Економија

Во Македонија има интерес и за скап активен туризам

Дејан Азески | Авторот е историчар, новинар и публицист

Економија и бизнис | печатено издание | ноември 2023г.

Репортажа од шестата едриличарска регата Закинтос 2023


Никој или малку од медиумите објавија за големата македонска регата на големи едрилици (јахти) која се одржа во Грција минатиот месец и на која учествуваа дури 17 екипажи со исто толку големи едрилици. Импресивно звучи колку Македонците се гладни за некои трендови кои во светот одамна се нормалност и колку не ги познаваме и не ги цениме нашите ентузијасти. Во секој случај, со овој грандиозен настан се испрати една импресивна порака дека развојот на туризмот кај нас, а особено оној елитниот, ни оддалеку не е завршен и дека допрва масовно ќе ни доаѓаат нови трендови на кои сите ќе мора да се прилагодуваме.


Едриличарскиот клуб „Нов ветер“ од Скопје од 7 до 14 октомври ја организираше шестата меморијална регата „Славе Герасимовски“ (истовремено и државно првенство на Македонија) која се возеше на патеката Лефкада − Кефалонија − Закинтос − Итака − Лефкада. Во натпреварувачкиот дел беа вклучени дури 17 едрилици со македонски екипажи кои не броеја помалку од 150 лица. Исто така трките и општо движењето на флотилата се следеа и онлајн, што само по себе покажува колку овој спореден спорт кај нас (а сè попримарен во светот) станува популарен дури и во држава која нема излез на отворено море.

ДО ПОСЛЕДЕН МОМЕНТ НЕ ВЕРУВАВ ДЕКА ИМАМЕ ТОЛКУ СКИПЕРИ И ЕКИПАЖИ
Кога од јахтинг клубот Охрид лејк сејлинг, каде што претходно ја завршив обуката за едрење, ме поканија на регата во Грција бев убеден дека тоа е некоја трка од меѓународен карактер во која ќе учествуваат една-две едрилици од Охрид и уште неколку изнајмени со ентузијасти од Скопје. Но, кога стигнавме на пристаништето или попрецизно молот во Лефкада доживеав позитивен шок, таму на сите бродови кои беа врзани еден до друг се зборуваше македонски. Сцената буквално изгледаше како од историските приказни за опсадата на Саламина кога некоја странска флота тргнала да ја освојува Грција. Ние, за среќа (наша), не бевме со такви намери и нашето освојување беше само спортско и културно во насока на ширење на пријателство, што е и еден од основните постулати на цивилното едриличарство.
Како и да е, веќе следното утро тргнавме и сликата навистина беше импресивна (низ тесниот канал кој ги поврзува Лефкада и Кефалонија покрај приватниот остров Скорпиос на Аристотел Оназиз) кога се развеаја дури 17 македонски знамиња плус симболите на бројни македонски фирми, организации и институции подржувачи на овој специфичен спортски настан.


Третиот ден веќе почна најимпресивно со трката на отворено море меѓу островите Кефалонија и Закинтос каде што, за жал, ветрот нè послужи само во првите два часа, а останатите четири или пет беа право мачење и бараа да се исцедат и последните идеи и обиди за оној малку ветер да се преточи во каков-таков погон напред. Како и да е, трката не беше прекината, што значи дека целата ноќ во големото пристаниште во Закинтос ја поминавме во меѓусебни дружења и нормално неизбежни превирања за тоа кој имал среќа, а кој со чисто знаење остварил добар резултат претходниот ден.
Наредниот ден чисто туристички ја посетивме најпознатата плажа на Закинтос и во Грција „Шипврек“ каде што од големиот брод кој беше фрлен дури на врвот на плажата можевме директно да учиме за силата на морето кое е особено брутално кон оние кои не го почитуваат доволно.
Слично како и на првата, импресивно беше и на втората трка по два дена, која се одвиваше меѓу островите Итака и Лефкада со попатни свијни точки на два помали острови. Оваа патека која даваше можност за покажување на знаењето во повеќе категории од првата дополнително зад себе ни остави преубави слики како на фотоапаратите и на дроновите така и во нашите глави.
За мене сепак најимпресивна слика беше кога се собравме сите во еден мал залив и ноќта ја поминавме не врзани во пристаниште, туку закотвени врзани еден со друг во мајсторски наместена платформа. Тоа буквално ме потсети на некои други времиња кога луѓето се дружеа на кампување и по цела ноќ не спиеја посетувајќи се и дружејќи се едни со други. Е токму така беше и на оваа регата.
Најважно од сè, на крај сите заедно се собравме и прославивме во Јахт клубот во Лефкада за кој, по моја слободна проценка или обид да избројам, имаше барем илјада катарки од други јахти на едра кои очигледно стануваат сè попопуларни во светот. Или статистички, на отприлика сто такви едрилици можеше да се најде еден моторен глисер. Статистика која, за жал, кај нас во Охрид е сосема обратна.

КОЛКУ ЧИНИ ЗАНИМАВАЊЕТО СО ОВОЈ ЕЛИТЕН СПОРТ?
Како што и самиот наслов кажува, ова не е спорт ниту за аматери без никаква обука (бидејќи знае да биде страшен, па и ризичен) ниту за луѓе кои не го сакаат бидејќи директните и индиректните трошоци се навистина големи споредени со друг тип на спортови кои се практикуваат кај нас.
Сепак, кога се пристапува колективно или народски кажано другарски, трошоците и не се толку големи, па дури може да се каже дека со помали од едно скијање.
Едрилица или попрецизно кажано јахта на едра (со отприлика четири кабини − за вкупно осум или десет луѓе) во сезона не може да се изнајми под четири или пет илјади евра. Но, нашите искусни скипери затоа регатите ги организираат вонсезона кога оваа цена паѓа на половина или уште помалку плус попустите кои се добиваат за групно изнајмување на повеќе едрилици.
Не може да се каже точен просек бидејќи беше различно на секоја едрилица, но генерално на регатата можеа да се најдат и кревети по 250 евра (за сите седум дена) плус дополнителни трошоци како гориво (едрилиците трошат многу малку за разлика од глисерите), пристанишни такси (таму каде што ги има), дотур на вода (таму каде што се наплаќа), храна за на брод (генерално од Лидл) кои сите заедно не премашуваат 150 евра. Значи за 400 евра или еве ако нешто заборавивме 500 евра можат да се поминат седум прекрасни дена на море занимавајќи се со истовремено активен, но и за наши стандарди елитен тип на туризам. Тоа е отприлика цената која ја троши по човек просечно македонско семејство кое оди во ресортите во Турција, во Египет или во Тунис. Нормално сета оваа математика е само минимумот со сопствен екипаж. Инаку познато е дека јахти во светот со екипаж и послуга се изнајмуваат и за по 30 илјади евра на ден, а супер јахтите со посебни услуги одат и до стотици илјади евра за 24 часа, но за ентузијасти и за почетници како нас ова што го видовме е сосема доволно.
Најголем финансиски проблем со овој спорт е веројатно што тој дејствува како некој вид заразна болест која кога еднаш ќе те префати никогаш не те пушта. Па така, од една регата оваа година ќе бараме три, па пет наредната за на крај, како и многумина во светот, можеби и целосно да се преселиме и да живееме на некој брод. Од тој долгорочен аспект гледано, овој спорт е навистина убедливо најскап во светот, поскап дури и од авијацијата.
Но, ако се контролираат желбите и нагоните и ако ова остане само хоби, навистина постојат нормални финансиски рамки во кои може да се функционира.


 

Во Охрид активно функционира школа за едрење по меѓународна лиценца

Ваквиот тип на крупно или јахтинг едриличарство кај нас функционира петнаесетина години, а позитивно е што оваа година во Охрид во рамките на јахтинг клубот (Охрид лејк сејлинг) се отвори и првата професионална школа по меѓународна лиценца.
За само една летна сезона школата продуцираше дури пет екипажи едриличари од кои голем дел веќе се натпреваруваа во Грција.
Обуката во школата на ОЛС трае седум дена и 100 % од самата обука се одвива во рамки на пловен објект едрилица.
Од школата веќе најавија и интензивирање на обуките за следната сезона, како и нивно проширување во морски услови во заливот кај градот Волос во Грција.

ПРЕПОРАЧАНО