Интервјуа
Н.Е. Фредерик Мерис: Заштити – Зајакни – Подготви се e мотото на белгиското претседавање со ЕУ
Ексклузивно интервју со Н.Е. Фредерик Мерис амбасадор на Белгија
Економија и бизнис | печатено издание | 15 февруари 2024г.
На почетокот на оваа година, Белгија го презеде претседавањето со Советот на ЕУ. За тоа како ја сфаќаат оваа можност, кои ќе бидат приоритетите што ги постави Белгија и што се очекува да се постигне, како и за нивниот став за процесот на проширување на ЕУ, разговараме со Н.Е. Фредерик Мерис, амбасадор на Белгија.
Светот минува низ геополитички превирања. Што ќе се случува и каков ќе биде конечниот исход?
Н. Е. Ф. Мерис: Всушност, светот е на крстопат и тоа значи две работи: тешко е да се знае во која насока се движиме и имаме тешки и важни одлуки да донесеме.
Продолжената руска агресија против Украина, драматичната ситуација во Газа и нејзиното можно прелевање на Блискиот Исток и пошироко, енергетската криза, пандемијата, дезинформациите, екстремните климатски настани, сите тие претставуваат закани и предизвици кои го доведуваат во прашање европскиот модел однадвор и однатре. Или сме обвинети дека имаме двојни стандарди или дека не можеме да понудиме кредибилни одговори на овие закани и предизвици.
Не знам каков ќе биде конечниот исход од овие превирања, но знам дека цврста амбиција на белгиското претседателство е да води пат кон Европа која го враќа кредибилитетот, може да понуди издржливост и може да ја покаже својата ефикасност и додадена вредност.
Кои се клучните последици за ЕУ од овие случувања? Кои се клучните одлуки што треба да ги донесе ЕУ?
Н. Е. Ф. Мерис: Како што реков претходно, мора да работиме на изградба на Европска Унија која може да ја покаже својата доверливост и ефикасност. Исто така сите мора да станеме посвесни за тоа што значи европскиот модел за сите нас: заеднички простор каде што демократијата, владеењето на правото и заедничкото чувство на одговорност придонесуваат за споделување на просперитет, на мир и на безбедност. Ова беше визијата на нашите основачи и Белгија цврсто верува дека оваа визија е многу валидна и денес и е причина зошто земјите како Северна Македонија и другите земји кандидатки сè уште сакаат да се приклучат на Унијата.
За време на своето претседавање, Белгија ќе работи на изградба на Европа која ги штити нејзините граѓани и нејзините граници, која ја зајакнува нашата економија, ја враќа нашата конкурентност и ни помага подобро да се спротивставиме на сите видови закани и предизвици и која ја подготвува Европа за иднината.
Белгија е мала земја, но има многу активна надворешна политика. Каква улога може да има една мала земја на меѓународната сцена?
Н. Е. Ф. Мерис: Во Белгија сакаме да веруваме дека имаме некоја европска ДНК која ни тече низ вените. Не знам дали тоа може да биде буквално точно, но она што е сигурно е дека во Белгија развивме систем каде што нашиот национален интерес многу често се совпаѓа со европскиот интерес. Како што спомнавте, ние сме мала земја, но ние сме и многу отворена земја која многу се потпира на слободата на комуникација, слободното движење на стоки и на луѓе итн. Сите овие карактеристики се европски карактеристики. Значи, бранејќи ги на европско ниво и преку Европската Унија, ние всушност ги браниме и ги промовираме сопствените национални интереси. За да функционира оваа стратегија, треба да им се претставиме на нашите европски партнери како посветени и доверливи партнери. А посветен и доверлив партнер треба да покаже дека понекогаш може да прифати компромиси кои се за поголемо добро на поширокиот европски колективитет, а не нужно во согласност со неговите тесни национални интереси. Мислам дека Белгија се покажа добра во компромисите и може да тврди дека во текот на своето претседавање може да дејствува како чесен посредник. Тоа е големо нешто што може да биде од корист за време на претседавањето.

На почетокот на оваа година, Белгија го презеде претседавањето со Советот на ЕУ. Како ја сфаќате оваа можност? Кои ќе бидат приоритетите што ги постави Белгија и што се очекува да се постигне?
Н. Е. Ф. Мерис: Белгија ги дефинираше своите приоритети во рамките на работата на Триото, чиј дел е и нашата земја, заедно со Шпанија и Унгарија. Заедно работевме на збир на приоритети кои ќе нè водат низ нашите последователни претседавања со цел да ѝ понудиме на ЕУ чувство на континуитет и на кохерентност во период од 18 месеци.
За белгиското претседавање, конкретно ги идентификувавме следниве акценти што сакаме да ги пренесеме низ целиот спектар на области што ќе бидат опфатени за време на нашиот мандат:
– Одбрана на владеењето на правото, на демократијата и на единството. Овие вредности мора да останат во сржта на сè што ја прави Европската Унија она што навистина е.
– Зајакнување на нашата конкурентност: како можеме да им помогнеме на нашите компании, на нашите индустрии да се справат со зелената и дигиталната транзиција на најдобар можен начин.
