Економија

Во името на народот – популизмот и економијата

Горан Петревски | Авторот е редовен професор на Економскиот факултет, УКИМ

Економија и бизнис | печатено издание | декември 2023г.

Една од најопасните епидемии кои во поново време го преплавија светот е напливот на популизмот, кој не познава никакви граници и подеднакво ги зафаќа развиените и неразвиените, западните и источните земји. Неодамна се појави еден интересен труд посветен на економските последици од популизмот (Manuel Funke, Moritz Schularick, Christoph Trebesch (2023). Populist Leaders and the Economy. American Economic Review, 113(12): 3249-3288.) во кој авторите го анализираат владеењето на 51 популист од 28 земји во периодот од 1990 до 2020 година. Најголем број од популистичките режими може да се сретне во Латинска Америка и во Европа при што подеднакво се застапени двете политички идеологии – левичарите и десничарите.

Гледано историски, забележани се две големи поплави на популизам: едната за време на Светската економска криза во 20-тите години на минатиот век, а другата во 10-тите години на овој век. Историскиот рекорд е постигнат во 2018 година, кога во светот едновремено владееле дури 16 популистички политичари. Изгледа дека некои земји имаат особено погодна клима во која зрее популизмот: на пример, во периодот од Првата светска војна наваму, дури во 40 % од времето Аргентина имала популистички режим; од стекнувањето на независноста во 1945 година, Индонезија минала 32 % од времето под популистичка власт; а слични се процентите и во Италија (29 %), Еквадор (23 %) и Бразил (21 %); во поново време, популизмот фатил најцврсти корени во Словачка, која од стекнувањето на независноста минала дури 57 % од времето под популистичка власт. Ова покажува дека со популизмот нема шега, односно дека тој покажува нагон за самоодржување и кога еднаш ќе се фати, потоа тешко се искоренува.

Интересно, иако е широко распространета неговата употреба, поимот „популизам“ не може прецизно да се дефинира. На пример, пред неколку децении тој се дефинирал како широко народно движење со одредена цел (на пример, земјишна реформа, царинска заштита итн.); подоцна популизмот се опишувал со помош на определени политички карактеристии како: харизматичен политички водач, барања за непосредно одлучување на референдум итн.; според вообичаената економска дефиниција, популизмот означува власт која води кусогледа фискална, монетарна и социјална политика свртена кон посиромашните гласачи; меѓутоа, во поново време, популизмот се опишува како политичко движење кое го дели општеството на два дела – народот (добрите, праведните, чесните) и елитата (лошите, расипаните) при што популистите се прикажуваат како вистински претставници на „обичните“ луѓе кои се загрозени од „другите“ (доселениците, капиталистите итн.).

Тешкотијата при дефинирањето на популизмот лежи во тоа што понекогаш популизмот се доближува или се изедначува со авторитарните и тоталитарните режими (фашизмот, нацизмот), но тоа не е секогаш така, односно некои авторитарни политичари (на пример, Путин) не се вклопуваат во дефиницијата на популизмот. Другата голема тешкотија се состои во тоа што популистите немаат една политичка идеологија, туку напротив, популизмот е подеднакво присутен и кај левичарските и кај десничарските политички партии.

Најчестите одлики на популистите се следниве (ако некој се препознае, тоа значи дека си ја има мувата на капата): харизматичен политичар со патерналистичко однесување (демек, „татко на нацијата“ и слични епитети); неформален стил на човек кој не ѝ припаѓа на елитата (демек, „аутсајдер“, т. е. човек од народот); наклонетост кон поедноставување на сложените проблеми („минималната плата од 500 евра“ или „плата од илјада евра за докторите“); употреба на агресивен и провокативен политички говор (се сеќавате на она: „ќе ги изгазиме како шлепер што гази жаба“ или „на орелот ќе му ги скратиме крилјата“); отворена злоупотреба на економските тешкотии (затоа не зачудува тоа што популистите најчесто доаѓаат на власт по некоја економска криза); авторитарен стил на владеење („цврста рака“); локални патриотски или националистички погледи (политичари на кои секој втор збор им е Македонија, Албанците итн.); барања за непосредна демократија (демек, „да се чуе гласот на народот“); ширење на разни теории на конспирација; клиентелизам („во секоја куќа по еден вработен“); цврст, силен политичар (мачо тип); негативен став кон плурализмот (паролите како „да се обединиме во името на татковината“, „да ги сплотиме редовите“, „сите заедно“, „ние сме државотворна партија“, обвинување на опозициските партии дека се предавници, странски платеници итн.).

Најчесто левичарскиот популизам е од економска природа, односно тој е свртен против богатите, бизнисмените, капиталистите, банкарите, односно против „олигархијата“ која грубо ги искористува широките народни маси. Вообичаено, ваквите режими (барем на збор) се противници на глобализацијата, на мултинационалните корпорации и на меѓународните организации (ММФ, Светската банка, ЕУ). Исто така левичарските популисти најчесто се залагаат за поголема улога на државата во економијата. Наспроти нив, десничарските популисти често се пријателски настроени кон бизнисот (Орбан во Унгарија, Ердоган во Турција, Трамп во САД) и најмногу се свртени кон политичките елити и/или кон туѓинците (евробирократите, странците итн.). Исто така десничарските популисти ги нагласуваат традиционалните вредности, се залагаат за ред и мир, а често истакнуваат дека е загрозена нацијата.

Иако популистите обожаваат да говорат во името на народот и се прикажуваат како борци за интересите на сиромашните, запоставените, пониските класи, „обичните“ луѓе, работниците итн., најчесто (но, не секогаш) нивното владеење предизвикува негативни економски последици. Така, анализата на популистичките режими во периодот 1900 − 2020 година покажува дека земјите во кои владеат популистите имаат помал економски раст (во просек, за 0,5 до 1 %) од слични земји без популистички режим. Притоа економската штета од популизмот не е воопшто мала, туку напротив, во период од 15 години, производството по глава на жител во земјите со популистички режим е помало за 10 % во споредба со слична земја без популистички режим. Покрај тоа, анализата покажува дека популистичките режими предизвикуваат намалување на трговската и финансиската интеграција со светот, односно засилување на економскиот национализам и протекционизам. Најпосле, многу често, популизмот води кон повисока инфлација и повисока задолженост. Од друга страна, наспроти тоа што на збор се залагаат за работниот народ, популистичките режими ниту ја намалуваат нееднаквоста во распределбата на доходот ниту пак го зголемуваат учеството на платите во вкупниот доход. Тоа покажува дека тие не се ниту вистински заштитници на посиромашните, туку само продаваат празни зборови. Интересно, во првите години од владеењето популистичките режими не се разликуваат многу од непопулистите, односно дури во подоцнежниот период популистите заглавуваат во штетни економски политики, а често се случува популистичките политичари целосно да ја уништат економијата предизвикувајќи висока инфлација, голема внатрешна и надворешна задолженост, банкарска криза итн.

Освен економските проблеми, популизмот предизвикува штета и во однос на политичките и општествените институции, предизвикувајќи намалување на независноста на судството и на медиумите. Впрочем, токму затоа не зачудува фактот дека многу често владеењето на популистите завршува на нестандарден начин, односно наместо на редовни избори, популистите „си одат“ на друг начин: отповикување во парламентот, воен удар или поднесуваат оставка, најчесто по некој голем скандал.

ПРЕПОРАЧАНО