Економија

Што со пластиката за еднократна употреба?

Александар Матески | авторот е доктор на економски науки

Економија и бизнис | печатено издание | октомври 2023г.

Повеќе од сигурно е дека идните генерации најмногу ќе нè паметат по начинот на кој се справуваме со денешните еколошки предизвици. Многу држави и народи ќе исчезнат, а отпадната пластика која секојдневно завршува на (не)легалните депонии ќе ги надживее. Консумеризмот што го има за цел постојаното поттикнување за стекнување материјални добра и услуги минатиот век свој идеален сојузник најде во пластиката. Револуционерниот одглас на новото откритие кое значеше евтино, безбедно, лесно, брзо, флексибилно и издржливо пакување направи силен бум во индустријата1. Глобалното производство на пластика од 60-тите години на минатиот век, па сè до 2015 година е зголемено за дваесет пати2. Доволно беа неколку декади за да се утврди дека состојбата станува неодржлива. Загрозени се екосистемот, биоразноликоста, здравјето. Сега проблемот е наднационален, па и решенијата треба да бидат од таква природа. Дури 85 % од отпадот на плажите во Европската Унија се однесува на пластични производи, а повеќе од половината е од пластика за еднократна употреба. Се проценува дека во Европската Унија околу 500 000 тони пластичен отпад завршува во океаните секоја година.
Ова беше доволна причина Европската Унија на 5 јуни 2019 година да ја донесе Директивата 2019/904 за намалување на влијанието на одредени пластични производи врз околината. Со директивата се уредува постапувањето со пластичните производи за еднократна употреба. Тоа се производите кои се целосно или делумно изработени од пластика и кои не се осмислени, дизајнирани и ставени на пазар со цел во текот на животниот век да трпат повеќекратно кружење или повеќекратни циклуси на употреба на начин што ќе се вратат на повторно полнење или повторно да се употребат за истата цел за која се осмислени3.

Кои производи се забранија со директивата?
Целосно се забранети за пуштање на пазар пластични стапчиња за уши, пластичен прибор за јадење, пластични чинии за еднократна употреба, сламки, пластични стапчиња за мешање пијалаци, пластични стапчиња за прицврстување на балони. Во дел Б од прилогот на директивата се наведени и садовите за храна и пијалаци и чаши изработени од експандиран полистирен (познат под трговскиот назив стиропор). Дополнително забрането е ставање на пазар на производи од оксоразградлива пластика. Забраната стапи во сила од 3.7.2021 година.
Оксоразградливоста не смее да се меша со биоразградливоста. За оксоразградливоста е својствено тоа што пластиката со одредени адитиви се деградира на мали честички микропластика, додека биоразградлив отпад е секој отпад што може да биде разграден со анаеробни (без присуство на кислород) или аеробни (со присуство на кислород) процеси на разградба како што се отпадот од храна или градинарски отпад, како и хартија и картон. Во македонското право, со донесувањето пакет закони од областа на управување со отпад, јасно се дефинира дека „оксоразградливото пластично пакување не се смета за биоразградливо“4. Со забраната за пуштање на пластични кеси за носење, по исклучок се дозволи пуштање на пазарот на биоразградливи кеси кои се произведени согласно пропишаните стандарди за биогразградливост5.

Кои се спецификите за управувањето со отпадните шишиња?
Државите членки на Европската Унија се должни да обезбедат капачињата и затворачите на пластичните производи за еднократна употреба да бидат прицврстени за садовите и во фазата на консумирање на производот. Ова се однесува за сите садови до три литри, вклучително и за повеќеслојните (композитни) амбалажи за пијалаци6. Оваа обврска стапува во сила од 3.7.2024 година.
Голем предизвик за производителите е и обврската најдоцна до 2025 година шишињата кои се произведени од ПЕТ (полиетилен терефталтат) во својот состав да имаат најмалку 25 % рециклирана пластика (rPET). Во 2030 година, обврската се зголемува на 30 % rPET пресметано како просек за сите шишиња ставени на пазарот во државата.
Дел од најголемите светски производители на пијалаци како Пепсико и Кока-Кола заминаа и чекор понапред. Така, на пример Пепсико во програмата Пепсико Позитив (Pep+) се обврза дека до 2030 година rPET ќе учествува со најмалку 50 % во тежината на пакувањето. Заложбите на Пепсико се во 9 држави на Европската Унија ПЕТ-амбалажата на пијалаците да биде 100 % изработена од rPET.7
Директивата предвидува и обврска до 2029 година, а со цел идно рециклирање, да се соберат 90 % од пластичните шишиња кои се пуштени на пазарот во таа година. Како привремена цел што ќе биде мост кон остварувањето на високопоставената цел е до 2025 година изразено во маса 77 % од отпадните пластични производи (шишиња) што се пуштени во тековната година да се соберат за рециклирање. На државите им се оставаат опции целта да се оствари било преку утврдување цели во рамките на системот со проширена одговорност било тоа да се направи преку депозитен систем.
Треба да се напомене дека под производител се смета и субјект кој увезува наполнети пластични производи за еднократна употреба на пазарот на Европската Унија, па оттука имплементацијата на директивата непосредно ќе се одрази и врз македонските производители на пијалаци кои извезуваат пијалаци на пазарот на ЕУ.

