Економија
Војната против инфлацијата заврши. Дали е така?
Љупчо Поповски | Авторот е новинар
Економија и бизнис | печатено издание | декември 2023г.
Пред две години економистите се поделија во спротивставени табори за природата на постпандемиската инфлација. Сега се покажува дека оние кои тврдеа дека тоа е транзиторна инфлација биле во право наспроти инфлациските јастреби. Повеќе славни економисти сега аргументираат дека претходните зголемувања на цените биле „минливи“.
Во средината на септември славниот економист и нобеловец, Пол Кругман, изјави дека војната против инфлацијата, која започна со пандемијата, е добиена. Иако тогаш индексот на потрошувачките цени покажа дека инфлацијата во САД се зголеми за 3,7 % во однос на претходната година во август, Кругман во твит рече дека војната против инфлацијата „прилично е добиена − без рецесија“.
За време на пандемијата многу економисти рекоа дека за да се намали инфлацијата, невработеноста треба да се зголеми и економијата драстично да забави. Ништо драматично од тоа не се случи. Дали најважните светски економисти, чии предвидувања и совети се читаат и во Македонија, а дел од нивните „лекарства“ и се применуваат, во основа погрешија? Изгледа дека инфлаторните гулаби беа во право. Ладењето дојде побрзо отколку што се чинеше при прегревањето.
Што мислат сега некои од клучните светски економисти? Да го земеме самиот Кругман. Во неговата редовна колумна во „Њујорк тајмс“ на 7 ноември 2023 година тој постави добро, иако некои велат задоцнето прашање: „Зошто толку многу економисти ја згрешија перспективата за инфлацијата?“
Професорот Џемс Галбрајт од Универзитетот на Тексас во Остин вели дека консензусот меѓу мејнстрим економистите во последниве години беше дека инфлацијата ќе опстојува − па дури и ќе се забрза − и дека тоа е оправдување за зголемувања на каматните стапки од страна на Федералните резерви на САД, на Европската централна банка, а потоа и на националните централни банки. Сепак, квазиинфлацијата од 2021 до 2022 година се покажа како минлива.
Галбрајт забележува дека „погрешната дијагноза на водечките економисти за инфлацијата во 2021/2022 година беше последната епизода во долготрајната серија неуспеси, од непредвидување на финансиската криза во 2008 година до одобрување на самоуништувачкото штедење во две илјади и десеттите години. Или мејнстрим економистите треба да ги преиспитаат нивните суштински верувања или на професијата ѝ треба нов мејнстрим“.
Погрешната логика на „песимистите“ за инфлацијата
Интересно е како еден познат економист (Галбарјт) ги опишува задоцнетите вистини на друг исто така познат економист, дури и славен (Кругман).
Пол Кругман декларираше дека војната против инфлацијата е добиена без рецесија
фото: https://news.bitcoin.com/
„Кругман со право се фокусира на нелогиката на одредени ’песимисти‘ за инфлацијата, кои ’излегоа со нови, сосема неповрзани оправдувања‘ за нивното тврдење дека инфлацијата ’ќе остане тврдоглаво висока‘ долго откако ќе се апсорбираат пакетите за фискални стимулации во 2021 година. Бидејќи овие песимисти наидоа на многу малку мејнстрим несогласување, нивното предвидување продолжи да доминира во дискурсот и во 2023 година.
Кругман тактично избегнува да го именува Лоренс Самерс (министер за финансии во администрацијата на Бил Клинтон – н. з.), чии ’оправдувања‘ за инфлацискиот песимизам вклучуваа наводно прекумерни ’штедења‘, ’купувања на долг‘ на ФЕД и прогнози за ’суштински нула каматни стапки‘ и ’зголемени цени на акциите и на недвижностите‘. Сепак, настрана од неговите грижи за фискалните стимулации, сето тоа беше глупост. Како што истакнав тогаш, штедењето не може да предизвика инфлација, а техничката прогноза нема причинска моќ.
Усвојувајќи ја личноста на наивец, Кругман потоа сугерира дека ’економистите речиси како да бараат причини да бидат песимисти‘. Тогаш прашањето што треба да го поставиме е дали нешто не е во ред со мејнстрим економијата. Мејнстрим економистите можеби треба да ги преиспитаат нивните суштински верувања или можеби ни треба целосно нов ’мејнстрим‘.
Да бидеме сигурни, Кругман забележува дека ’една страна од аргументите вклучува паралели со инфлацијата од илјада деветстотини и седумдесеттите години‘. Но, ова само го зголемува проблемот. Вистинскиот проблем е што повеќето од денешните водечки економисти беа обучени во илјада деветстотини и седумдесеттите години, а нивниот светоглед − не само фактите, туку и теоријата − беше фиксиран тогаш. Наследството на Кенет Ероу, на Пол Семјуелсон, на Роберт Солоу и на Милтон Фридман живее.
Проектот на таа претходна генерација беше делумно научен, делумно политички. Како ’социјални научници‘, тие веруваа во моќта на математиката која ја позајмија од небесната механика од претходните векови. Политички, тие се обидоа да го одбранат капитализмот од советскиот предизвик за време на Студената војна. Со обединување на овие цели, тие го создадоа пазарно ориентираниот математички шинел во кој беа израснати денешните мејнстрим економисти − и од кој не можат да избегаат. Вчерашните чуда од деца (Wunderkinder) − вклучувајќи ги Самерс и Кругман − се денешните уморни старци.“
Прилично остра квалификација за оние кои во глобалната економска јавност се сметаа за своевидни „богови“.
