Економија
Зелената и енергетската транзиција не смеат да бидат запоставени
Бјорн Габриел | Авторот е претставник на ЕИБ за Северна Македонија
Економија и бизнис | печатено издание | јули-август 2023г.
Европа многу добро се справи со енергетската криза благодарение на брзата диверзификација на понудата и значителниот пад на потрошувачката. Сепак, сѐ уште постои загриженост. Неодамнешната анализа на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) сугерира дека Европа би можела да се соочи со празнина од дури 30 милијарди кубни метри природен гас во текот на клучниот летен период за дополнување на нејзините складишта за гас во 2023 година. Ова ја нагласува потребата за итна акција од страна на владите за намалување на потрошувачката на гас во услови на глобална енергетска криза.
Поради тоа енергетската транзиција не смее да биде запоставена во услови на растечки фискални ограничувања. Краткорочните и долгорочните цели треба да се исполнат на таков начин што ќе се обезбеди нето-нула иднина. Понатамошната диверзификација на снабдувањето и побрзото зголемување на производството на енергија од обновливи извори ќе ѝ овозможат на ЕУ да продолжи да ги заменува изворите засновани на фосили, истовремено намалувајќи ја веројатноста за обновени ценовни притисоци. Овие активности ќе обезбедат енергетска сигурност за домаќинствата и за индустриите на подолг рок, ќе овозможат подлабока интеграција на европскиот енергетски пазар и балансирана дистрибуција низ земјите и секторите.
Рекордни инвестиции во обновливи извори
Планот REPowerEU продолжува силно да придонесува кон овие цели бидејќи донесе промена во енергетската диверзификација уште во 2022 година. Европскиот преглед за електрична енергија покажува дека минатата година ветерната и сончевата енергија создале рекордна петтина од електричната енергија во ЕУ (22 %), за првпат претекнувајќи ги фосилните гасови (20 %) и останувајќи над енергијата од јаглен (16 %). Сепак, поради екстремните суши низ Европа, производството на хидроенергија беше најниско во повеќе од две децении.
Европската инвестициска банка (ЕИБ) финансираше рекордни енергетски инвестиции во вредност од 19 милијарди евра низ светот во 2022 година и ќе додаде до 30 милијарди евра за планот REPowerEU во текот на следните пет години (во просек 6 милијарди евра годишно). Во согласност со ажурираната Политика за заеми за енергија на банката, пакетот ќе ги таргетира обновливите извори на енергија, енергетската ефикасност, мрежите и складирањето, инфраструктурата за полнење електрични возила и иновативните технологии како што е водородот со ниска содржина на јаглерод.
Исто така можеме да видиме и дека енергетските кризи поттикнаа инвестиции во чиста енергија во светот. Според Меѓународната агенција за енергетика, околу 2,8 трилиони американски долари ќе бидат инвестирани во енергија во 2023 година (во споредба со 2,6 трилиони евра во 2022 година и 2,3 трилиони во 2021 година). Над 1,7 трилиони американски долари ќе бидат наменети за чиста енергија, вклучувајќи мрежи, складирање, подобрување на ефикасноста и обновливи извори и електрификација. За секој 1 американски долар потрошен на фосилни горива, сега се трошат 1,7 американски долари на чиста енергија.
Финансиска и техничка поддршка на ЕУ за енергетска транзиција
Западен Балкан, исто така, игра важна улога во енергетската транзиција и климатските цели на Европа. Регионот полека го усвојува неопходното законодавство за да се оддалечи од јагленот и да го зголеми уделот на обновливите извори на енергија. За возврат, ова усогласување со практиките на ЕУ ќе го подобри деловното опкружување за критични инвестиции во енергетска ефикасност. Со цел да се промовира поширока употреба на обновливите извори на енергија, регионот треба дополнително да ги поедностави административните и инвестициските процедури, да премине кон пазарно базирани механизми за поддршка, да ги направи електроенергетските системи пофлексибилни и да создаде балансиран и конкурентен пазар на енергија.