– Следење на зелена и на правична транзиција: прилагодување кон климатските промени и зајакнување на нашата отпорност истовремено движејќи се кон циркуларна економија.
– Зајакнување на нашата социјална и здравствена агенда: Белгија отсекогаш ја гледала Европа која директно им служи на своите граѓани, а особено на најслабите меѓу нив.
– Заштита на луѓето и на границите: тоа значи борба против организираниот криминал и илегалната миграција.
– Промовирање на глобална Европа: мораме да ги зајакнеме мултилатералниот систем и меѓународниот поредок заснован на правила.
Овие шест приоритети може да се преведат во следното мото на белгиското претседавање: Заштити – Зајакни – Подготви се.
Каков е вашиот став за процесот на проширување на ЕУ?
Н. Е. Ф. Мерис: Белгија целосно се придржува до концептот дека проширувањето – особено кон Западен Балкан – претставува стратешки интерес на Европската Унија. Проширувањето е нешто што треба да се случи за поголемо добро на самата Европска Унија. И тоа треба да се случи што е можно побрзо. Но, „што е можно побрзо“ се определува и од фактот дека процесот на проширување се заснова на заслуги: секоја земја треба да го направи она што треба да се направи за да ги усогласи своето законодавство, администрација, своето општество и својот менталитет со она што се бара за да биде дел од клубот.
Тоа е првата точка. Втората точка е дека Европската Унија со 33 или 35 членки (или повеќе) не може веќе да работи на ист начин како Европа со 27 членки и веќе се виде дека институцијата бара ажурирање и освежување.
Како заклучок, белгиското претседателство ќе работи паралелно на процесот на проширување (и се надеваме дека, на пример, ќе можеме да имаме меѓувладина конференција со Северна Македонија за да има преговарачки процес кој ќе води кон напредок во зачленувањето) и на реформскиот процес кој е неопходен во рамките на ЕУ.

Од билатерална гледна точка, како можеме да ја продлабочиме соработката меѓу Белгија и нашава земја во иднина? Кои се областите со најголем потенцијал за тоа?
Н. Е. Ф. Мерис: Туризмот е секако првата област што ми паѓа на ум. Знам дека Северна Македонија секоја година ја посетуваат сѐ повеќе туристи од Западна Европа, особено од Германија и од Холандија. Нема причина да не се случи истиот развој со Белгија. Запознаен сум дека воздушните врски се зголемени на сезонска основа меѓу Белгија и Охрид. Ова е одличен развој.
Надвор од туризмот, верувам дека односите кои се засноваат на човечки елементи – а туризмот, секако, е дел од тоа – имаат најголем потенцијал. Тоа значи дека нашите уметници и од Белгија и од Северна Македонија мора почесто да учествуваат на настани организирани во едната или во другата земја; дека спортските клубови мора редовно да се среќаваат; дека младинските групи мора да се посетуваат едни со други итн. Во сите овие области, силната заедница со потекло од Северна Македонија која живее во Белгија може да игра важна улога во помагањето да се воспостават сите овие контакти.
Покрај човечкиот капитал, мора да продолжиме да ги истражуваме можностите за деловни партнерства и трговија; мораме да ги охрабриме нашите политички лидери редовно да се состануваат (а тоа и го правеа многу често во последниве неколку месеци; белгиското претседавање со ЕУ е одлична можност за поттикнување на овој тип односи кои ќе создадат долготрајни партнерства); и ние мора да продолжиме да комуницираме за секакви теми од билатерален и заеднички интерес.
Исто така сакам да ја искористам оваа прилика да ја истакнам важната улога за нашите билатерални односи, што ја игра почесниот конзул на Белгија во Северна Македонија г-ѓа Елена Никодиновска. Во отсуство на резидентен амбасадор, таа треба да биде врската меѓу белгиските власти и Северна Македонија, а Амбасадата не би успеала во својата мисија без неа.
Вие како амбасадор бевте една од движечките сили за создавањето на Белгиско-македонскиот бизнис-клуб. Каква улога може да има една таква организација?
Н. Е. Ф. Мерис: Амбасадата со големо задоволство го проследи создавањето на Белгиско-македонскиот бизнис-клуб и сакам јавно да изразам благодарност за напорите, за решителноста и за упорноста на луѓето кои стојат зад оваа иницијатива. Искажувам особена благодарност до г-ѓа Хилде де Саделир, првиот претседател на овој бизнис-клуб, за нејзините напори во овој поглед.
Со здружување на белгиските деловни интереси во оваа земја, со нивно промовирање, одбрана доколку е потребно, Белгиско-македонскиот бизнис-клуб ќе одигра многу важна улога. На крајот на денот, благодарение на Клубот, пошироката јавност, бизнис-заедницата и Владата на Северна Македонија ќе станат целосно свесни за потенцијалот на нашите деловни односи.
На Клубот и на неговото членство им посакувам целосен успех во својата мисија и програма. Амбасадата на Белгија стои на негова страна и сака да придонесе за неговиот успех.
Ви благодарам за интервјуто.
Н.Е. Ф. Мерис: Ми беше задоволство и ви благодарам што ми дадовте можност да комуницирам со вашата читателска публика.
Разговараше: Зоран Јовановски