Вести

Mожеме да направиме многу повеќе и за одржливоста на индустријата и за иднината на целосниот екосистем

ЦЕНТАР ЗА ЦИРКУЛАРНА ЕКОНОМИЈА

пишува: МАРИЈА ДУКОВСКА ПАВЛОВСКА, претседател на Центарот за циркуларна економија при СКСМ
Економија и бизнис | печатено издание | 01 мај 2024г.

Живееме во време кога е потребно да го направиме клучниот чекор напред кон трансформација, во секој поглед. Ги редефинираме сознанијата и го трансформираме целиот однос кон производните процеси. Во центарот на оваа наша трансформација е животната средина и затоа зборуваме за зелени производи, за зелена агенда, за рециклирање, за репроизвод, за минимизирање на емисиите и за искористувањето на ресурсите.
Циркуларната економија ја дополни оваа цел со овозможување стратегија за одржливост на индустријата и на екосистемот, за сегашноста и за иднината. Оваа стратегија е дизајнирана да постави јасен патоказ за решавање на непосредните предизвици, а во исто време работи на задоволување на потребите на идните генерации преку создавање одржливи решенија кои се усогласени со принципите на циркуларната економија.
Тоа е модел со кој се намалува јазот меѓу производниот циклус и природните екосистеми − од кои зависат луѓето. Овој модел е заснован на принципите на елиминирање на отпадот и на загадувањето, одржување на материјалите во употреба што е можно подолго, обновување на природните системи и се создава економија која работи во хармонија со нашиот природен свет.
Овие заложби сами по себе не ни се нови. И индустријата технолошки веќе ја надмина фазата кога од скршено стаклено шише може да се направи ново шише. Сега иновативно и технолошки сме подготвени моделот на циркуларна економија да го примениме за сите суровини и производи, за сите индустрии. За сѐ да може да се користи што е можно подолго и да се задржи во кругот на суровина, на производ, на секундарна суровина, на секундарен производ и така натаму. И во самото производство да се трошат помалку ресурси, помалку енергија, да се избегнат штетни емисии или токсичен отпад и да се обезбеди подолг век на употреба.
Со вакви глобални трендови сè поприсутна е потребата од навигација во домашната индустрија. Ова е она што нè поттикна и причината за заедничката цел − за создавање на Центарот за циркуларна економија. Знаеме колкава е улогата на циркуларната економија во задоволувањето на потребите на нашево општество и за заштитата на идните генерации, затоа сакаме да им помогнеме на сите во домашната индустрија да одговорат на променливите навики преку циркуларниот деловен модел. Овие цели и конечниот исход од применета на циркуларната економија се доволен мотив за целосна и за бескомпромисна имплементација и напуштање на стариот, линеарен модел, а ова е начин да помогнеме преку нашиот пример и преку примерот на сите оние кои го прифатија овој модел на работа. Како претседател на овој новосоздаден Центар за циркуларна економија и воедно генерален директор на Макстил, со гордост можам да кажам дека нашата компанија е активен поддржувач на овој концепт, на рационално користење на секундарната суровина, на редуцирањето, на реупотребата и на рециклирањето на отпадот. Впрочем, целокупниот метален отпад што се создава низ нашиот производен процес и дел од отпадниот огноотпорен материјал се враќаат повторно во производствен процес. Инертниот и неопасен отпад, како што е троската од електропечка, со процес на деметализација, на дробење и на просејување се дели на фракции и од отпад се трансформира во суровина при што може целосно да се употреби како тампон за изработка на патишта, база за изработка на асфалт, на цемент и на разни цементни производи.
Зелената агенда, од каде што произлегува и обврската за примена на овој перспективен модел, е само потсетување дека можеме да направиме многу повеќе и за одржливоста на индустријата и за иднината на целосниот екосистем.
Транзицијата од линеарен во циркуларен модел носи предизвици, но бенефитот е голем и сестран. Дел од македонските компании го прифатија овој модел на работа, но целта е обезбедување услови и знаење за индустријата во целост да биде циркуларна и одржлива.
Тоа е нашата, на Центарот за циркуларна економија, амбиција, нашата цел и нашата заложба и нешто во што ќе ги вложиме нашето знаење и нашето искуство.

ПРЕПОРАЧАНО