Економија
Е-трговијата актуелен предизвик за заштитата на интелектуалната сопственост
Ана Пепељугоска | Авторот е адвокат/партнер во Адвокатско друштво Пепељугоски
Економија и бизнис | печатено издание | јули-август 2023г.
Во последно време и во Република Северна Македонија сме сведоци на експанзија на онлајн платформите преку кои се врши е-трговија. Покрај вообичаените веб-страници на кои самите производители/дистрибутери нудат производи за продажба, во онлајн средината може да се забележат и форми на продажба преку социјални мрежи, веб-страници кои нудат различни категории на производи, па дури и продажба во чет групи на Вибер (Viber) и на Ватсап (Whats App). Овие форми на продажба интензивно ги користат и македонските граѓани. Во светски рамки, пак, е-трговијата и продажбата на производи онлајн е присутна подолго време, а таа беше особено актуелизирана и се разви во време на кризата со ковид-19, а оттогаш бележи континуиран раст.
Последните истражувања на пазарите говорат дека првите три места каде што може да се понудат/побараат фалсификувани производи се платформите за е-трговија, улични продавачи и онлајн реклами на социјалните мрежи. Оттука неминовно се поставува прашањето за потеклото на производите кои се предмет на е-трговија од аспект на тоа дали станува збор за оригинални или фалсификувани производи, односно потребата од имплементација на соодветни правни и технички механизми за заштита на потрошувачите од купување на фалсификувани производи.
Клучните сознанија на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија за 2022 година1 говорат дека 46 % од интернет-корисниците во Република Северна Македонија се јавуваат како онлајн купувачи и тие најмногу купуваат од национални продавачи. Најголем број на производи кои се купуваат преку платформите за е-трговија во Република Северна Македонија, но и во Европската Унија се облека и обувки, спортска опрема и козметика. Профилирањето на македонските е-купувачи вели дека тие купуваат еднаш до двапати во три месеци онлајн, а голем дел од нивните нарачки се до 3 000,00 денари.
Статистичките податоци на Еуростат покажуваат дека корисниците на интернет се меѓу 16-годишна и 74-годишна возраст. Но, онлајн купувачите најчесто се во групата од 20 до 34 години.2 Ова е потврдено и во студијата на Меѓународната организација за трговски марки (INTA) од 2019 година3 која говори дека генерацијата З (родени од 1995 до 2010 година) е генерација која најчесто прави онлајн нарачки и го спознава светот преку интернет. Имено, речиси 60 % од испитаниците од генерацијата З одговориле дека со новините се запознаваат преку пребарување онлајн и на социјални мрежи4, а само 29 % од испитаниците одговориле дека тоа го добиваат од училиште, со читање на весници и книги или преку разговори со родителите.
Сепак, според заклучоците од студијата на ИНТА (INTA) од 2019 година, генерацијата З токму од причините на изразена зависност од интернет многу често може да биде подложена на манипулација од е-трговците. Ова особено изненадува бидејќи 85 % од испитаниците се запознаени со правото на интелектуална сопственост и што е предмет на заштита, јасно го разбираат значењето на правата од интелектуална сопственост и сметаат дека правата на интелектуална сопственост се подеднакво важни како и правото на сопственост воопшто.
И покрај тоа, 71 % од испитаниците во САД и 59 % од испитаниците од Италија, припадници на генерацијата З, купиле фалсификуван производ во изминатата година, а на ниво на Европската Унија тој просек изнесува 37 % според истражувањето на Европскиот завод за заштита на интелектуалната сопственост.
Во однос на продавање на фалсификувани производи, 38 % не се сигурни дека тоа би требало да биде забрането, а 25 % сметаат дека треба да биде дозволено. Испитаниците се на ставот дека фалсификуваните производи имаат одредени функционални бенефити, односно се поевтини и подостапни од оригиналните производи, па оттука голем дел од генерацијата З „со поголемо задоволство ќе заштеди со цел да ги потроши своите средства на поевтин производ, иако тој може да биде фалсификат“. Ова е од причина што, според нив, целта на познатите брендови треба да биде широка достапност. Па така трендот кој го постави Епл (Apple) со лансирање на подостапна верзија на ајфон (iphone) е нешто што, според генерацијата З, е добра стратегија и ја намалува можноста од купување на фалсификувани производи.
Имајќи ги предвид одговорите на испитаниците од различни континенти, можеме да заклучиме дека продажбата на фалсификувани производи преку онлајн платформите е брзорастечки проблем кој влијае на бизнисите и на потрошувачите во светот. Па така, спроведувањето на заштитата на интелектуалната сопственост е исправенa пред нов предизвик, а тоа е откривање, превенција и отстранување на фалсификувани производи од „онлајн пазарите“. Ова е важно особено ако се земе предвид дека со купувањето на фалсификувани производи се финансираат криминални организации, нелегалната трговија со оружје, дрога и каналите на проституција. Од аспект на самите потрошувачи, употребата на фалсификуваните производи може да придонесе за загрозувачки последици по здравјето и животната средина (особено за производи од областа на техниката, додатоци во исхраната, козметика и сл.).