Свеченост за отворање на канцеларијата на ЕИБ во Скопје
За време на енергетската криза, ЕУ усвои пакет енергетска поддршка од 1 милијарда евра за да им помогне на земјите од Западен Балкан да се справат со најнепосредните енергетски потреби, а истовремено да напредуваат со зелената транзиција. Во март оваа година, ЕУ веќе исплати 90 % од енергетскиот пакет од 80 милиони евра за Северна Македонија со цел субвенционирање на сметките за електрична енергија во домаќинствата, поддршка на малите и средни компании, како и државните инвестиции за енергетска транзиција, обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност.
Регионот, исто така, има корист и од Иницијативата на Европската комисија за региони со јаглен во транзиција во Западен Балкан и Украина. Оваа иницијатива има цел да им помогне на регионите кои најмногу зависат од јаглен да се оддалечат од јагленот кон јаглеродно неутрална економија, истовремено обезбедувајќи дека оваа транзиција е социјално праведна. Тоа значи дека енергетските цели се испреплетени со општествените бенефиции, особено за најкревките заедници, осигурувајќи се дека бројот на работни места ќе се одржи и дека никој нема да биде заборавен. Во Северна Македонија, Битолскиот и Кичевскиот Регион беа избрани како пилот-региони што можат да имаат корист од техничката помош за развој на транзициски патокази и финансирање целни проекти, вклучително и од ЕИБ Глобално.
Капитализација на можностите
Севкупно, надминувањето на економската и енергетската криза бара повеќеслоен пристап што комбинира политички мерки, јавно-приватни соработки, насочени инвестиции и технолошки напредок. Со ставање приоритет на зелената транзиција во плановите за економско закрепнување и поттикнување на иновациите, Европа може да се движи низ овие предизвици и да го забрза својот напредок кон одржлива иднина, притоа капитализирајќи ги можностите што ги нуди.
Северна Македонија постави амбициозни цели во рамките на нејзиниот Национален план за енергија и клима, вклучително и значително зголемување на инсталираните капацитети за зголемување на уделот на обновливите извори на енергија и воведување нови интерконектори, како и цени на јаглеродот. Овие активности имаат цел да ја намалат зависноста на земјава од увезена електрична енергија, да го зголемат внесот на обновливи извори и да го интегрираат нејзиното снабдување со енергија на регионалниот и на пазарот на ЕУ.
Европската Унија останува сигурен партнер во забрзувањето на зелената транзиција во Северна Македонија и пошироко на Западен Балкан. Процесот на пристапување во ЕУ ги усогласува енергетските политики, ги олеснува прекуграничните проекти и ја поттикнува пазарната интеграција низ регионот. Енергетскиот пакет на ЕУ и нејзината Инвестициска рамка за Западен Балкан обезбедуваат значајни средства за реформи и јавни инвестиции во енергетскиот сектор. Овој регионален пристап овозможува пропорционални заштеди и на крајот помага да се привлечат многу потребните инвестиции во секторот.
Поттикнување на малите и средни претпријатија да инвестираат во енергетска ефикасност
Во рамките на ЕИБ Глобално, посветената филијала на ЕИБ за активности надвор од Унијата, банката на ЕУ и нејзините блиски институции ќе продолжат да ја обезбедуваат потребната финансиска, техничка и проектна поддршка. Целта е да им се помогне на јавните комунални претпријатија да го декарбонизираат производството на енергија и да го поддржат операторот на преносните системи во нивните напори да ги интегрираат обновливите извори на енергија во модернизирани електрични мрежи. Искористувањето на експертизата и на капиталот на инвеститорите кои работат на глобално ниво е, исто така, еден од нашите приоритети.
Што се однесува до приватниот сектор, имаме намера да ги поттикнеме бизнисите во Северна Македонија што размислуваат да инвестираат во мерки за енергетска ефикасност и производство на обновливи извори на енергија, како и да ги споделиме ризиците со домашните комерцијални банки што размислуваат да ги зголемат своите зелени финансиски портфолија во Северна Македонија. Конечно, ЕИБ Глобално е подготвена да им помогне на своите локални партнери да подготват приспособени инвестициски проекти за обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност, регенерација на животната средина и пренамена, надградба или адаптирање на инфраструктурата на потребите на транзицијата со ниска потрошувачка на јаглерод.
Заедно со Европската комисија, на властите, на комуналните претпријатија, на приватниот сектор и на другите партнери им се ставени на располагање различни алатки за да помогнат во идентификувањето, подготовката и спроведувањето на активностите за декарбонизирана иднина на Северна Македонија.