Перспектива
Јовановски: Македонија е сè поблиску до својата катарза!
Зоран Јовановски | Авторот е економист
Економија и бизнис | печатено издание | јануари 2024г.
Распадот на СФР Југославија пред повеќе од три децении резултираше со држави наследнички, меѓу кои и нашава. Оттогаш наваму речиси сите овие земји поминаа низ некаква своја катарза. Што значи катарза во ваков контекст? Тоа е момент на концентрација на огромна општествена енергија која води до некакво случување што влијае стабилизирачки на општеството. По таков катарзичен момент, ништо веќе не е исто како претходно. Притоа не секој момент на висока енергија и на случувања задолжително влијае стабилизирачки на општеството.
Што се случи на овој план во републиките на поранешна СФР Југославија? На пример, Словенија го преживеа распадот на големиот југословенски пазар на кој доминираше и успеа да се преориентира, да ја задржи конкурентноста на својата економија и да го преживее претходното значително потпирање на ексјугословенскиот пазар. Хрватска се прекрши со својата „Олуја“, драматична воена акција со која решаваше внатрешни меѓуетнички прашања. Србија помина низ премрежјата од промени на владејачките структури со длабоки општествени потреси, меѓународни судови итн. Црна Гора го имаше референдумот за независност со невообичаено висок процент на меѓународно прифатлива проодност на резултатот од 55 %. Босна и Херцеговина „се бори“ со комплексноста на своето општествено уредување и со сите егзистенцијални закани и предизвици што произлегуваат од тоа и изгледа дека сè уште ја нема доживеано својата катарза.
Каде сме ние тука, македонското општество? Имавме катарзичен момент со зачленувањето во НАТО бидејќи тоа влијаеше стабилизирачки на безбедносните изгледи на земјава за иднината. Но, тоа беше повеќе нешто што се случи во рамките на меѓународниот контекст на настани. На домашен план работите изгледаат поинаку. Изминативе децении се соочивме со бројни ситуации, сериозни предизвици, преживеавме трговски ембарга и затворени граници, промена на знамето, внатрешен вооружен конфликт и последователен редефиниран општествен договор, промена на името на државава за внатрешна и надворешна употреба. Сите овие случувања влијаеја на текот на функционирање на општеството, но колку и да се драматични по својата природа тие не доведоа до катарза во општеството. Општеството не се помири со некои од случувањата, веројатно ги перципира(ше) само како некаков нужен чекор што требал да се направи. Општествениот котел наместо да се смирува продолжи притаено да врие.
Последиците од сите случувања во земјава за некого значеа промена на подобро, за некого промена на полошо. Фактот дека низ годините огромен број граѓани ја напуштија земјава може да биде своевиден индикатор дека втората група е веројатно побројна. Притоа важна карактеристика на ваквиот тренд е сознанието дека земјава ја напуштаат сè повеќе млади кои не гледаат светла иднина, но и семејства кои се во поодмината фаза од животот и немаат економски мотиви за заминување.
Каде е тогаш точката на катарза која може да го стабилизира македонското општество? Тоа е владеењето на правото и сигурноста што ја носи тоа за граѓаните, за бизнисите, за сите. Ерозијата на овој план и несигурноста што се акумулираше низ децениите јасно се одразуваат низ разновидните анкети што ја покажуваат изразито ниската доверба на граѓаните во овие институции на системот. Изразите „селективна правда“ и „неказнивост“ се изрази што се одомаќинија во македонското општество и се присутни одамна, вклучително и во вокабуларот на претставниците на меѓународната заедница. Затоа воопшто не е изненадување што правната несигурност за многумина тука добива статус на егзистенцијална закана за иднината за општеството.
И, тука, по ова прашање, македонското општество е во поодмината фаза на поделба на две групи. Во едната се сите оние кои сакаат да живеат во правна држава, сакаат функционирање на институциите, владеење на правото, правичност и неселективност. Во другата група се оние кои примената на правото ја перципираат како растеглива категорија, како пластелин што може да се моделира според сопствените интереси. За нив правдата треба да биде скроена од власта, учеството во власта се перципира како плен, а коалициското функционирање е „освоена територија“ во која едните „не им се мешаат“ на другите.
Многу е важно да се истакне и да се разјасни дека ваквата поделба не се случува задолжително како меѓупартиски или меѓуетнички судир. Според она што имавме можност да го прочитаме, во тешкиот инцидент во М-НАВ група граѓани од една етничка припадност отиде физички да се пресмета со граѓани од истата етничка припадност. Или во случајот со претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, каде што таа јавно укажа на притисоци врз работата на судот, иницијативата за нејзино разрешување дојде од член на Судскиот совет со истата етничка припадност како Адеми. Значи, во двата случаја сите главни актери припаѓаат на иста етничка група. Што е заедничко за двата случаја? Одеднаш се појавуваат луѓе кои не прифаќаат притисоци, не сметаат дека се пластелин и цврсто стојат зад своите професионални и принципиелни ставови. Но, ова се перципира како неприфатлив пркос кој ги иритира оние кои инстинктивно чувствуваат дека ширењето на ваквата „појава“ ја клати целата воспоставена пирамида на владеење и има потенцијал да ја сруши. Оттаму и нервозата и жестоката реакција насочена кон „кршење“ на ваквиот отпор, особено имајќи ги предвид веќе всадените перцепции дека граѓанинот е веќе „скршен“ и ја има изгубено надежта дека нешто суштински може да се поправи во функционирањето на правната држава.
Желбата да се почитува и да се брани професионалниот интегритет и личната репутација без оглед на партиските или етничките „потреби“ е зрното на самосвест, никулецот за раѓање на едно ново време. На тој никулец треба да му се помогне да се развие и да се рашири. Тука лежи шансата на Македонија за подобра иднина. Тоа е моментот со потенцијал за катарза за земјава.
Кога ќе се случи катарзата за македонското општество? Таа ќе се случи во моментот кога ќе се прекрши општеството во однос на елиминирање на „селективната правда“ и „неказнивоста“. Доколку се реализираат одредени претпоставки, очекувам земјава својата катарза да ја доживее некаде при крајот на првото тримесечје од 2025 година. Ми се чини дека тогаш ќе се најде на раскрсница и ќе мора да го одбере патот: да покаже непоколебливост во расчистување со незаконитите работи, храбро совладувајќи ја антиципираната евентуална безбедносна турбуленција или да замижи и да продолжи со неказнивоста. Расплетот го чекаат многу повеќе луѓе одошто тоа изгледа на прв поглед. Тие знаат дека ако денес се случил упад и „кошкање“ во просториите на контролата на летање на аеродромот во Скопје, утре тие можат да се случат и во некоја фирма, во некој дом итн.
Ако земјава ја избере првата патека, тогаш тоа ќе значи владеење на правото и работите веќе никогаш нема да бидат исти. Од тој момент ќе имаме промена во однесувањето на сите во земјава, ќе се случи враќање на довербата во институциите, ќе се зголеми кохезијата во општеството и ќе создадеме драстично поголеми шанси да имаме меритократија со која ќе се избираат најдобрите. Сето ова нема да се случи преку ноќ бидејќи е процес, но кога ќе тргне нема враќање назад. Одлуката донесена на општествената раскрсница веројатно ќе биде последната шанса за опстанок на македонското општество. Наспроти многумина, јас сум оптимист дека ова може да се направи.