Економија

Имплементацијата на регулативата на ЕУ за електронските информации во товарниот транспорт и воведување хармонизирани едношалтерски системи во Југоисточна Европа во функција на зајакнување на извозот и на економската интеграција

Зоран Јолевски | Авторот е експерт од областа на меѓународна трговија и поранешен амбасадор

Економија и бизнис | печатено издание | октомври 2023г.

На глобално ниво во последниве 20-тина години особено место се дава на концептот на олеснување на трговијата. Потврда е што овој концепт е во фокусот на мултилатералните трговски преговори под покровителство на СТО. Една од ретките области во кои се постигна напредок во Развојната агенда од Доха е стапувањето во сила на Договорот за олеснување на трговијата. Оваа област е во фокусот на работата и на Светска царинска организација, на УНКТАД, на Економската комисија за Европа на ОН, како и во активностите на регионалните организации и институции. Имплементацијата на концептот за олеснување на трговијата има цел да ги поедностави, да ги хармонизира и да ги модернизира постапките и процедурите кои се поврзани со извозот, увозот и транзитот на стоки преку границите.
Извозниците, увозниците, шпедитерите и транспортерите со цел да ги исполнат регулативите продуцираат голем број документи со цел да ги исполнат регулаторните барања поврзани со увоз, извоз и транзит. УНКТАД проценува дека просечната царинска трансакција вклучува 20 до 30 различни субјекти, 40 документи, 200 податоци (од кои 30 се повторуваат најмалку 30 пати). Овие информации и документација често мора да бидат доставени до неколку различни агенции, секоја со свои специфични (рачни или автоматски) системи и форми на хартија. Овие процедури влијаат врз трошоците на меѓународната трговија. Според СТО, имплементацијата на Договорот за олеснување на трговијата ќе придонесе за раст на БДП за 0,5 % до 2030 година со тоа што ефектите врз помалку развиените земји ќе бидат многу поголеми.
Продлабочувањето на единствениот пазар е секогаш во приоритетите на Европската Унија. Со елиминирањето на царинските и нецаринските бариери, со хармонизацијата на стандардите и со регулативата се постигна голем напредок во создавањето услови за развој на трговијата меѓу државите членки на ЕУ, а со тоа и за зголемување на растот на националните економии. Следен чекор за искористување на придобивките на единствениот пазар е подобрување на ефикасноста на европскиот транспортен сектор, односно намалување на транспортните трошоци. Актуелната стратегија на ЕУ во оваа област е давање приоритет на мултимодалниот транспорт при што покрај инвестициите во физичката инфраструктура треба да се забрза и дигиталната трансформација. Ефикасноста на транспортниот сектор е особено значајна за зголемување на трговијата внатре на единствениот пазар, но и на светскиот.
Паралелно со продлабочувањето на единствениот пазар, актуелната економска политика на Европската Унија посебно значење дава и на Европскиот зелен план и на Дигиталниот компас 2030 година.
Во центарот на Европскиот зелен план е намалување на емисијата на стакленички гасови во кој транспортот има особена улога. Со цел овој сектор да биде поефикасен, една од клучните препораки во актуелната транспортна политика на ЕУ е поинтензивно користење на железничкиот и водениот транспорт, кои емитуваат многу помалку штетни гасови. Но, поради природата на овие видови транспорт неопходно е да се комбинираат со другите видови транспорт, но и меѓу себе. Затоа олеснувањето на функционирањето на мултимодалниот транспорт е од особено значење. Но, за користите од ова да бидат поголеми неопходно е да се прејде кон електронски формат на транспортните документи.
За да се остварат овие цели, по предлог на Европската комисија, на Европскиот парламент и на Советот, на 15.7.2020 година беше донесена Регулативата 2020/1056 за електронски информации во товарниот транспорт (Regulation 2020/1056 of the European Parliament and of the Council of 15 July 2020 on electronic freight transport information).
Регулативата за електронски информации во товарниот транспорт (еИТТ) предвидува, од август 2025 година, администрациите на државите членки на ЕУ да имаат обврска да примаат и да користат транспортни документи во електронски формат. Треба да се истакне дека еИТТ нема да биде обврска за економските оператори, туку се остава на нив да одлучат дали ќе користат транспортни документи во електронски формат. Но, со регулативата се создава правна обврска и техничка рамка врз чија основа националните органи во државите членки на ЕУ се обврзани да примаат транспортни документи во ваков формат. Воедно дигиталните транспортни документи ќе имаат целосно правно дејство како и класичните хартиени документи (за надлежните државни институции, за банкарските трансакции и сл.). Значајно е што тие ќе можат да се користат како валиден доказ во правниот систем. За да се постигне ова, неопходно е да се користат сертифицирани платформи на еИТТ обезбедени од сертифицирани приватни даватели на вакви услуги.
Платформите на eИТТ мора да обезбедат функционалност и да ги заштитат:
– личните податоци што се обработуваат во согласност со законите за заштита на податоците;
– деловните податоци мора да се третираат како доверливи;
– надлежните органи можат да имаат пристап и да ги обработуваат податоците само во согласност со усвоените спецификации;
– податоците може да се обработуваат само врз основа на овластен и потврден пристап;
– пожелно е да се воспостави единствена електронска идентификациска врска меѓу пратката и нејзините податоци;
– активностите за обработка на податоци да се евидентираат во дневниците на трансакциите;
– податоците може да се архивираат и да останат достапни;
– податоците мора да се заштитени од оштетување и кражба.
Овие платформи треба да бидат прифатени од националните агенции, но воедно да бидат интероперабилни на европско ниво. За имплементација на оваа регулатива од особено значење е да се применат технички стандарди кои обезбедуваат правилна размена на податоци. Мултимодалниот транспортен модел за податоци изготвен од Центарот на Обединетите нации за олеснување на трговијата и електронскиот бизнис (Центар на ОН [UN/CEFACT]) е стандард усвоен од Обединетите нации, кој се употребува на глобално ниво и претставува добар пример за подготовка на овие интероперабилни платформи. Имајќи ги предвид глобалните потреби за развој на стандарди кои ќе овозможат интероперабилност, Центарот на ОН е во процес на понатамошен развој на технички правила за хармонизирана размена на податоци по електронски пат за товарниот транспорт. ЕУ во овој момент стандардите на Центарот на ОН ги смета како добра основа за унифицирање на размената на податоци согласно Регулативата на ЕУ 2020/1056.
Иако користењето на еИТТ не е задолжително, сепак, треба да се истакне дека користите од дигиталниот формат на транспортните документи се големи. Според Европската комисија, со имплементацијата на електронскиот формат на транспортните документи на компаниите ќе се заштедат меѓу 20 и 27 милијарди евра до 2040 година, пред сè поради намалените административни трошоци. Трошоците за државните институции за истиот период се проценуваат на 268 милини евра, пред сè за инвестирање во нови ИТ-системи или за подобрување на постојните системи. За да ја имплементира оваа регулатива се проценува дека приватниот сектор ќе има трошоци од околу 4,4 милијарди евра. Очигледно е дека финансиските придобивки се многу поголеми од трошоците. Ако тука се вклучи намалената емисија на стакленички гасови, тогаш придобивките за општеството во целина се многу поголеми.

