Економија

Нобеловата награда за економија за 2023 година:
Положбата на жената на пазарот на трудот и стеснувањето на родовиот јаз во процесот на економскиот развој

Владимир Филиповски | авторот е Професор на Економскиот факултет Скопје

Економија и бизнис | печатено издание | ноември 2023г.

Нобеловата награда за економија1 за 2023 година ѝ е доделена на Клаудија Голдин (Claudia Goldin), реномирана професорка на Универзитетот Харвард, Масачусец, САД. Според соопштението на Кралската шведска академија на науките, Клаудија Голдин ја добива Нобеловата награда за економија за нејзиниот фундаментален придонес во „унапредувањето на нашето разбирање на исходите од вклученоста на жените на пазарот на трудот“ („for having advanced our understanding of women’s labour market outcomes“). Со тоа Голдин станува третата жена лауреат во 55-годишната историја на Нобеловата награда за економија.

Клаудија Голдин е мошне плоден истражувач и автор. Покрај бројните статии во научни списанија, таа има објавено и неколку книги, од кои првата е Разбирање на родовиот јаз: економска историја на американските жени од 1990 година, а најновата е Кариера и семејство: Еден век долго патешествие на жените кон еднаквост од 2021 година.

Својата научна кариера нобеловката Клаудија Голдин ја посветила на систематски истражувања на економските аспекти на родовиот јаз. Во тој контекст, првиот тип на јаз се однесува на пониските стапки на партиципација на жените во работната сила, посебно на пониски нивоа на економскиот развој. Тоа има неповолни ефекти врз алокацијата на трудот и човечкиот капитал во смисла на неискористен потенцијал на квалификациите и способностите на жените за создавање повисок БДП. Вториот тип на јаз се однесува на разликите во платите, односно заработките меѓу мажите и жените, што е поврзано со прашањата за економската нееднаквост и социјалната правичност. Ова е генералната рамка во која се обликува научниот ангажман и придонес на Клаудија Голдин. Голдин прави плодотворна интеграција на економската, историската и институционална анализа на промените во положбата на жените на пазарот на трудот и оттаму во нивната вклученост во економските процеси.
Голдин ја преиспитува тезата дека постои едноставна (линеарна) позитивна корелација меѓу економскиот раст и стапката на учество на жените во работната сила. Ваквата теза може да произлезе доколку се анализираат податоците за САД само во периодот од крајот на 19 век и целиот 20 век. Меѓутоа, Голдин го проширува историскиот хоризонт на анализата на период од околу 200 години, со вклучување на историски статистики кои го опфаќаат периодот од крајот на 18 век и целиот 19 век. Анализирајќи ја вака подобрената историска база на податоци, Голдин заклучува дека во времето кога доминира аграрната структура на економијата (крајот на 18 и почетокот на 19 век), регистрираната стапка на партиципација на жените во работната сила е значително потценета во однос на реалната стапка на партиципација бидејќи податоците од официјалните пописи во тоа време не ги опфаќале производните активности на жените, кога тие работеле заедно со мажите во земјоделството и во првите форми на мали семејни бизниси. Дополнително, со почетокот на процесот на индустријализација (од средината на 19 век до почетокот на 20 век), стапката на партиципација на жените во работната сила всушност опаднала, што е изненадувачки резултат. Објаснувањето е поврзано со тоа дека мажените жени потешко можеле да работат од дома и со тоа да комбинираат вработување плус грижа за семејството (иако немажените жени често се вработувале во индустријата). Дури во првите децении од 20 век започнува трендот на долгорочен пораст на стапката на партиципација на жените на пазарот на трудот. Причините за ваквиот пресврт Голдин ги наоѓа во технолошкиот прогрес, растот на секторот на услугите и повисоките нивоа на образование на женската работна сила. Графичкиот приказ на ваквите долгорочни движења во понудата на женскиот труд во период од речиси 200 години добива форма на латинската буква U.

Клаудија Голдин (Claudia Goldin), реномирана професорка на Универзитетот Харвард, Масачусец, САД.


Во својата анализа, Голдин понатаму открива дека дури и во првите децении од 20 век постои изразита разлика меѓу стапките на партиципација на жените во брак и жените кои не биле во брак. Постоењето на социјална стигматизација и особено на закони со кои се ограничувала можноста на мажените жени по стапувањето во брак да продолжат да работат довеле до тоа учеството во работната сила на мажените жени да биде значително помало во споредба со немажените жени.
На крајот на 60-тите години од минатиот век, во САД се воведува можноста за користење на контрацептивните пилули. Тоа имало значајни ефекти врз положбата на жените на пазарот на трудот. Имено, постоењето на ваквите пилули отворило нови можности за жените за промени во нивното планирање на семејството, образованието и професионалната кариера. Најнапред се отвора можност за одложување за подоцна во животот на стапувањето во брак и раѓањето деца. Со тоа жените се во можност да го продолжат процесот на образование и да стекнуваат повисоки нивоа на човечки капитал, како и да избираат нови образовни области како медицина, право и економија. Практично, позитивно се промениле очекувањата за идните можности за вработување во подоходовни работни места и за очекуваното траење и перспективите на работната кариера на жените. Како последица на ова се зголемиле поттиците на жените да инвестираат повеќе во стекнување квалитетно образование, т. е. во повисоко вреднуван човечки капитал и со тоа да ја подобрат својата позиција на пазарот на трудот.

