Економија

Бишев: Економскиот раст би се движел меѓу 2 до 3 проценти. За повисок раст потребна е долгорочна трансформација

Што очекувате од 2024г.

Глигор Бишев, економист

„Иако предвидувањата за 2024 година, објавени од меѓународните финансиски институции (ММФ и Светската банка), се мрачни, движењата во последните 40 дена на меѓународните финансиски пазари го враќаат оптимизмот. На водечките берзи во САД и во Европа цените на акциите постојано растат. Исклучок е Кина. Истовремено цените на обврзниците благо паѓаат. Дали се тоа предвесници за подобри економски времиња?
Слични се движењата и на македонските финансиски пазари. Нивото на лоши пласмани се на историски најниско ниво. Капитализираноста на банките е висока. По сè изгледа, од аспект на профитабилноста на банките, ова ќе биде една од најдобрите години. Иако компаниите беа изложени на големи шокови, вработеноста расте, профитабилноста останува висока, а инфлацијата паѓа. По сè изгледа дека постои обратна корелација меѓу поплаките на компаниите и нивната профитабилност.
Гледано од тој аспект треба да бидеме оптимисти за 2024 година. Економскиот раст би се движел меѓу 2 до 3 проценти. За повисок раст потребна е долгорочна трансформација. Оскудицата на квалификувана работна сила ќе стане секуларен проблем. Ќе треба да се автоматизираме, да се дигитализираме, перманентно да се едуцираме. Стануваме лидери во регионот по отвореност на земјава (надворешнотрговската размена надмина 160 проценти од БДП). Верувам дека тоа ќе ги врати оптимизмот и довербата на економските субјекти.“

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано