Економија
Во светот расте бројот на луѓе без пристап до струја
17.06.2024
Бројот на луѓето во светот без пристап до електрична енергија пораснал за прв пат во период од една деценија, од 675 милиони во 2021 на 695 милиони во 2022 година, се наведува во најновиот Извештај за напредокот во областа на енергетиката на глобално ниво. Во изработка на извештајот учествувале Меѓународната агенција за енергетика , Меѓународната агенција за обновливи извори на енергија , Одделението за статистика на ОН, Светската банка и Светската здравствена организација. Во извештајот се предупредува на сериозниот јаз во пристапот на електрична енергија во земјите во светот, објави „Балкан енерџи њуз“.
Растот на населението, посебно во земјите од подсахарска Африка, придонесоа за зголемување на бројот на луѓето без пристап до струја. Глобалната енергетска криза, инфлацијата, растот на долгот на државите со ниски приходи и зголемување на геополитичките тензии дополнително ја влошија состојбата во снабдувањето со електрична енергија.
Во извештајот се наведува дека 2,1 милијарди луѓе се уште користат штетни горива за приготвување на храната. Загадувањето на воздухот од домаќинствата кои користат загадувачки горива и технологии за готвење, секоја година предизвикуваат 3,2 милиони предвремени смртни случаи.
Позитивен знак е тоа што потрошувачката на енергија од обновливи извори на енергија пораснала за повеќе од шест отсто на годишно ниво во 2022 година. Учеството на обвновлива енергија во глобалната потрошувачка изнесува 28,2 отсто. Инсталираниот капацитет на обновлива енергија по глава на жител достигна ново највисоко ниво и изнесува 424 вати во 2024 година.
За да се постигнат целите на одржлив раст, потребни се итни акции. Во спротивно до 2030 година околу 660 милиони луѓе ќе немаат пристап до електрична енергија. Околу 1,8 милијарди луѓе ќе немаат пристап до чисти технологии и горива за приготвување јадења, информира „Балкан енерџи њуз“.
фото freepic