Економија

Драги се враќа во Европа и нуди фискална унија

Ивор Мицковски | Авторот е политиколог

Економија и бизнис | печатено издание | октомври 2023г.

Темата за внатрешни реформи во рамките на Европската Унија е многу актуелна и низ европските престолнини и на Балканот. Франко-германската локомотива веќе назначи и експертски тим кој би требало да ги посочи главните проблеми и насоки за во иднина. Но, во цел тој метеж за „Европа со повеќе брзини“, предлозите за напуштање на националните вета и на едногласноста, јавноста како да ја пропушти една од најдобрите вести за Европа која произлезе од последното годишно обраќање на претседателот на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за овој нејзин мандат, а најверојатно ќе следува уште еден.

Во изненадувачки потег, Фон дер Лајен го задолжи Марио Драги, поранешниот претседател на Европската централна банка и премиер на Италија, да подготви извештај за иднината на европската конкурентност во контекст на зелената транзиција. „Европа ќе направи сè што е потребно за да ја задржи својата конкурентска предност“, кажа Фон дер Лајен, повторувајќи ја незаборавната линија на Драги на врвот на европската должничка криза.

Изборот на Драги ѝ дозволи на Фон дер Лајен со еден удар да убие повеќе муви. Прво, да го врати во европските институции како што самата ќе каже „еден од најголемите европски економски умови“. Драги, од своја страна, е познат по фактот што за време на неговото претседателство со ЕЦБ ѝ ги скрати крилата на Бундесбанката, добивајќи дозвола дури и од Ангела Меркел. Така и Ангела и Урсула докажаа дека се вистински европски лидери кои не се грижат само за својот двор.

Поранешниот шеф на ЕЦБ Марио Драги понуди критика за едностраната фискална политика на земји како Германија, која доживува негативен раст поради ковид пандемијата и војната во Украина. Визијата на Драги за фискална унија повлекува нови институции и заеднички суверенитет над банкарската регулатива во догледна иднина. Назначувањето на Драги како личност која ќе го надгледува проблемот со европската конкурентност е знак за поинтегрирана Европа која бара инвестиции за иницијативата за зелена транзиција, за која ќе бидат потребни повеќе од 700 милијарди евра. Понатамошните финансиски интеграции ќе ја заштитат еврозоната од надворешни шокови како што се Брегзит, ковид и Украинската војна, но исто така ќе донесат фокус на домашната побарувачка при што, според економистот на „Финансии на градот“ (Financière de la Cité) Николас Гецман, германскиот модел на економски раст претрпе надолна спирала, а со зголемената цена на енергетските транзиции ќе резултира со послаб конкурентен пазар за целата еврозона.

Решенијата на Драги за финансиските реформи ќе пробаат да ја намалат бирократската процедура и според него овие реформи ќе треба да се справат со клучните економски проблеми, како на пример трговската зависност на Германија во однос на надворешните трговски политики. Според Драги, за да се задоволи домашната побарувачка и да се обнови конкурентноста во еврозоната, унилатералните индустриски политики како што се германските 200 милијарди политичка заштита за потрошувачите ќе мора да бидат скратени бидејќи ја оставаат целата еврозона послаба кога нејзината најбогата членка е зависна од различни надворешни фактори. Главната слабост на Европската Унија според Драги е недостатокот на меѓусекторска индустриска политика, што бара преиспитување на регулаторната политика. Поголемата финансиска интеграција ќе придонесе за креирање на основна економска стратегија која Драги ја смета за суштинска за заштита на суверенитетот и на економските интереси на идната европска федерација.

Проблемот кој Драги го истакнува како клучен за внатрешните реформи на Унијата е прашање кое ја мачи еврозоната од самото нејзино формирање, односно дали монетарната унија може да преживее без фискална унија.
Според Драги, сега е вистинскиот момент за фискална унија во еврозоната затоа што природата на неопходната фискална интеграција се има променето. Како што објаснува, на фискалната унија главно се гледа како на инструмент кој врши трансфери од понапредните и побогатите, донекаде и построги региони, кон оние кои доживуваат економска рецесија. И Драги е свесен дека во националните држави, особено пред европските избори, отпорот кон можноста посилните земји да ги поддржуваат послабите е огромен. Но, веднаш потоа појаснува дека таков вид политика на федерална стабилизација денеска е неопходна. Еврозоната денеска е еволуирана на начин што дозволува една поинаква и теоретски поприфатлива фискална унија.