Џајати Гош од Универзитетот во Масачусетс Амхерст истакнува дека зголемувањето на каматните стапки е веројатно непотребно − „инфлацијата секогаш ќе опаѓаше како што се намалуваа притисоците на трошоците“ − и секако штетно. Како што истакнува таа, најмногу претрпеа економиите во развој: „Со промена на протокот на капитал од светот во развој кон развиените економии“, зголемувањето на стапката на напредната економија доведе до „должнички кризи и неисполнување на обврските, значителни загуби на производството, повисока невработеност и нагло зголемување на нееднаквоста и на сиромаштијата“.
Според Џефри Френкел од Харвард, сепак, ФЕД заслужува одредена заслуга. Да, „поволната промена во односот на агрегатната понуда треба да овозможи помала инфлација при која било дадена стапка на економски раст“, но мора да се запрашаме зошто, во САД, оваа промена „резултираше со пониска инфлација наместо со повисок раст на БДП“. Тој вели дека одговорот можеби лежи во зголемувањето на каматните стапки на ФЕД без кое американската економија „веројатно би се прегреала“.
Штиглиц: Пазарите ја разбраа работата уште на почетокот
Друг славен економист, Џозеф Штиглиц, новокејнзијанец, исто така нобеловец, во ноември, кога веќе беше јасно дека инфлацијата стивнува побрзо од предвидувањата, напиша дека тоа е „победнички круг за тимот на транзиторната инфлација“.
Тогаш тој напиша: „Инфлацијата предизвикана од пандемијата дополнително се влоши со руската инвазија на Украина, која предизвика скок на цените на енергијата и на храната. Но, повторно беше јасно дека цените не можат да продолжат да растат со таква стапка и многумина од нас предвидуваа дека ќе има дезинфлација, па дури и дефлација (пад на цените) во случајот со нафтата.
Инфлациските јастреби ја загубија приказната, вели Џозеф Штиглиц фото: https://www.bloomberg.com/
Бевме во право. Инфлацијата навистина драстично падна во САД и во Европа. Дури и ако не ја достигне целта на централните банкари од 2 %, таа е пониска од повеќето очекувани (3,7 % во САД, 2,9 % во еврозоната, 3 % во Германија и 3,5 % во Шпанија). Покрај тоа, мора да се запамети дека целта од 2 % беше извлечена од воздух. Нема докази дека земјите со 2 % инфлација имаат подобри резултати од оние со 3 % инфлација; она што е важно е дека инфлацијата е под контрола. Тоа е јасно денес.
Се разбира, централните банкари ќе се тапкаат по рамо. Но, тие имаа мала улога во неодамнешната дезинфлација. Зголемувањето на каматните стапки не го реши проблемот со кој се соочивме: инфлација од страна на понудата и промена на побарувачката. Ако ништо друго, дезинфлација се случи и покрај активностите на централните банки, а не поради нив.
Пазарите во голема мера го разбираа ова цело време. Затоа инфлаторните очекувања останаа питоми. Додека некои економисти од централната банка тврдат дека тоа се должи на нивниот сопствен силен одговор, податоците кажуваат поинаква приказна. Инфлациските очекувања беа придушени од почетокот бидејќи пазарите разбраа дека нарушувањата на понудата се привремени.
Пред последниот конфликт на Блискиот Исток, кој повторно го покренува сеништето за повисоки цени на нафтата, беше јасно дека е постигната ’победа‘ над инфлацијата без големото зголемување на невработеноста за кое инфлациските јастреби инсистираа дека е неопходно.“
Тој потсетува на фактот дека кога постпандемиската инфлација започна пред повеќе од две години, економистите брзо се поделија на два табора: оние кои ја обвинија прекумерната агрегатна побарувачка, која ја припишаа на големите пакети за закрепнување; и оние кои тврдеа дека нарушувањата се минливи и самокоригирани. „Во тоа време не беше јасно како ќе се развива пандемијата. Соочен со нов економски шок, никој со сигурност не можеше да предвиди колку време ќе биде потребно за да се појават дезинфлаторните сили.
Но, во текот на следните две години, внимателните проучувања за времето на зголемување на цените и големината на поместувањата на агрегатната побарувачка во однос на агрегатната понуда во голема мера ја дискредитираа ’приказната‘ на инфлациските јастреби за агрегатната побарувачка. Едноставно, тоа не одговараше на она што се случи. Каков кредибилитет и да остави таа приказна, таа сега е дополнително нагризана од дезинфлацијата.
За среќа на економијата, транзиторскиот тим беше во право. Да се надеваме дека науката за економијата ги апсорбира вистинските лекции.“
Можеби ќе биде така, можеби навистина војната против инфлацијата е добиена. Можеби е точно она што го заклучува Кругман: „Би сакал да видам задлабочено размислување за тоа како толку многу од моите колеги ја сфатија оваа приказна толку погрешно и можеби дури и малку интроспекција за нивните мотивации.“ Ако таа „мотивација“ влегува во светот на големото банкарство, тогаш клучното прашање е колку треба да им се верува на сјајните економисти. Дали тие грешеле случајно, без да ги анализираат сите аспекти, или тоа било намерно?