Вести

„Алкалоид“ и „Комерцијална банка“ донираат повеќе од 400.000 евра за формирање на ургентен тријажен центар на клиниката за токсикологија

Договор за нов ургентен интернистички центар на Токсикологија беше потпишан денеска во Министерството за здравство, од страна на министерот Фатмир Меџити и претставници на компанииите ,,Алкалоид" и „Комерцијална банка".

Министерот рече оти со ова, се исполнува уште едно ветување.

- Денеска, со поддршка од општественo одговорнитe компании ,,Алкалоид" и ,,Комерцијална банка", потпишавме договор за формирање нов ургентен интернистички центар на Универзитетската клиника за токсикологија. Ова е инвестиција којашто ја најавив како еден од нашите приоритети и навистина сум многу горд што почнуваме со нејзина реализација, рече Меџити.

Целта на овој тријажен центар, како што појасни, е да претставува прв контакт со пациентите, каде што е предвидено да се пружа итна здравствена заштита.

- Тука, пациентите од нивниот прием би престојувале 24 до 48 часа по што, доколку е потребно, би се упатиле во болничките оддели на некоја од интерните клиники или би биле пуштени дома. Следејќи ги современите стандарди за врвни и квалитетни здравствени услуги, ќе се изврши реконструкција на простор од околу 750 метри квадратни. Во склоп на просторот ќе има и посебна просторија за опсервација на пациенти – интензивна нега, како и полуинтензивна нега. Во просториите на интернистичкиот ургентен центар ќе бидат сместени и компјутерски томограф, рентген, ЕХО апарат, ендоскопија, нагласи министерот.

Тој се заблагодари на компаниите за придонесот кон унапредување на здравствениот систем и квалитетот на услуги за нашите пациенти.


извор: МИА

фото: MИА

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано