Општество

Не ме интересира политика

Сузана Камберова | Авторот е доктор по медицина

Економија и бизнис | печатено издание | јули/август 2023г.

„Најлоша од сите видови неписменост е политичката неписменост. Политички неписмената личност не слуша, не зборува ниту учествува во политички случувања и настани. Таа не знае дека трошоците за живот зависат од политичките одлуки. Политички неписмената личност е толку глупава што е горда и се удира во гради говорејќи дека мрази политика. Тој имбецил не знае дека од неговото политичко незнаење се раѓаат проституцијата, напуштените деца и најлошите од сите криминалци – лошите политичари, корумпирани и поткупени од страна на локалните и мултинационалните компании.“
Бертолт Брехт



Пред извесно време една пријателка го постави овој цитат на својот профил во кој, преку критика на рамнодушниот став, силно се афирмира ангажираноста на поединецот во политичкиот живот. Искажано е страсно, па веднаш се забележува дека авторот има емотивен однос по тоа прашање. Тоа му доликува, со оглед дека е поет. Поетите од останатите се разликуваат по вештината интензитетот на чувствата да го изразат со зборови.
Размислувајќи за напишаното се прашав важи ли денес истото ова кога станува збор за практикување политика. Дали и зошто политиката не нè интересира?
Живееме во свет на нагласени противречности. Од една страна глобализацијата, а од друга, спротивно на она што таа глобализација го прокламира, светот е поделен и растрган според нашиот различен однос кон битни животни прашања. Од биполарен (студената војна) преку униполарен, се обидува да транзитира во мултиполарен свет каде што неколку големи сили ќе се борат за геополитичка превласт.
Ќе стане ли наскоро планетава претесна и кој ќе стои на врвот на светот? Дали тоа ќе биде човештвото, сложно и обединето како единствен организам („power to the people“), или одделни држави, влади, мултинационални корпорации, опскурни тајни друштва и организации кои ќе управуваат со нас без отпор? Секоја од овие хипотези одамна има свои горливи приврзаници.
И така, додека глобализацијата упорно нè бутка сите во ист калап, ни ги брише личните, традиционално идентитетските, религиозни и културолошки карактеристики типични за припадност на помали групи, вториот процес, поларизацијата, кој си тече паралелно, ја храни омразата, намерно или случајно потенцирајќи ги и нагласувајќи ги различностите кои стануваат болно воочливи и честопати нè спротивставува мошне насилно едни на други. Светот врие, а зад тој врел бран стои политиката како потпалувач. Имаат ли обичните луѓе контрола над неа или е таа средство за нивно поробување?
Во бројни политички ќор-сокаци се изродија разни супкултури и движења во кои понекогаш границата меѓу граѓански активизам и радикални/екстремни облици на политичко дејствување не е јасно воочлива. Нашата ера ќе биде запаметена по општествени феномени како „културата на исклучување“ (cancel) или „разбуди се“ (woke) активизамот и неговата улога во иницирање на општествени промени и слични движења некогаш и со дубиозни заднини.
Се прашуваме дали ја достигнало човештвото емоционалната, социјална и општествена зрелост за точно да ги преведе сите овие промени на политички јазик и да ги артикулира преку политичката азбука во полезни општествени придобивки. Дали е долгоочекуваното „општествено добро“ нешто слично на недостижното златно руно по кое трагале митските Аргонаути?
Во ера и време на висока технологија, брза комуникација, сателити и 5Г-мрежи, а од скоро и вештачка интелигенција, се чини дека човекот е во состојба да контролира сѐ во просторот околу себе, но не и себе самиот. Чувствата и егото сѐ уште му бегаат преку границите на умот. Тој е во расчекор се колективната свест и зрелост, од една страна и технолошките можности, од друга. Коктел од емоционална нестабилност и врвна технологија (дури и таква што може да ја разнесе целата планета за милисекунда) секому на дофат на рака, е експлозивна комбинација.
Да се вратиме на гореспоменатиот цитат. Кога во денешно време некој ќе рече „мене не ме интересира политика“ или „мразам политика“ дали со тоа не изразува фрустрација од сопствената немоќ да влијае и да управува со чудовишната химера во која се издеформира политиката? Човек чувствува дека политиката, и политичарите, одамна му се отуѓиле, станале цел сами на себе. Кои би биле мотивите некој денес да се занимава со политика кога е свесен за сите недостатоци на еден таков избор?