Заклучок
Иако земјите од Југоисточна Европа во овој момент не се дел од единствениот пазар, сепак многу значајно е што побргу да изградат административни капацитети за прифаќање на транспортни документи во електронски формат согласно Регулативата на ЕУ 2020/1056 од 15.7.2020 година. За да се постигне ова, неопходно е да определат најмалку една платформа која ќе биде управувана од приватен сертифициран оператор. Воедно треба да се стимулира приватниот сектор да користи ваков вид електронски документи бидејќи тоа ќе придонесе за намалување на транспортните трошоци и за нивна подготовка за целосно интегрирање во единствениот пазар.
Овој процес треба да се интегрира со иницијативите за воведување на едношалтерскиот царински систем. Со оглед што ова е прв чекор кон дигитализација на царинските документи, од особено значење за земјите од регионот е да создадат интероперабилни едношалтерски царински системи. Имајќи предвид дека поради големината на земјите од регионот граничните премини се на релативно кратки растојанија, како и долгите колони на нив, сè заедно има негативно влијае врз транспортните трошоци. Ова особeно негативно се одразува на стоките кои имаат високи транспортни трошоци споредени со вредноста на производите кои се предмет на меѓународна трговија. Исто така негативно се одразува врз стоките кои се лесно расипливи.
Процесот на дигитализација на транспортните документи во согласност со донесената Регулатива на ЕУ 2020/1056 за електронски информации во товарниот транспорт од 15.7.2020 година треба да се искористи за олеснување и за забрзување на царинските постапки во регионот и заедно со воведување на интероперабилни едношалтерски системи во Југоисточна Европа треба да биде дел од иницијативите на ЦЕФТА, на Берлинскиот процес и на Отворен Балкан. Користењето на стандардите на Центарот на ОН од страна на државите во Југоисточна Европа за дигиталниот формат на товарните транспортни документи, како и воспоставувањето на eдношалтерски царински систем се од особено значење бидејќи ќе придонесат за побрз проток на стоки преку нивните граници и за хармонизација на царинските процедури во регионот.
Не смее да се дозволи овој процес да биде сегментиран и спор. Тој треба да се се искористи не само за зајакнување на регионалната економска интеграција на ЦЕФТА-земјите туку и за побрза интеграција на единствениот пазар.
Поради бенефитите што ќе ги имаат извозниците од регионот, особено малите и средните претпријатија, од особено значење е овој процес што побрзо да заврши. Ова, заедно со хармонизираниот едношалтерски царински систем, ќе придонесе за зголемување на конкурентноста на извозниците од регионот. Тука треба да се истакне дека овие два процеса ќе ја зголемат атрактивноста на националните економии кај странските инвеститори. Покрај економските користи, намалувањето на редиците на границите ќе придонесе за подобрување на имиџот на регионот.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано