Интервјуа
Димовски: Нашата цел е да го позиционираме „Аспект“ како глобален играч во финансиската индустрија
Интервју со Борче Димовски, менаџинг-партнер во Аспект
Економија и бизнис | печатено издание | ноември 2023г.
„Аспект“, една од водечките компании за развој на софтверски решенија за банки и финансиски институции на домашниот и странски ИКТ-пазар, изминатиов период го прослави својот 30-ти јубилеј. Јубилејот беше одбележан со настан на кој истовремено беше промовиран новиот визуелен идентитет, како и новиот слоган на компанијата: „Иновација, трансформација, раст“. За предизвиците со кои се соочиле, како и за нивните идни планови разговараме со господинот Борче Димовски, менаџинг-партнер во компанијата.
Господине Димовски, македонската ИТ-компанија „Аспект“ го прослави својот 30-ти јубилеј. Како би го оцениле изминатиов период од денешен аспект? Кој е најголемиот предизвик со кој се соочивте и што сметате дека е вашиот најголем успех?
Б. Димовски: Навраќајќи се на почетоците можам да кажам дека од нашата скромна визија за креирање квалитетни продукти и услуги за нашите клиенти, ние постигнавме и многу повеќе од очекувањата. Во изминативе години научивме како да се прилагодуваме на промените и на потребите на локалниот пазар и на странските пазари, многу добро ги запознавме нашите клиенти и ги разбравме нивните предизвици и потреби. Постојано ги следевме трендовите, работевме на подобрување на нашиот продукт и пронајдовме многу можности за развој на бизнисот со што обезбедивме континуиран раст. Сите овие собрани искуства надополнети со безрезервната посветеност на нашите вработени и поддршката на нашите бизнис-партнери го градеа „Аспект“ низ годините.
Во денешно време, кога технолошката револуција е секојдневие, најголемите предизвици за нас како софтверска компанија специјализирана исклучиво за потребите на финансиската индустрија доаѓаат со адаптирањето на постојаните промени во технологијата, како и со потребите и очекувањата на клиентите од различни делови од светот кои работат на пазари кои се разликуваат како според обемот така и според својата зрелост работејќи под различни регулативи.
Во текот на изминативе години ја градевме приказната на „Аспект“, имајќи го фокусот на развој на софтверски продукт наменет за банки и за финансиски институции. Токму со реорганизацијата на компанијата и со специјализацијата во сегментот на финансиската индустрија, во изминативе 15 години, успеавме да им помогнеме на нашите клиенти да ги остварат нивните цели, да ја зголемат продуктивноста и да се адаптираат на современи стандарди на работа. Истото ова ќе продолжиме да го правиме и во иднина преку постојани технолошки иновации и инвестирање во своите вработени заради зацврстување и подобрување на своето работење. Како заокружување на успешната приказна би го издвоил растот на „Аспект“ на локално, регионално и глобално ниво со актуелно присуство на три континенти, заедно со отворањето на канцелариите во Бишкек, Киргистан и Најроби, Кенија. Отворањето на нови канцеларии и проширувањето на операциите во повеќе земји за компанијата беше следен чекор и одговор на сè поголемата потреба за нашиот продукт и услугите на пазарите во Централна Азија, Африка и регионот Адрија.

Вашите софтверски решенија се специјализирани за сегменти од финансиската индустрија. Што е она што ве прави поразлични од останатите на пазарот?
Б. Димовски: Водени од мисијата да им помогнеме на финансиските институции со нашата технолошка експертиза и специјализирано знаење, ние во „Аспект“ всушност развиваме софтверски продукт целосно прилагоден на специфичните потреби на целокупното работење на една финансиска институција, во процесот на нејзина целосна дигитална трансформација и постигнување на стратешките цели.
Она што нè прави различни и успешни во оваа индустрија е вистинската специјализација и длабокото разбирање на потребите на клиентите: банки, финансиски институции и лизинг компании.
Од друга страна, целосната фокусираност, долгогодишното искуство и стекнато знаење во финансиската индустрија само ја потврдува препознатливоста на ,,Аспект” на локален, на регионален и на странски пазар. Постојаните заложби за инвестирање во човечкиот капитал на компанијата резултира со одлично обучен и стручен тим кој поседува знаење и умешност да одговори на барањата на клиентите и да работи на развој на пазарите каде што имаме свои операции.
Пробивањето на странските пазари е секако императив на секоја компанија. Какво е вашето искуство и какви се вашите планови на ова поле?
Б. Димовски: Нашиот тим во изминативе години стекна значително искуство во работењето на странските пазари. Станува збор за успешно реализирани проекти и имплементации на нашиот продукт, Aspekt Product Suite, во различни делови од светот. Од денешна перспектива, во своето портфолио на клиенти вклучуваме интернационални банки, глобални финансиски мрежи, микрофинансиски организации и лизинг компании кои работат на пазарите во Европа, во Африка и во Азија. Присуството на нашиот продукт на различни пазари зборува за својата универзалност и способност да одговори на различните потреби на клиентите и на различните законски рамки.
Во идните планови предвидуваме позитивен раст и постојано ширење на присуството на странските пазари. Во градење на бизнис-стратегијата постојано се стремиме кон истражување, развој и адаптирање на нашиот продукт за да ги задоволиме потребите на различни клиенти и региони. Во исто време правиме напори да создадеме партнерства и соработки со локални компании и институции за зајакнување на присуството и овозможување на најдобра услуга и поддршка на нашите клиенти.

Во рамките на новиот компаниски визуелен идентитет го промовиравте и новиот слоган на компанијата „Иновација, трансформација, раст“. Според него, какви иновации може да очекуваат клиентите и во наредниот период?
Б. Димовски: Со новиот компаниски визуелен идентитет и слоган го потврдуваме нашиот фокус на технолошки иновации во функција на трансформација на работењето на нашите клиенти заради остварување на нивните стратешки цели и раст. Во следниот период клиентите можат да очекуваат значителни иновации во делот на технологијата. Нашата постојана ангажираност во истражување и развој значи дека клиентите ќе имаат пристап до најновите технолошки иновации. Тоа подразбира постојано подобрување на нашиот продукт, како и интеграција на најновите технологии вклучувајќи ги тука како на пример вештачката интелигенција и машинското учење.
За крај, каде го гледате „Аспект“ десетина години од сега?
Б. Димовски: Нашата цел е да го позиционираме „Аспект“ како глобален играч во финансиската индустрија. Со моменталното поставување на процесите на работење подготвени сме да бидеме една од водечките компании иноватори во сферата на финансиските технологии, со долгорочни стратегии за одржливост и раст. За десетина години од сега предвидуваме проширување на операциите и отворање на повеќе канцеларии со обезбедување на присуство на повеќе континенти.
За нас е од голема важност тоа што компанија веќе работи во духот на глобален лидер во обезбедување на иновативни решенија, поддршка и експертиза во областа на финансиските технологии, кои ќе им помогнат на нашите клиенти да растат, успешно да функционираат и да ги подобрат своите услуги. Не отстапуваме од посветеноста да бидеме и да останеме непогрешлив партнер на клиентите и да ги поддржиме во постигнување на нивните стратешки цели и амбиции.
Разговараше: Ќирко Бошкоски