Што се случува на македонскиот пазар?
Најсериозниот и најголемиот колективен постапувач со отпад Пакомак ДОО Скопје секоја година интензивно вложува во системот за управување со амбалажен отпад (стакло, хартија, пластика, метал, дрво, композит)8. Посебен акцент последниов период е на поставување на т.н. повратни вендинг машини (ПВМ)9. Пакомак е првата македонска компанија која го воведе овој светски стандард во селектирањето и собирањето пластични шишиња и лименки. Месечно преку овој систем се собираат 350 000 пластични шишиња и лименки. Проценките се дека со натамошното проширување на мрежата и поставувањето на нови машини месечно ќе се собираат до 700 000 шишиња, па бројките континуирано се подобруваат. За возврат, преку апликацијата Екомак (Ecomak) на корисниците на ПВМ им се даваат т.н. „зелени поени“ кои може да ги искористат како ваучери во големите синџири на маркети. И според направените анализи на јавното мислење, финансиските средства и ваучерите се најсилни мотиватори за користење на машините, но секако се остава и можноста во иднина зелените поени да се користат и за покривање на трошоци за јавен превоз, плаќање комунални сметки, донации во општествено корисни цели и слично. За илустрација, од направената анкета дури 78 % анкетирани потрошувачи изјавиле дека седмично собираат до 10 пластични шишиња или лименки10.
Ставот на основачите на Пакомак ДОО Скопје и на најголемите производители на отпад од пакување е дека македонскиот систем е добро поставен и дека во овие услови нема потреба од воведување на депозитен систем. Системот кој сега функционира со ПМВ е базиран на стимулации (incentive based system) и дава одлични резултати. Целта на Пакомак ДОО Скопје е до 2027 година да бидат поставени 400 ПВМ. Комбинацијата на традиционалниот систем на собирање пластика и лименки преку поставување на контејнери за селекција на отпад на јавни места паралелно со мрежата на ПВМ која континурано ќе се проширува и на територијата на цела држава овозможува целосно исполнување на националните цели11.
Дополнително во прилог на ставот дека треба да се задржи постоечкиот систем на управување со отпад е и евидентниот отпор на потрошувачите за воведувањето давачка за пластична амбалажа на пијалаците по примерот со наплатата на пластичните кеси. Така дури 69 % од испитаниците одговориле дека се против дополнителната давачка или немаат став по прашањето12.
Континуираното работење на превенција, повторно користење и рециклирање е потребна повеќе од кога било. Проширувањето на мрежата на ПВМ низ целата територијата на Македонија, креативните стимулациски решенија и подигнувањето на јавната свест ќе дадат резултат во управувањето со пластичниот отпад за еднократна употреба.
А дали ќе бидиме сведоци на ново иновативно алтернативно решение и замена на пластиката останува да покаже иднината.


1 Првото ПЕТ-шише е патентирано пред точно 50 години, во 1973 година.
2 A EUROPEAN STRATEGY FOR PLASTICS IN A CIRCULAR ECONOMY, European Commission 16.1.2018.
3 DIRECTIVE (EU) 2019/904 OF THE EUROPEAN PARLIAMENT AND OF THE COUNCIL of 5 June 2019 on the reduction of the impact of certain plastic products on the environment (article 3, paragraph 2).
4 Закон за управување со пакување и отпад од пакување, член 13, Службен весник бр. 215/2021.
5 Правилникот за стандардите за биоразградливост кои треба да ги исполнуваат кесите за носење на стоки, начинот на пуштање на пазар на биоразградливи кеси од страна на трговците, како и формата и содржината на образецот за водење на евиденција е објавен во Службен весник бр. 265/2021 и во измената во Службен весник бр. 112/2023 со кој се пролонгира примената на стандарите МКС EN ISO 17556:2020 и МКС 1009 од 1 јуни 2024 година.
6 Не и за стаклените и металните садови и за садовите кои се наменети за храна за посебни медицински намени.
7 <https://www.pepsico.com/our-stories/press-release/pepsico-commits-to-100-recycled-plastic-beverage-bottles-for-its-pepsi-brand-in-9-eu-markets-by-2022>
8 Така, на пример, системот за собирање на стаклен отпад од пакување е одлично поставен и годишно се собираат над 5 800 тони кои завршуваат во регионалните центри за рециклирање.
9 Мрежата на повратните вендинг машини е објавена на:
<https://pakomak.mk/Pages/Index/povratni_vending_masini?selectPage=mapa_na_vending_masini>.
10 Истражувањето по нарачка на Пакомак ДОО Скопје е спроведено на примерок од 1 200 испитаници во 9 градови за период од 3 до 16 февруари 2022 година.
11 За 2023 година потребно е да се соберат 60 % од пакувањето што е пуштено на пазарот во државава.
12 Истражувањето е спроведено во јули 2023 година и се однесува на испитаници на територијата на Општина Прилеп и на Општина Битола и е спроведено на 842 испитаници. Истражувачки тим: проф. д-р Емилија Ѓорѓиоска, проф. д-р Моника Ангелоска Дичовска, проф. д-р Маргарита Јанеска и проф. д-р Мери Бошкоска Институција: Економски факултет – Прилеп, Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано