Економија
Инфлацијата во Аргентина забавува на месечно ниво
15.05.2024г.
Инфлацијата во Аргентина забавува четири месеци по ред, но годишната стапка изнесува 300 отсто. Месечната стапка на инфлација изнесува 8,8 отсто, во споредба со 11 отсто во март. Годишната стапка на инфлација во Аргентина во април изнесуваше 289,4 отсто, објави официјалната статистичка агенција ИНДЕЦ.
Претседателот на Аргентина Хавиер Милеи ја наследи тешката економска криза во земјата, која имаше најголема инфлација во светот. Новата администрација спроведе строги мерки за штедење, кои вклучуваа и намалување на јавната потрошувачка и намалување на буџетскиот дефицит. Аргентинската власт отпушти 50.000 работници од јавните служби, ги откажа договорите за јавните работи и ги укина субнциите за гориво, пренесе „Фена“.
Од ММФ ги пофали мерките на аргентинската влада и најавија одобрување на заем од 800 милиони долари за Аргентина.
Економистите ги критикуваат мерките за преголемото штедење и предупредуваат на намалување на личната потрошувачка.
- Ова е објаснувањето зошто има драматично намалување на потрошувачката и зошто се намалува инфлацијата, изјави Моника де Боле, виш соработник за меѓународна економска соработка.
Според официјалните податоци, нивото на сиромаштијата во Аргентина се приближи на 50 отсто што се должи на намалување на економската активност.
фото freepic