Интервјуа

Серафимовски: Улогата да бидете носител на работењето е клучот за успехот

Здружение на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите

Економија и бизнис | печатено издание | 15 март 2024г.

Андреа Серафимовски, претседател на Здружение на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите


Во минатото градежништвото беше еден од столбовите на македонската економија. Како ја оценувате тековната состојба во градежниот сектор во земјава и кои се главните предизвици со кои се соочувате?

А. Серафимовски: Градежништвото отсекогаш било една од најзначајните стопански гранки за развојот на домашната економија, а показател за неговата улога и значење е и големината на секторот претставена преку податоците за бројот на активни компании и бројот на вработени, според кои градежништвото опфаќа 7,7 % од вкупниот број на деловни субјекти и 7,1 % од вкупно вработените лица во државава.
Напредокот на градежништвото во земјите од Источна Европа во голема мера зависи од вложувањата и од инвестициите на јавниот сектор, а економскиот раст и развој се креираат преку соодветно планирани капитални проекти. Меѓутоа, проектите сами по себе не се доволни доколку државава нема визија како да обезбеди долгорочен напредок на градежништвото како економски сектор и да креира политики кои ќе овозможат домашните градежни компании да стекнат референци што ќе придонесат за зголемување на нивната конкурентност и излез на странските пазари.
За жал, од тој аспект состојбата во моментов е поразителна, а домашните компании ги преживуваат најтешките моменти од поновата историја, работејќи непоткрепени со долгорочни развојни планови и ставени во позиција во која не можат ниту да го подигнат нивото на конкурентност ниту да одржат каков било развој. Потенцијалот на домашните компании е неискористен и тие се маргинализирани за сметка на странските компании, работејќи под различни услови, особено на инфраструктурните проекти. Големиот број на проблеми од правен карактер, нерешените имотно-правни односи, недоволниот административен капацитет и бавното администрирање на започнатите проекти, недостатокот на стручен кадар, се само дел од причините кои го ограничуваат развојот на домашното градежништво.
Во повеќе наврати укажавме дека градежништвото е на крстопат и дека оттука следува амбис или успех. Тоа зависи како ќе се соочиме со предизвиците за враќање на угледот на домашните компании, донесување квалитетни прописи и гарантирање на еднакви услови за сите учесници на пазарот, како и безусловна поддршка на домашната оператива.

Неодамна во Стопанската комора г. Милковски, врвно име во македонската градежна индустрија, кажа дека речиси сè што е направено во земјава е направено од домашни градежни компании. Што треба да се направи за тоа домашните компании да бидат вклучени во инфраструктурните проекти како главни изведувачи, а не како подизведувачи? Дали пренасочувањето кон изградба на станбени и деловни објекти може да биде долгорочно одржливо решение за градежните компании?

А. Серафимовски: Речиси и да нема позначаен проект во минатото во кој не биле вклучени домашни градежни компании. Придобивките од ангажирање на локални изведувачи се повеќебројни дури и кога проектот примарно се реализира од странски изведувач – домашните компании подобро ги познаваат националната легислатива и стандарди, имаат поголемо искуство во процедуралните аспекти на постапката за градење, запознаени се со временските прилики, со климатските услови и со околината каде што се одвиваат градежните активности. Но, улогата да бидете носител на работењето е клучот за успехот, улога која носи развој, нуди перспективи, но и покренува капацитети и благодети од нови знаења. Овие предности примарно се привилегија на компаниите, но секундарно се од големо значење за домашната економија. Целта е нашите компании да ја подигнат конкурентноста и да го реализираат својот потенцијал, што ќе придонесе за подобар и задоволен кадар од секој аспект.
Пренасочувањето само кон високоградбата не може да се смета за долгорочно одржливо решение со оглед дека развојот на државава зависи од развојот на целокупната инфраструктура, вклучувајќи ја и транспортната каде што има голем потенцијал. Поради тоа, крајно време е сите ние како чинители во градежништвото што поскоро да креираме развојна стратегија со поставување на краткорочни и на долгорочни цели со што на градежништвото ќе му го вратиме приматот во стопанството што го заслужува. Од вклученоста на домашните компании во претстојните проекти на двата паневропски транспортни коридори кои минуваат низ земјава ќе зависи и колку тие ќе понесат референци кои ќе придонесат за нивно враќање и поголем ангажман на странските пазари во иднина.
На прашањето што треба да се направи за домашните компании да бидат изведувачи на инфраструктурните проекти може наједноставно да се одговори – државава да создаде деловен амбиент за тие да си го одработат своето. По примерот на развиените држави, таквата цел може да се оствари доколку при креирање на регулативата и на условите во тендерските постапки се води сметка за „домашната компонента“ и за реалните состојби на домашниот пазар.
Моменталната ситуација тоа не го дозволува − постапките финансирани од странски кредитори (ЕБРД, Европска инвестициска банка, Светска банка итн.) содржат специфични услови што ги бара кредитодавателот без да се води сметка за локалниот контекст поради што нашите компании не може да настапат самостојно или како лидери во конзорциум, додека постапките финансирани од домашен буџет најчесто го пропишуваат критериумот најниска цена. Поради ова референтни компании се доведуваат во ситуација во однос на првите проекти да работат како подизведувачи на странски компании, а во однос на вторите да се борат со нелојална конкуренција на пазарот која нуди многу ниски цени кои не соодветствуваат со реалните.

Ниското ниво на животен стандард во земјава и порастот на каматните стапки на кредитите во земјава упатуваа на тоа дека побарувачката за станови ќе се намали, но тоа не се случи. Како ја објаснувате оваа ситуација? Дали имате податоци за тоа кој купува станови? Домашни лица, странци...?

А. Серафимовски: Оваа ситуација би можела да се објасни со тоа што инвестирањето во недвижности и натаму останува сигурна инвестиција. Очигледно е дека граѓаните инвестирањето во недвижности го гледаат како еден начин за заштита на капиталот при висока инфлација, а што се однесува до каматните стапки, каматите на станбените кредити останаа релативно поволни. Според нашите сознанија, особени промени во структурата на побарувачката на станови нема, купуваат домашни, но и странски лица, млади брачни парови, лица кои планираат семејство, како и сите останати лица кои стекнале одреден капитал, а сакаат да го инвестираат во недвижност...

Во изминатиов период порастот на цената на становите се поврзуваше со инфлаторните ефекти, со порастот на цената на градежните материјали и со порастот на платите на градежните работници. Дали е нешто изменето на тој план? Какви се вашите очекувања во наредниот период во однос на цената во земјава за еден квадрат станбена површина со стандарден квалитет? Во некои земји од регионот цените почнаа да се намалуваат.

А. Серафимовски: Цената на становите ја одредуваат повеќе фактори, пред сѐ побарувачката и цената на влезните трошоци за: работна рака, градежни материјали, комуналии и слично. Побарувачката е стабилна, а цената на влезните трошоци не се намалува. Оттука очекувам стабилизација на цените на становите кон крајот на годинава и почетокот на следната, но таа стабилизација би значела цена повисока за 30 до 40 % од цената пред пандемијата во зависност од трансакциската активност во општините каде што се наоѓаат становите. Истовремено очекувам и тренд на изградба на луксузни станбени единици со примена на нови технологии и поквалитетни услови за живот, меѓутоа нивните цени не би биле репер за каква било генерална споредба на цените на становите.

Како ги оценувате постојните и идните активности на македонските градежни компании на странските пазари? Дали таму се крие шансата за развој?

А. Серафимовски: Странските пазари, особено по пандемијата, станаа тешко достапни за домашните компании најмногу поради тоа што земјите од регионот, но и пошироко, најдоа начин како да ја поддржат домашната оператива и да ги зајакнат сопствените градежни капацитети. Кај нас сликата е сосем поинаква – поразително е што 96 % од капиталните проекти ги градат странски компании. Во градежништвото важи правилото дека доколку не сте моќни дома, нема да може да бидете ни надвор. Додека не обезбедиме услови за создавање развојни и конкурентни компании на домашниот пазар, не може да очекуваме нивен продор на странскиот пазар. Државава треба да се фокусира на тоа со оглед дека тоа е тренд и на светско ниво – само треба да ги следиме позитивните примери.

ПРЕПОРАЧАНО