Интервјуа
Величковски: Иднината на плаќањата се заснова на цврста правна рамка
Игор Величковски | Директор на Дирекцијата за платни системи во Народна банка
Економија и бизнис | печатено издание | јануари 2024г.
Во 2023 година започна примената на долгонајавуваниот Закон за платежни услуги и платни системи што претставува голема измена во оваа област. Што беше мотивацијата за ваквата измена на законската регулатива?
И. Величковски: Осовременување на правната рамка беше неопходно во услови на значајни промени на начинот на кој граѓаните и компаниите ги извршуваат плаќањата предизвикани од примена на новите технологии во платежната сфера. Во тој контекст, исцртувањето на новата правна рамка е мотивирано од потребата за поттикнување на иновациите, односно појава на нови апликативни решенија за побрзо и поудобно иницирање на плаќањата од страна на корисниците на платежни услуги, како и засилување на конкуренцијата преку отворање на пазарот за нови играчи од финтек секторот. Исто така заштитата на корисниците на платежни услуги, а особено на потрошувачите, е едно многу важно прашање кое се уредува прв пат подетално во новата правна рамка. Дополнително, усогласувањето на домашната правна рамка со правото на Европската Унија е предуслов за наше зачленување во Европската Унија, а особено во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) кое се очекува да овозможи побрзи и поевтини прекугранични плаќања во евра за граѓаните и за компаниите. Во тој контекст, во новата правна рамка, која ја сочинуваат Законот за платежни услуги и платни системи и 26 подзаконски акти кои ги донесе Народната банка, беа имплементирани голем број директиви, регулативи и водичи кои се применуваат во платежната сфера во Европската Унија.
Какви измени и можности во сферата на плаќањата донесоа измените во регулативата поодделно за банките, за компаниите и за граѓаните? Какви се поволностите за сите нив?
И. Величковски: Новата правна рамка им овозможува на банките и на новите играчи од финтек секторот преку имплементирање на концептот на т.н. „отворено банкарство“ да понудат иновативни решенија кои ги задоволуваат потребите на нивните клиенти да извршуваат плаќања на побрз и поудобен начин. Притоа потенцијалот за примената на нови финтек решенија е голем. Така, доколку денес сакаме да купиме некој производ или услуга на интернет, ние вообичаено плаќаме со платежна картичка. Во иднина очекуваме дека финтек решенијата ќе ни овозможат да платиме на брз, сигурен и удобен начин директно преку нашето електронско банкарство без да ја користиме платежната картичка. На пример, со користење на мобилна апликација која е поврзана со нашата платежна сметка ќе може да платиме за вечерата со пријателите во ресторан без користење на платежна картичка при што износот на сметката ќе може лесно да се подели меѓу пријателите независно кај кој давател на платежни услуги имаат платежна сметка.
Во однос на граѓаните, новините донесоа многу поголема правна заштита. Условите под кои се нудат платежните услуги на корисниците, а особено на граѓаните, е многу важно да бидат разбрани на едноставен начин од нивна страна. Во таа смисла, банките треба да им понудат на граѓаните рамковен договор за платежни услуги кој ги регулира правата и обврските за користење на платежните услуги при што пред склучување на договорот треба да ги информираат граѓаниите за условите под кои може да ги користат платежните услуги, како и да им дадат информација за висината на надоместоците за најчесто користените услуги. Граѓаните имаат право да побараат замена на постојните договори склучени пред влегување во примена на новиот закон со нов рамковен договор со цел да си обезбедат поголема правна заштита при користење на платежните услуги. По склучување на рамковниот договор, давателот е должен, најмалку еднаш годишно, да му достави на потрошувачот извештај за надоместоците кои му ги наплатил за користењето на платежните услуги.
Истовремено новата правна рамка ги зема предвид и интересите на компаниите. Имено, за прв пат се врши ограничување на висината на надоместоците кои давателот кој поставил ПОС-уред кај трговецот ги плаќа на давателот кој ја издал платежната картичка која се користи на конкретниот ПОС-уред. Висината на овие надоместоци постепено се намалува и таа на почетокот на 2025 година не смее да биде повисока од 0,2 % од вредноста на платежната трансакција извршена со дебитна платежна картичка, односно од 0,3 % кај кредитна платежна картичка, со што ова ограничување ќе се изедначи со истото ограничување кое тековно се применува во Европската Унија. На овој начин се очекува дека ќе се намалат трошоците за давателите кои поставуваат ПОС-уреди кај трговците, што понатаму би резултирало со намалени надоместоци за трговците кои прифаќаат плаќања со платежни картички. Намалувањето на надоместоците би ги поттикнало трговците кои немаат поставено ПОС-уреди на своите продажни места да започнат да прифаќаат платежни картички со што ќе придонесат кон поголема дигитална финансиска вклученост на граѓаните.