Тоа е така затоа што ЕЦБ уште од 2012 година создаде политички инструменти кои ги намалуваат непосакуваните разлики во финансиските оптоварувања кај поголемите и помалите земји. Како последица на тоа, денес е многу помалку нужно да се трансферираат средства од една земја кон друга. Вториот клучен аспект е што Европа повеќе не се соочува со кризи испровоцирани од неадекватни политики во одредени земји. Напротив, денес Европа се соочува со заеднички надворешни шокови како што се пандемијата, енергетската криза или војната во Украина. Овие шокови се премногу големи за која било поединечна земја да може сама да се соочи со нив, па оттука идејата тие да се соочуваат преку заеднички акции и политики ќе наиде на помала опозиција и негодување.
Европа денес се соочува со серија наднационални предизвици кои бараат огромни инвестиции во многу кратко време во одбраната, во зелената или дигиталната транзиција. Проблемот е што во моментов Европа нема федерална стратегија за финансирање на овие предизвици, додека во исто време фискалните правила и правилата за државна помош го ограничуваат капацитетот на националните држави самостојно да дејствуваат.

Во таква ситуација Европа ризикува да не ги исполни своите климатски, безбедносни и индустриски цели и потенцијал, а доколку тоа се обиде да го направи користејќи ги старите фискални правила, кои беа суспендирани за време на пандемијата, „тогаш тоа би бил најлошиот можен исход за Европа“, според Драги.

Оттука Европа има две опции. Едната е да ја олабави нормативата за државна помош и да им дозволи на посебните држави самите да го понесат товарот за инвестициите. Но, имајќи предвид дека фискалниот простор во еврозоната не е униформно дистрибуиран, тоа едноставно би значело расфрлање со пари. Заедничките предизвици, како одбраната и климата, мора заеднички да бидат конфронтирани или нема никој засебно да ги оствари.
Втората опција е да ја редефинира својата фискална рамка преку трансферирање на сè поголема потрошувачка моќ кон центарот, така создавајќи и автоматизам во правилата за сите членки. Тоа е фактички нешто што се случува во Америка каде што покрај силната и потенцирана федерална влада се аплицираат нефлексибилни фискални правила за посебните држави на кои категорично им е забрането да го раководат дефицитот. Во такви услови правилата за балансиран буџет се прифатливи токму затоа што на грбот на федералната влада паѓа најголем дел од дискреционото трошење.

Европа би можела да дојде до слична рамнотежа доколку го федерализира најголемиот дел од инвестициската потрошувачка при што федералната потрошувачка и долг би довеле до поголема ефикасност и до поголем фискален простор затоа што агрегираните трошоци за задолжување би биле помали. Во такви услови националните фискални политики би можело да бидат попрецизно алоцирани, насочени кон намалување на долгот или акумулација на резерви за идни тешки времиња.
Вакви реформи ќе значат под заедничка капа да се стават повеќе суверенитети и нужно ќе произведат нови претставнички форми и централизиран одлучувачки процес. Кога ЕУ конечно ќе реши да се прошири на Балканот и на Украина, тогаш овие две агенди природно ќе се структурираат во една целина.

Визијата на Драги не е само обична кејнзијанска реторика, туку неговата анализа е софистицирана и насочена кон иднината. Станува збор за јасна дистинкција во улогите. Постојат политики како што се одбраната, зелените политики, надворешната политика, развојните и индустриските политики кои мора нужно да ѝ припаднат на ЕУ. Тие политики бараат силна централизација од федерациски тип. Потоа постојат национални политики кои се ексклузивна компетентност на засебните влади. Европските политики, секако, ќе имаат потреба од наднационално финансирање, додека за националните ќе треба да важат строги критериуми на еднаквост и крајна внимателност. Станува збор за комплициран институционален дизајн кој е неопходен во денешно време и со цел Европа да го понесе својот дел од товарот.
Како што предупредува и Драги, стратегиите кои во минатото ѝ гарантираа безбедност и просперитет на Европа, преку потпирање за својата безбедност на САД, преку потпирање на Кина за својот извоз и преку потпирање на Русија за енергенти − денеска се недоволни, несигурни и неприфатливи. Големите промени во светската геополитичка рамнотежа ги прави актуелните европски политики неадекватни и неодржливи. Само преку пласирање на една пообединета и федерализирана Европа, Унијата ќе може да излезе во пресрет на предизвиците од новиот мултиполарен и комплициран свет.

ПРЕПОРАЧАНО