Општество

ЖЕНИТЕ НА БЕДЕМОТ НА ОТПОРНОСТ КОН НЕПОГОДИ

УНДП конференција: Родовата еднаквост во намалувањето на ризиците од катастрофи

Економија и бизнис | печатено издание | 01 јули 2024г.

Кристина Плечиќ, специјалистка за родови прашања во УНДП


Верувам дека овој наслов звучи чудно. Тоа е така затоа што обично сме навикнати да слушаме за жените како жртви и како пасивни играчи во случаи на непогоди. Кога размислуваме за родовиот аспект на климатските промени, поточно на кој начин непогодите влијаат различно врз жените и мажите, прво што ни паѓа на памет е ранливоста на жените. Жените се тие кои очекуваме први да бидат евакуирани со чамци или со хеликоптери заедно со децата, со лицата со попреченост, со ранливите. Тие се во групата на тие на кои им е потребна помош, а мажите, како посилни, се тие кои се вклучени во спасувачката акција.
Не е дека ваквата перцепција е погрешна. Жените навистина во поголема мера се поранливи во случаи на катастрофа, најмногу поради нивната родова улога, односно поради фактот што поминуваат поголем дел од времето дома и се грижат за децата, за домот, за покуќнината, за стоката.
Постојат многу примери во светот (како на пример, за време на ураганот Харви во 2017 година во САД) кога многу жени, и покрај сите предупредувања, одлучиле да не сe евакуираат од ризичната област. Ќе се запрашаме зошто. Но, ако знаеме дека речиси во целиот свет жените и девојчињата се тие кои имаат обврска, лично и професионално, да се грижат за децата, за старите лица и за лицата со попреченост, можеби ќе ни стане јасно зошто си го ставиле сопствениот живот на ризик.
Ова, се разбира, е воопштена слика бидејќи не можеме сите жени и сите мажи да ги ставиме во иста рамка. Факторите како место на живеење, попреченост, сиромаштија, етничка припадност, старост, ја зголемуваат ранливоста и кај мажите и кај жените. Родовите улоги се само дополнителен фактор што може да придонесе кон ранливоста. Дополнително, анализите покажуваат дека жените од руралните области дополнително се соочуваат со поголема ранливост и ризици за време на катастрофите поради фактори како што се ограничениот пристап до ресурси, неинформираност, исклученост и непоседување одредени вештини, на пример пливање кога ќе се случат поплави.
Важно да се напомене е дека по катастрофи, ранливоста на жените и на девојчињата е зголемена, особено кај бремените жени и жените со циклус кога пристапот до санитетски производи и до медикаментозна терапија е ограничен. Освен тоа, во многу случаи, по катастрофа, се зголемуваат и случаите на родово базирано насилство, сексуални напади, физичка злоупотреба и трговија со луѓе. Ова често произлегува од стрес поради финансиски проблеми, нарушено ментално здравје поради преживеаната катастрофа/траума, зголемена употреба на супстанции итн. Сексуално насилство може да се случи во преполни засолништа или во привремено сместување каде што доаѓа до пораст на агресивното однесување, вклучително и сексуална агресија.
Сите овие аспекти и специфики на одредени групи во заедницата треба да се земат предвид кога се планираат и се подготвуваат стратегиите и плановите за намалување на ризиците од катастрофи доколку сакаме да бидат успешни. А да бидат успешни подразбира не само помош во случај на непогода туку и превенција и успешно опоравување после тоа. Во сите тие фази мора да се внимава на тоа да не дозволиме непогодата да биде причина за продлабочување на веќе постоечките родови, социјални, економски или други јазови.
Но, дали постои и друг аспект во однос на ова прашање?
Кога зборуваме за намалување на ризиците од катастрофи, многу ретко се гледа на жените и на други групи во општеството како активни чинители, како некои што можат да понудат решение, кои можат да „спасат други во случај на катастрофа“. Многубројни анализи на ОН покажаа дека мажите и жените имаат различен тип на ранливост, но и различни механизми за справување со климатските промени и со непогоди. Постојат примери во светот кога жените со своите вештини, автентични познавања на околината, на земјиштето, на почвата и на вегeтацијата на местата каде што живеат нашле ефикасни решенија за спречување на непогоди како поплава, суша или сл.
Kако и да ја свртиме монетата, едно е сигурно, а тоа е дека мораме да го зголемиме учеството на жените и на ранливите групи во сите фази и на сите нивоа на планирање на отпорноста кон катастрофи, вклучително и финансиските планови. Со вклучување, со охрабрување и со учење од жените, можеме да понудиме иновативни, паметни и ефикасни решенија кои ќе помогнат во исполнување на нашите ветувања за борба против климатските промени, поголема одговорност кон идните генерации, но и до спасување на човечки животи.



Промовирање на активностите на УНДП за подобрување на економскиот амбиент во земјава, за остварување побрз економски развој, за заштита на животната средина, итн.

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано