Економија

За колку ќе се намали цената на струјата со помала „универзална“ маржа?

автор: Митко Јовановски

26.02.2024г.

Најдоцна до шести април годинава ќе треба да заврши процедурата за избор на нов универзален снабдувач во следните пет години. Од Владата очекуваат со пониската маржа да се намалат сметките за струја за граѓаните и за малите потрошувачи. Согласно информациите на Комисијата за спроведување на изборот на новиот универзален потрошувач, кои беа објавени по отворањето на понудите трите економски оператори, имаат понудено бруто маржи од: 11,4%, 11,4% и 11,45%.

- Во зависност од земјите има различни стапки на маржа, кои се применуваат од универзалниот снабдувач. На пример, во Астрија нема неплаќање на сметки за струја. Во Словенија има минимална маржа, во Хрватска е нешто повисока. Како се симнуваме надолу кон југот има повисоки маржи. Во Македонија, сега е 11,5 отсто. Доколку се намали нејзиниот процент, се остава простор за намалување на сметките за струја за малите потрошувачи по основ на пониска маржа. Во случај да има намалување на маржата за 1,5 отсто од сегашното ниво, според нашите пресметки, цената во првиот тарифен блок и за евтината тарифа кај редовните потрошувачи би се намалила од 1,44 до 1,2 отсто, ни изјавија од Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурси.

Според процедурата, после евалуацијата на економско-финансиската и на техничката способност на понудувачите, економските оператори чии понуди ги исполнуваат условите согласно критериумите наведени во тендерската документација ќе бидат поканети да учествуваат на негативно наддавање преку електронска аукција. Како почетна вредност ќе се земе најниската од понудените маржи на економските оператори чии понуди ги исполнуваат условите согласно критериумите наведени во тендерската документација.

Понудувачот кој на електронската аукција ќе понуди најниска маржа ќе биде поканет да го потпише Договорот за универзален снабдувач со електрична енергија, кој би се применувал од јуни 2024 година.


фото freepic

 

ПРЕПОРАЧАНО