Економија
Потрошувачката на природен гас во Европа e на најниско ниво
22.02.2024
Потрошувачката на природен гас во Европа во 2023 година падна на најниско ниво во последните 10 години, процени во новиот извештај Американскиот институт за енергетска економија и финансиска анализа (IEEFA). Eвропската побарувачка за гас е намалена за 20 отсто во текот на две години, пренесува Н1.
Институтот наведува дека падот на побарувачката на гас се должи на активностите на Германија, Италија и Велика Британија, кои ја зголемуваат ефикасноста со користење на обновливи извори на енергија.
- Две години по руската инвазија на Украина, европскиот енергетски систем е поразновиден и поотпорен. Кризата донекаде е контролирана, зголемени се мерките за ефикасност, забрзано е инсталирањето на обновливи извори на енергија и топлински пумпи. Европа продолжи да ја намалува побарувачката за гас, изјави Ана Марија Јалер-Макаревиќ, водечки енергетски аналитичар за Европа, во IEEFA.
Европа успеа да го намали увозот на руски гас преку цевководи, но руските испораки на течен природен гас (LNG) во Европа се зголемија за 11 отсто меѓу 2021 и 2023 година.
Најголеми увозници на руски природен гас се Шпанија, Франција и Белгија со вкупно учество од 80 отсто. Испораките на руски ЛНГ во Шпанија во споменатиот период се зголемија за двапати, а испораките во Белгија повеќе од трипати. Турција и Грција почнаа да увезуваат руски ЛНГ во 2022 година.
фото: freepic