Вести

Летувањето во Грција станува поскапо!

22.02.2024г.

Туристичките аранжмани за летување за годинашната туристичка сезона за најпосакуваните дестинации, како што се Грција, Турција, Египет и Тунис, се повисоки за 20 до 30 отсто во однос на минатата година, информираат српските медиуми, на првиот ден од отворањето на Саемот за туризам во Белград. Годинава, поголем интерес кај посетителите на саемот, предизвикаа понудите за Бугарија и за Кипар.

Традиционално, Грција останува најбарана дестинација, за српските туристи. Според понудите на грчките агенции, четиричлено семејство може да помине 10 дена на Халкидики за најмалку 400 евра. Аранжманот за девет ноќевања со автобус до Кефалонија на крајот на јули чини во просек 330 евра.

Според агенциите, аранжманите за Турција можат да бидат поевтини од оние во Грција, додека Тунис е поповолна опција од Египет. Цената на аранжманот за Кушадаси е околу 300 евра, додека на Крф може да се летува за 260 евра. Седум ноќевања во Будва чинат 240 евра на крајот на јули.

Бугарија станува попривлечна дестинација за семеен одмор за Србите, поради близината и поволните цени за одмор во модерните хотелски ресорти, кои се изградени во последните години, пренесува Б92. 

На годинашниот Саем во Белград се претставуваат помалку туристички агенции, поради тоа што многу од нив не опстанаа поради пандемијата со ковид-19 и економската криза во изминатите две години.


фото: freepic

ПРЕПОРАЧАНО