет отсто за увозот на алуминиум. Одговорот од Европската комисија беше дека ќе воведе повисоки давачки за одредени американски производи. Историски гледано, политиката за заштитата на домашната економија ја користеле земјите во развој додека ги граделе своите индустриски потенцијали. Најчесто применувана протекционистичка мерка се царините за одредени увозни производи, претежно од земјоделскиот сектор. Организацијата за земјите извозници на нафта ОПЕК често пристапува и кон воведување на производни квоти за да влијае на цената на нафтата на светските пазари. Во последно време сè почесто е воведувањето на стандарди за производите со кои се ограничува увозот на производи од други земји. Исто така земјите во намера да ја зголемат својата конкурентска позиција пристапуваат и кон одобрување на високи субвениции преку директни плаќања или одобрување на заеми со ниски камати за домашните извозни компании.
Загуби на глобалниот БДП
Светската трговска организација има дефинирано неколку случаи во кои земјите можат да пристапат кон зголемување на царинските стапки за да се заштитат, појаснува професор Катерина Тошевска Трпчевска. Тоа е во услови кога трпат штета при увоз на стоки што биле субвенционирани во домашната економија, при увоз на стоки што се продаваат по дампинг цени и предизвикуваат штета на пазарот каде што се увезуваат и во услови кога станува збор за неочекуван развој на настаните и зголемен увоз што се заканува да предизвика сериозна штета на домашното производство.
− Во случајов САД се заканува да ги зголеми царинските стапки без спроведување каква било истрага во согласност со правилата на СТО, што укажува дека ваквите мерки не се во согласност со правилата. Но, сепак, за да може да обвините некој дека не ги почитува правилата мора да се види по која основа ќе бидат воведени зголемените царини, а тоа во моментов не е можно бидејќи тие сè уште се во најава. Истовремено, во Европската Унија се спроведува истрага за увозот на кинески електрични автомобили и за обемот и за видот на субвенциите што тие ги примиле во текот на нивното производство што, на прв поглед, е повеќе во согласност со правилата на СТО. Исто така најавите за зголемување на царинските стапки од ЕУ се со многу помал износ и се движат меѓу 15 и 30 % дополнителна т.н. компензаторна царина, вели Тошевска Трпчевска.

Претходно од Европската комисија се изјаснија дека ќе се одлучат за „водење на порелаксиран пристап“ кон кинескиот наплив на евтини производи на европските пазари. Борбата против растечката извозна сила на Кина беше тема и на состанокот на министрите за финансии од Г7 во Италија. Францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер, по состанокот на најмоќните економии во светот, изјави дека е неопходно да се избегне трговската војна со Пекинг, но додаде дека ќе ги заштитат своите индустриски интереси кои се соочуваат со „неправедни трговски практики од Кина“.
− Доколку дојде до поголема ескалација на трговската војна, односно покрај секторот на електрични автомобили, батерии и акумулатори се зафатат и други сектори, навистина постои опасност од т.н. деглобализација или поделба на меѓународната трговија во случајов на два големи геополитички блока. Според истражувањето на СТО, на долг рок ваквата поделба може да доведе до загуби на глобалниот БДП од 5 %, што е значително. Сепак, предвидувањата не може да се земат целосно предвид бидејќи сè уште не е познат каков би бил одговорот на Кина доколку дојде до воведување на зголемени царини од САД. Во случајот на Македонија, јас би рекла дека иако нашата земја е мала и увозно зависна економија, сепак таа не е вклучена во синџирите на снабдување за електрични возила и не очекувам какви било влијанија. Но, доколку трговската војна ескалира и се зафатат и други сектори, во тој случај ќе треба да се направат дополнителни анализи за да се види каде и како би се почувствувале влијанијата за македонската економија, заклучува професор Катерина Тошевска Трпчевска.
Европската Унија подготвува одговор на поевтините кинески електрични производи, а одлуката за воведување на царини за кинескиот увоз се очекува да биде донесена по одржувањето на европските избори на деветти јуни. Европската комисија во април, освен за автомобилите, за железницата и за соларните панели, отвори истрага и за нефер трговска практика за производителите на ветерните електрани кои се субвенционирани од кинеската влада. Кина кон крајот на јануари отвори антидампинг истрага за увоз на алкохол од Европа, што експертите го видоа како одговор на француското лобирање за царини за кинеските електрични возила.
Европската автомобилска индустрија, која создава седум отсто од европскиот бруто-домашен производ, е поделена за воведување на царините. Германските производители на автомобили, кои се повеќе зависни од Кина, се противат на воведувањето на царини поради стравот од воведување на контрамерки од Пекинг. Кристијан Линднер, германскиот министер за финансии, јасно посочи дека „германската економија ќе изгуби многу од ескалацијата на трговските тензии со Кина“. „Трговските војни носат загуба за сите, а во нив не може да се победи“, изјави Линднер.
Извозот на кинески електрични автомобили се зголеми за трипати во последниве четири години. Во 2019 година, кинеските возила учествуваа со помалку од седум отсто од европскиот увоз, а минатата година достигна 25 отсто. Во истиот период, европскиот извоз во Кина порасна само за 0,4 отсто. Во оваа трговија посебно е спорен ценовниот јаз меѓу европските и кинеските електрични возила.
Доколку сакате да се претплатите и да го добивате печатеното издание на адреса што вие ќе ја посочите, без трошоци за достава, кликнете ТУКА.