Кои цели требаше да ги исполни воведувањето на новиот закон? Дали се исполнија ваквите очекувања во неговата досегашна примена?
И. Величковски: Поттикнувањето на конкуренцијата е една од целите на новата регулатива, нешто што нема да се случи наеднаш, туку ќе се одвива постепено. Притоа охрабрува интересот на нови субјекти од земјава и од странство да даваат платежни услуги при што еден дел од нив веќе имаат поднесено барања до Народната банка за добивање дозвола за платежна институција или институција за електронски пари, кои тековно се разгледуваат и се оценуваат.
Понатаму, постигнувањето на повисоко ниво на заштита на потрошувачите и финансиска вклученост со примената на новата правна рамка е достижна цел. Покрај стандардизирањето на рамковните договори за користење на платежни услуги и давањето информации за извршувањето на плаќањата, значајна новина претставува можноста граѓаните да отвораат платежна сметка со основни функции. Главната придобивка од нејзиното користење се однесува на ограничување на висината на надоместоците кои може банката да ги наплати од граѓанинот. Имено, надоместокот не смее да биде повисок од 0,1 % од подвижниот просек на просечната месечна исплатена нето-плата во земјава за претходните 12 месеци. Согласно објавите од страна на Државниот завод за статистика, вака пресметаниот месечен надоместок тековно би изнесувал околу 36 денари. Овој надоместок вклучува месечно одржување на сметката и дебитната картичка, онлајн користење интернет и мобилна апликација, неограничен број на платежни трансакции со цел внесување или повлекување на готовина непосредно на шалтерите кај банката или преку нејзината мрежа на банкомати, неограничен број на платежни трансакции со дебитни картички и извршување на минимум пет платежни трансакции со кредитен трансфер со кои се пренесуваат парични средства на други платежни сметки на клиенти на истата банка. За потрошувачите кои ѝ припаѓаат на групата корисници на законски дефинирани права, како што се на пример издршка, парична помош од социјална заштита, привремена невработеност, додаток за дете, стипендија и слично, а што произлегува врз основа на закон, за користењето на овие услуги преку платежната сметка со основни функции, банката не смее да наплатува надоместок.
Народната банка придонесе кон зајакнување на конкуренцијата и заштитата на потрошувачите и преку овозможување на алатката „Споредба на надоместоците меѓу давателите на платежните услуги“ на нејзината веб-страница, која од септември 2023 година за прв пат им овозможи на граѓаните да ги пребаруваат и да ги споредуваат надоместоците по поединечни даватели кои им ги наплатуваат за користењето на платежни услуги.

За делови од новиот закон предвидувате одложена измена. За што точно станува збор?
И. Величковски: Согласно предложените измени на Законот за платежни услуги и платни системи, кои тековно се во процес на усвојување во Собранието, се предвидува воспоставувањето на новиот единствен регистар на сметки да се реализира до декември 2024 година, додека новиот електронски систем за присилна наплата да започне со примена во ноември 2025 година. Истовремено, примената на концептот на т.н. „отворено банкарство“ и засилена автентикација при иницирање на плаќањата се очекува да се реализира најдоцна до март 2026 година.
Кога ќе ја погледнеме „големата слика“ што носи иднината во сферата на платежните услуги и на платните системи?
И. Величковски: Правната рамка е воспоставена во функција на поттикнување на користењето на дигиталните канали за полесно иницирање на плаќањата. Во таа смисла, иднината на плаќањата е поврзана со решенијата за мобилни плаќања кои ќе ги развиваат во конкурентен амбиент новите играчи од финтек секторот, како и постојните играчи, банките и штедилниците. Тие се очекува да ни овозможат брзо, едноставно и поевтино извршување на плаќањата во земјава.
Во прекуграничен контекст, новата правна рамка која е во значаен дел усогласена со правото на Европската Унија се очекува да ги отвори можостите за забрзана интеграција на земјава во СЕПА и поврзување со платежната инфраструктура во Европската Унија, што ќе овозможи побрзи и поевтини плаќања во евра за граѓаните и за компаниите.
Најпосле, но и најважно, иднината на плаќањата се заснова на цврста правна рамка која обезбедува сигурно и ефикасно извршување на плаќањата и поголема заштита на корисниците на платежни услуги, а особено на потрошувачите.
Разговараше: Зоран Јовановски