Секогаш постојат идеалисти, луѓе кои имаат искрена намера да ги вложат своето време, труд и живот работејќи за доброто на сите. За жал, често се случува, еднаш кога ќе влезат во организираните структури на политичко дејствување, партиски и други здруженија, нивните идеали да станат жртва на таквата средина, а тие самите да мораат да изберат, или опстанок или идеали. Нешто поинаков е случајот со „народните“ водачи, оние за кои се раскажуваат политички бајки. Но, зарем не е точно дека секоја централизација на власт и моќ во рацете на поединец, бил тој и лидер од типот „човек од/за народот“ или „неверојатно харизматичен“, неминовно значи и приклонување кон авторитарен принцип на владеење ослонет на хиерархиски и по важност, лојалност или дисциплина, стратифицирани платформи на управување? Сето тоа носи опасност од транзиција во хибриден или чисто автократски владејачки режим во кој правата на граѓаните полека исчезнуваат, а владењето ќе зависи од хировите на карактерот на лидерот.
Човек со личен интегритет може да се обиде да ја практикува политиката како професија, но ако сака да ја задржи чистотата на своето внатрешно „јас“ веројатно таму ќе престојува само кратко време. Во спротивно, ќе мора да се промени и да се бори со лавовите во арената, но не како голорак гладијатор, миленик на публиката, туку како еден од крвожедните лавови.
Човекот е политичко животно, рекол Аристотел, алудирајќи на тоа дека политиката е неминовност неизбежна во секој општествен систем кој го градат луѓето кога сакаат да живеат во заедница. Сложените релации меѓу единките и групите, заедничките работи, обврските и должностите, како и привилегиите, мора да се регулираат, а традиционално и историски задача е на политиката да даде насоки и рамка.
Како да се обезбеди максимална полезност од политиката со минимална штета која ѝ ја нанесуваат негативните девијации, пред сè корупцијата и криминализацијата? Можен ли е „неполитички“ концепт на уредување без традиционалните модели на „самопрогласени“, „наследени“ или „демократски избрани“ политичари?
Демократијата се темели на еден вид фер општествен договор. Една идеологија/партија на избори добива доверба, а другата за тоа време дејствува во заднина. Фер однос би значел опозицијата да не го опструира владеењето на противниците и спроведувањето на нивната политичка идеологија, да се однесува кооперативно кога е општиот интерес во прашање, но и како чувар и општествен коректор или вечно будна „совест“ ако онаа на власта случајно падне во сон. Таква ли е реалноста?
Се добива впечаток дека денес, во сите помали и поголеми демократии, ова е само привид на нештата. Веднаш по завршување на изборниот процес, особено кај помладите демократии, се стартува со активности за промена на власта по секоја цена. Општествата како да се наоѓаат во непрекинат изборен процес, без почеток и крај. И двете страни покажуваат опсесивна преокупираност со себеси, едните да ја задржат позицијата, другите да ја преземат. Притоа не се бираат (политички) средства за постигање на целта. Целиот „демократски процес“ се претвора во една бескрајна клацкалка со наизменично „горе“/„долу“ движење. Ако и дојде до промена на власта, тоа ретко носи суштински промени за граѓаните. Борбата за власт е пеколна и сѐ повеќе заличува на лична пресметка меѓу групи во која се губи желбата власта да се употреби за примена на идеологијата на хуманистичкиот пристап на владеење во пракса. Поединците, групите и граѓанските асоцијации се соочени со избор да заземат страна за да не биде нивната улога во општеството маргинализирана. Секое автентично граѓанско движење за промена на подобро може да се (зло)употреби од двете страни за добивање политички поени во меѓусебната пресметка за кои ќе нè известуваат преку платените медиумски програми.
Со оглед на сето ова, зарем изјавата „не ме интересира политика“ не би можела да се сфати како изјава на поединец изгубен во бескрајната надолна спирала на политичкиот пекол?
Постои ли лек за болеста на современата политика?
Главна цел на политиката е да се постигне јавен интерес и да се реализираат одредени цели и вредности на општеството. Иако теоретски е можно да се замисли мало, изолирано општество во кое политиката не се практикува на формален начин, сепак не би се избегнало постоење на неформална политичка динамика. И во толку мало општество политиката би била присутна во форма на преговарање, договор и заедничко одлучување.
За сите нас е важно да ги разбереме политичките процеси и активно да учествуваме во нив. Во денешно време да изјавиме дека политиката не нè интересира е како да тврдиме дека не нè интересира ниеден облик на живот во заедница со други луѓе. Сме се прогласиле себеси за остров, сам во морето на егзистенцијалната неизвесност. Некои тоа го прават фаталистички препуштајќи се на правилата кои им ги одредуваат други, а мал број навистина би сакал и физички да се изолира од цивилизацијата.
Оние пак кои се занимаваат со политика се делат на такви кои се во неа поради моќ и лична корист и други кои се заинтересирани за општо добро.
Пустиниците и корумпираните како бројка ги има сепак малку. Останува големо мнозинство луѓе во кое има многу обесхрабрени или несвесни за политичкиот капацитет кој го поседуваат. Потенцијалот за промена на подобро лежи токму во нив.
Прашањето е ќе дојде ли ден тој квантитет да се разбуди како нов политички квалитет.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано