Економија

Нов економски модел на Македонија базиран на партнерски однос држава-приватен сектор

03.04.2024г.

Фондацијата „Фридрих Еберт“ иницира јавна дискусија за научната студија „Нова ера, нова надеж“ 

Досегашниот пристап на државата и нејзината улога во меѓународнот економски систем, заснован пред се на неолибералните постулати, нема да функционира во иднина. Затоа, мораме да воспоставиме нов концепт на водење на економијата во кој државата и приватниот сектор се партнери. Економија во која улогата на државата не е препознаена само во време на кризи, туку и во добри времиња кога треба да се јакне државата на благосостојба, изјави Ивана Вучкова, проект менаџер во канцеларијата на Фондацијата „Фридрих Еберт“ во Скопје, на вчерашната промоција на научната студија „Нова ера, нова надеж“, во чија изработка учествувааврвни економисти, научници, професори, политичари и професионалци, кои изнесоа стручни согледувања за тоа што ја очекува македонската економија во екот на неколкукратните кризи кои го зафатија светот. 

Оваа публикација се состои од осум труда, во кои се нудат предлог решенија и политики за зајакнување на улогата на државата, унапредување на отпорноста на домашната економија, надминување на енергетската криза и уживање на придобивките од енергетската транзиција, како и градење на подобар социјален систем. 

-       Намерата на овие трудови не е догматски да се постават насоки за тоа каде треба да се движи македонската економија. Целта на оваа студија е да отвори јавна дебата и за да се размислува за големата слика за тоа што е важно за идниот развој на македонската економија на долг рок. Првата област која е разгледувавме е важноста на фискалниот простор што и стои на располагање на Македонија, а кој е понизок во споредба на просекот на земјите од Европската Унија. Прашањето е како да влијаеме на подобрувањето на потенцијалниот производ преку подобрување на продуктивноста, спречување на намалувањето на работната сила и привлекувањето на капиталот, изјави Драган Тевдовски, универзитетски професор.

За вториот труд за важноста на улогата на државата во справување со кризите зборуваше академик Абдулменаф Беџети, кој нагласи дека во сите извештаи Македонија се споменува како земја со слаб институционален капацитет и неефикасна јавна администрација.

Олимпија Христова-Заевска, од Елсон Солушанс посочи на потребата на промена на моделот за привлекување на странски директни инвестиции и подобрување на апсорционата моќ за привлекување на капиталот, преку интензивно инвестирање во науката и образованието во нашата земја.

Универзитетскиот професор Ванчо Узунов се осврна на слабостите на досегашниот модел за постигнување на повисок економски раст кој се базираше на евтина работна сила.

-       Не сфативме навреме дека околности на пазарот на работна сила се менуваат. Во иднина состојбата со недостиг од квалификувани работници ќе се влошува. Решението е во подобрување на продуктивноста и подобрување на образовниот процес. Наместо да пресликуваме модели од други земји, потребно е да размислуваме како домашната работна сила да биде приспособлива, креативна и ефикасна на подолг временски период, изјави Узунов.

Финансискиот експерт и универзитетски професор Глигор Бишев се заложи градење на нов економски систем во кој, како што вели тој,  ќе се добијат нови економски добитници. Бишев ги посочи примерите на Грција и на Србија кои поминаа низ кризни времиња и кои успеаја од состојба на економска стагнација и на кризи да преминат кон високи стапки на раст.

-       Во извештаите на Светската банка и ММФ се посочува дека 40 отсто од јавните расходи во Македонија се за непродуктивни намени. Имаме негативен мултипликатор на капиталните инвестиции.  Потребен ни е нов начин на продажба и маркетинг во пласирањето на домашното производство, повеќе инвестиции во истражувањето и во зелената транзиција за производство на електрична енергија, забележа Бишев.

На промоцијата на новата студија на „Фридрих Еберт“ беше дискутирано и за јакнење на социјалните системи и борбата против енергетската сиромаштија. Универзитетскиот професор Драган Миновски посочи на непостоењето на национален консензус околу спроведување на единствена енергетска политика во Македонија.   

ПРЕПОРАЧАНО