Нобеловката Голдин го истражува и проблемот на родовиот јаз во заработките (т. е. платите), посебно во развиените земји, во кои и покрај високо ниво на доход пер капита, како и покрај легислативата за еднакви плати за споредливи позиции, жените во просек заработуваат 10 % − 20 % помалку отколку мажите. Според резултатите на истражувањата на Голдин и нејзините соработници, постои еден важен фактор кој го објаснува јазот во заработките, а тоа е родителството. Имено, на почетокот на работната кариера јазот во заработките е мал. Но, со раѓањето на првото дете, обврските во домот во врска со грижата за детето влијаат на успорување на прогресот во кариерата на жените, а со тоа и успорување на растот на нивните заработувачки во однос на оние на мажите. Ова посебно е изразено кај работни места кај кои е тешко да се примени делумно работно време (хонорарна работа). Истовремено, во современи услови, работодавачите често пати бараат работниците да бидат перманентно на располагање за извршување на работните задачи. Заклучокот од овие истражувања е дека родителството (мајчинството) е фактор кој во голема мера го објаснува родовиот јаз во заработките во развиените земји денес.

Во контекст на родовиот јаз во заработките, интересни се и заклучоците од историската анализа на Голдин. Имено, во периодот на Индустриската револуција (1820 − 1850), како и во периодот на раст на административните и канцелариски услуги (1890 − 1930), доаѓа до намалување на јазот во платите меѓу мажите и жените. Но, на почетокот на 20 век доаѓа до промена на трендот и постепено зголемување на јазот во заработките. Причините за ваквата промена Голдин ги наоѓа во структурните промени во економијата со експанзијата на секторот на услугите, но и во промената на системите на наградување на трудот. Имено, во тој период се случува премин од наградување по парче кон наградување преку исплата на утврдена месечна плата. Со тоа се зголемува побарувачката за платата на оние работници кои можат да имаат долга работна кариера без прекини, а таков тип на кариера е помалку застапен кај жените со оглед на нивниот ангажман за грижата за децата2.
Уште едно важно согледување на Голдин е тоа дека денес во развиените земји јазот во заработките многу повеќе произлегува од разликите на заработките меѓу мажите и жените во рамките на исто занимање, т. е. професија, а значајно помалку од разликите меѓу различни занимања (т. е. професии). Имено, во стандардната економска наука се смета дека различни занимања претпоставуваат разлики во вложувањето во човечки капитал, така што доколку жените се предоминантно ангажирани во занимања со релативно помали вложувања во човечки капитал во споредба со мажите, тогаш тоа би била основната економска причина за јазот во заработките. Но, сеопфатните анализи на Голдин на еволуцијата на родовиот јаз во заработките во САД сугерираат дека разликите во заработките внатре во рамките на исто занимање стануваат многу поизразени отколку разликите меѓу различни занимања. Тоа значи дека иако разликите во човечкиот капитал се важни, сепак, со поголемата вклученост на жените во сите нивоа на образование, релативниот придонес на човечкиот капитал како извор на јазот на заработките се намалува за сметка на зголемената улога на разликите во заработките внатре во пооделни професии. Во рамките на одредени занимања, флексибилноста на работното време (која им е потребна на жените за да ги усогласат обврските во семејството) има своја цена во форма на помала заработка. Во својот труд од 2014 година Голдин заклучува:
„Која е тогаш причината за преостанатиот јаз во платите? Едноставно кажано, јазот постои бидејќи во многу занимања часовите на работа вредат повеќе кога тие се сработени во посебни временски моменти и кога се работи за повеќе часови поминати во континуитет на работа, односно во многу занимања заработките имаат нелинеарен сооднос со бројот на работни часови. За поголемата флексибилност на распоредот на работни часови работникот „плаќа“ поголема цена (во форма на помала заработка, забелешка наша), што е особено случај во светот на корпорациите, финансиите и правото.“3 (Goldin, 2014, 1116−1117).

И денес, на глобално ниво, родовиот јаз е изразито широк: во просек, стапката на партиципација во работната сила на жените е околу 50 %, додека на мажите е околу 80 %. Но, во овој контекст, големи се разликите меѓу развиените земји и посиромашните земји во развој – во земјите на Јужна Азија, Средниот Исток и Северна Африка, овој јаз изнесува и до 50 процентни поени. Јазот во платите, т. е. заработките меѓу мажите и жените опстојува дури и во развиените земји, иако денес значително намален. Истражувањата на нобеловката за економија за 2023 година Клаудија Голдин покажуваат дека надминувањето на родовиот јаз на пазарот на трудот не е праволиниско рамномерно движење усогласено со економскиот развој изразен како долгорочен раст на доходот пер капита, туку е историски процес со периоди на намалување и периоди на зголемување на јазот. Динамиката и насоката на промените на положбата на жените на пазарот на трудот е резултанта на неколку клучни општествени фактори како што се: технолошките и секторските структурни промени во економијата, промените на природата и организацијата на работните места, начините на плаќање на трудот, квалитетот на образовниот и здравствениот систем. Но, тука се важни и преовладувачките социјални норми и морални вредности во општеството преточени во законската и институционална рамка во која функционира пазарот на трудот и која ја дефинираат положбата на жената во економијата и во општеството воопшто. Комбинацијата на ваквите фактори може да е различна во различни земји и во различни фази од процесот на економскиот развој така што различни се политиките и мерките за надминување на родовиот јаз во платите и во вклученоста на пазарот на трудот.

ПРЕПОРАЧАНО