Економија
Бислимовски: ЕСМ да ги искористи поволните берзански цени
автор: Митко Јовановски
23 02 2024г.
Цените на енергијата во Европската Унија продолжуваат да паѓаат, а намалување на цените има и кај природниот гас, кои го постигнаа нивото од есента 2018 година. Како резултат на овие берзански движења, цената на електричната енергија е намалена за 60 отсто во декември 2023 година, во споредба со претходната година. На берзата Хупекс во четвртокот просечната цена на базната енергија е 58 евра за мегават час. На ова се пресметуваат и трошоците за транспорт на струјата до Македонија, со што цената достигнува до 64-65 евра за мегават час.
Според информациите од Регулаторната комисија за енергетика производната цена на ЕСМ во овој момент иснесува околу 90 евра за мегават час. По најновите движења на цената на енергентите, претседателот на Комисијата, Марко Бислимовски, препорачува дека „компаниите за производство на струја во Македонија треба да се прилагодуваат на движењата на цените на меѓународниот пазар на електрична енергија“.
- Во овој момент што ни е поевтино да трошиме струја од домашно производство или да купуваме на пазарот по сегашните пониски цени! Но, ние не можеме да го затвориме целосно РЕК и да купуваме струја по пониски цени. Ни треба базна енергија за водење на системот. Но ако ни треба да покриваме пикови, зошто да трошиме наши ресурси и да не купуваме поевтино. Треба да правиме притисок на ЕСМ да се однесува комерцијално. Нивните експерти ги следат случувањата на пазарот на енергија и секако дека купуваат и одредени количини по пониска берзанска цена, ни изјави Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурси.
Во однос на тоа дали можеме да имаме и пониска цена на струјата за домашните потрошувачи, од Регулаторна комисија ни одговорија дека треба да се следат трендовите на берзанските цени на подолг временски период. При одредување на цената на струјата од македонскиот најголем производител се земаат и други параметри (влезни трошоци за експлоатација и увоз на јагленот...).
- Доколку продолжат ваквите поволни трендови со цените на природниот гас и движењата на берзанските цени, можно е да имаме и пониска цена на струјата од втората половина на годината. Во јуни ќе се види бенефитот за македонските компании што купуваат по берзански цени, кои се пониски во однос на минатата година. Корист можат да имаат и малите потрошувачи од четвртиот блок, кои имаат голема потрошувачка на струја. Тие можат да преминат на слободниот пазар на струја. Ние, како Регулаторна комисија им обезбедивме нормални цени за потрошувачите од првиот, вториот и третиот тарифен блок, вели Бислимовски.
фото: РКЕ