Имено, со цел заштита на правата од интелектуална сопственост, а ултимативно и заштита на потрошувачите, светски познатите платформи за е-трговија како Амазон (Amazon) и Ибеј (Ebay) имаат тимови од професионалци посветени на спречување на онлајн трговијата со фалсификувани производи. Покрај тоа, овие платформи имаат имплементирано и механизми за детектирање на продавачи кои пласираат фалсификувани производи и спречување на пласирањето на овие производи. Механизмите кои најчесто се употребуваат се проактивни контроли, технички алатки за заштита на брендовите, одговорност на оние кои прават повреда со пласирање на фалсификуваните производи, заштита и едукација на потрошувачите. Во 2022 година, благодарение на овие механизми од Амазон (Amazon) се идентификувани 6 милиони фалсификувани производи и блокирани се 8 милијарди обиди за внесување во листа на фалсификувани производи пред тие воопшто да се појават на платформата.5
Значајна улога во битката против пласирањето на фалсификувани производи на платформите за е-трговија имаат и носителите на правата од интелектуална сопственост. Па така преку обезбедување на соодветни информации во врска со начинот на означување и опишување на производите, изгледот, поставеноста на логото, информации во однос на лиценците, синџирот на набавка и потекло на производите и суровините и слично тие дејствуваат на едукација на лицата кои се задолжени за детектирање на фалсификувани производи со цел нивно полесно препознавање. Дополнително на ова, често пати од страна на носителите на правата од интелектуална сопственост, но и од самите платформи за е-трговија се користат софистицирани алатки на вештачка интелигенција со чија помош многу полесно и поедноставно може да се откријат лица кои имаат намера да пласираат фалсификувани производи. Конечно, во последниот стадиум на проверка (правење на интервјуа) на продавачите кои сакаат да пласираат свои производи преку платформите за е-трговија често пати се вклучуваат и носителите на правата на интелектуална сопственост.
Но, мониторингот на онлајн платформите од аспект на обезбедување на соодветна заштита на правата на интелектуална сопственост треба да биде во фокусот и на националните заводи за заштита на интелектуалната сопственост, односно координативни тела. Во Јапонија, во 2022 година, со помош на координирани акции на националните тела се отстранети над 310 000 содржини од Фејсбук (Facebook) кои се однесувале на фалсификувани производи, а повеќе од 80 % од случаите каде што асистира јапонската полиција на годишно ниво се однесуваат на онлајн повреди на правата од интелектуална сопственост (најмногу трговски марки и авторско право). Истовремено Националниот завод во Јапонија6 заедно со заводите на САД и на ЕУ лансираат кампањи за едукација на потрошувачите, но и на онлајн трговците за значењето на заштитата на интелектуалната сопственост и превенцијата од продажба на фалсификувани производи.7
Доколку Република Северна Македонија сака да биде во чекор со светските трендови сметаме дека националните тела и органи, но и асоцијациите на онлајн трговци треба да ги следат посочените примери и да започнат со активни кампањи за подигнување на свеста кај потрошувачите за заштитата на интелектуалната сопственост. Ова е од причина што крајниот потрошувач е оној кој треба да поседува доволно знаење за да направи правилен избор при купувањето (што би значело да избере да не купи фалсификуван производ). Дополнително на ова, онлајн трговците треба да започнат со засилена имплементација на механизмите на контрола и проверка на кредибилитетот на понудувачите на производи со цел да се спречи трговијата со фалсификувани производи. На крајот не треба да ги заборавиме и органите на прогонот (enforcement agencies) кои мораат да бидат и кадровски и технички екипирани со цел ефикасно и ефективно да се справат со предизвиците кои ги носи развојот на е-трговијата. Се разбира дека за нивните активности во оваа сфера мора да се створат и законски предуслови.
1<https://ecommerce.mk/en/analysis-and-reports/> пристапено на: 29.5.2023.
2<https://ec.europa.eu/eurostat/en/web/products-eurostat-news/-/edn-20211126-1> пристапено на: 29.5.2023.
3<https://www.inta.org/perspectives/inta-research/gen-z-insights-brands-and-counterfeit-products/> пристапено на: 29.5.2023.
4Според Форбс (Forbes), 44 % од онлајн купувачите купиле производ по пат на препорака од инфлуенсер на социјални мрежи со што се зголемува можноста за инфлуенсери кои промовираат купување на фалсификувани производи.
5Презентација на ден 18.5.2023 година на Годишното собрание на ИНТА (INTA) во Сингапур.
6Имајќи ја предвид популарноста на Манга филмовите, последната кампања на Јапонскиот патентен завод е краткo видео каде што главен лик е видра по име Каванзо во Манга стил кој ги илустрира негативните страни од купувањето на фалсификувани производи онлајн (филмот е достапен на Јутујб [YouTube] и на веб-страницата на Јапонскиот патентен завод).
7Погледнете ја кампањата „Нереално“ (“Unreal”) наменета за млади потрошувачи достапна на Јутујб (YouTube)