Економија

ММФ предвидува „меко“ приземнување на европската економија

20.05.2024

Меѓународниот монетарен фонд во својот последен регионален извештај  прогнозира економски раст на Европа за годинава од 1,6 отсто, што е благо зголемување во однос  на минатогодишниот раст од 1,4 отсто. Развиените европски економии ќе забележат раст од 0,8 отсто, додека растечките европски економии ќе забележат просечен раст од 3,1 отсто.

Според проекциите на ММФ, Германија која е најголемата еконономија во Европа  годинава ќе излезе од рецесијата и ќе забележи скромен раст од 0,2 отсто, по минатогодишниот пад од 0,3 отсто. Годинава се очекува и забавување на растот на француската, италијанската и шпанската економија во споредба со 2023 година.

Земјите од регионот на Југоисточна Европа ќе имаат повисоки стапки на раст, а ако се исклучи Малта со прогнозиран раст од пет отсто, најголем раст на БДП ќе има Црна Гора со 3,7 отсто, Србија со 3,5 отсто и Косово со 3,8 отсто.

Над три отсто раст се прогнозира и за Албанија, Полска, Турција и Хрватска.

ММФ оценува дека Европа е во фазата на „меко приземјување“, односно  намалувањето на инфлацијата може да биде остварена со пониски стапки на економски раст. Од ММФ предупредуваат на опстојување на инфлацијата и на високи инфлаторни очекувања за многу земји од Централна, Источна и Југоисточна Европа и затоа им се препорачува задржување на рестриктивната монетарна политика, пренесува „Данас“.

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано