Општество
Долгиот век на Кисинџер
Ивор Мицковски | Авторот е политиколог
Економија и бизнис | печатено издание | јуни 2023г.
Кога кардиналот Ришеље ќе умре во 1642 година, папата Урбан VIII ќе каже: „Доколку постои Бог, кардиналот ќе има многу за што да одговара. Доколку не постои, тогаш имал успешен живот.“ Црвената еминенција, автор на мирот од Вестфалија и современите меѓународни односи, живееше 57 години. Хенри Кисинџер, роден како Хајнц Алфред Кисинџер, речиси го дуплираше. На 27 мај наполни 100 години и со право ја заслужува титулата дипломатски принц на 20 век.
Има ли и Кисинџер за што да одговора пред Бога? Тоа ќе го каже историјата и засега тој суд е одложен за во иднина.
Стратегот на векот, протагонист на најделикатната рамнотежа на сили во американската политика, советник за национална безбедност меѓу 1969 и 1977 година, добитник на Нобеловата награда за мир во 1973 година, Кисинџер низ целата своја историја, па и со актуелно учество во насочување на американската надворешна политика ја докажа тезата дека моќта е: „способност да се остварат целите и да се постигнат промени.“
Балансот на силите ќе биде неговата опсесија, подготвен да плати секаква цена за нејзино остварување и одржување, макијавелистички убеден дека: „За да ги одбраниш принципите мора да останеш жив, инаку што си направил?“
Вака Хенри ги дели и разгорува државниците, дипломатите, медиумите, интелектуалците повеќе од половина век. Со своите монументални мемоари од Белата куќа, со славните дела како „Дипломатија“ или „Кина“, со илјадниците страници од неговата биографија која ја пишува заедно со историчарот Нил Фергусон. За неговите противници и негатори, од Сејмур Херш до Кристофер Хитченс, тој е „воен криминалец“ виновен за масакрите во Виетнам, Камбоџа, Лаос, Пакистан, Индонезија, за државниот удар врз Аљенде во Чиле − зад еден ѕид полн трагедии и триумфи се крие мистеријата и мислата на Кисинџер.
Кисинџер е деканот на реализмот во надворешната политика, националниот интерес е неговата ѕвезда водилка, човек во кој совршено се спојуваат димензијата на научник и врвен политиколог со онаа на внимателен и посветен кројач на односи во некои од највлијателните сфери на американската политика и општество. За Кисинџер компетентноста на советникот не е доволна, таа мора да е придружена со влијание врз принцот со цел нештата да се променат. Така Кисинџер совршено го инкарнира „филозофот“, како еден од ретките големи научници и академици способен да ги изрази во пракса своите теоретски гледишта и напори.
Фазата која најдобро ни дозволува да го дестилираме неговото стратешко размислување се поклопува со владеењето на Никсон. Како прво, одлуката да не се прекине вмешаноста во Виетнам, избегнувајќи го поголемиот ризик од нагло повлекување што би произвело моментален дебакл во јужен Виетнам, загрозувајќи ја американската позиција во Азија и светот. Тука веќе паѓа во очи етичката дилема на големите нации, изборот меѓу две опции кои подеднакво би требало да се избегнат, но со свеста дека постои неизбежноста да се донесе единствена одлука: тука лежи неизбежноста на трагедијата во човековата историја и во онаа на државникот.
Одличен пример за стратешкото размислување на Кисинџер е дипломатското зближување со комунистичка Кина на Мао, од која САД се оддалечија во 1949 година, по крајот на Граѓанската војна и бегството на Чанг Кај Шек во Тајван. Со поддршка на Кисинџер, Никсон ќе оствари клучна посета на Кина во февруари 1972 година − прва историска посета на еден американски претседател. Кисинџер го оркестрираше приближувањето меѓу двете земји во една необична триангулација за Студената војна, со цел да изврши притисок врз СССР. Кина нема да стане сојузник на САД, но ќе се претвори во помала грижа и помало зло. Тешко е да се негира историската важност на оваа одлука по судбината на современиот свет.
Според Кисинџер, САД мораат стратешки да резонираат во недостаток на супремацијата неопходна да го издржат нивното „империјално пренапрегнување“ (imperial overstretch). Поимите како национален интерес, рамнотежата на моќта и рационалноста, се носечки столбови во односите меѓу државите нации, втурнати во еден анархичен контекст, со цел да не пропаднат во целосен хаос. Пристапот на Кисинџер кон дипломатијата предвидува дека меѓународниот поредок мора да е „легитимен“, односно прифатен од страна на клучните држави актери. Соочени со историската трагедија, моралните принципи мора да бидат внимателно дозирани, во спротивно ќе доминираат опасните идеолошки позиции кои смртно дејствуваат врз воспоставениот ред и поредок. Во односите меѓу државите, редот и поредокот се клучен предуслов за ефикасноста на дипломатијата. Затоа Хенри е убеден дека: „изборот не е меѓу доброто и злото, туку меѓу прифатливото зло и епохалната трагедија.“ Јасните позиции на „точно“ и „неточно“ можат да бидат и поопасни од нахалниот цинизам. Уметноста на стратегијата и дипломатијата лежи во нијансите, во сивото. Во она што светот навистина е, а не каков посакуваме да биде. „Надежта не е стратегија“ (Hope is not a strategy).
Но, какво е навистина размислувањето на Кисинџер и зошто може да се смета за филозоф?! Мал вовед. Подемот на Хитлер ќе остави неизбришлива трага врз еврејските интелектуалци избегани од Германија. Лео Штраус, Хана Арендт, Ханс Моргентау, а особено Кисинџер, на многу начини ќе се обидат на американската наивност да го придодадат и „гравитасот“ на старата Европа. Во таа смисла Кисинџер може да се смета за европскиот Хирон во Ахиловата американска надворешна политика преку нејзино доктринарно поставување и вкоренување во класичниот реализам.
Да се разбере Кисинџер значи да се разбере европската историја на 19 век, негова ѕвезда водилка од почетокот до крајот. Да се избегнува нерамнотежата меѓу силите значи да се избегне судир меѓу империите, нешто што две светски војни одлично ни го докажаа. Како политичар Кисинџер трагаше по релаксирање на односите со СССР, не војна, и ги застапуваше сферите на влијание и рамнотежата на силите по секоја цена, макар и поддржувајќи нечовечки и крвави диктатури.
И денес неговата мисла и глас носат предупредувачки тон кон Русија и САД да си ја пронајдат мерката во Украина и да ја остават во позиција на еквидистанца. Двете империи мора да ја пронајдат рамнотежата на моќта − Украина е нивниот тест. Во неговите последни книги за Кина и за новиот светски поредок советува во иста насока, да се пронајде мерка на светот и да се тргне од златното европско правило: подобро е да се направи поделба во сфери на влијание отколку да се ризикува војна меѓу две империи.
Но, можеби најдобра слика за неговите резони ни нуди неговата дипломска теза по политички науки која, всушност, е филозофски трактат: Шпенглер, Тојнби, Кант и значењето на историјата. Спојувањето на Хегел и Кант значи да се разберат историјата и политиката без тие да се измешаат: ниедна визија за историјата нема да го спаси светот, како што ни политиката нема спасоносна мисија. Маркс ја презема од Хегел својата методологија, но зошто Кисинџер се мотивира од Шпенглер и Тојнби?! Првиот во својата „Залезот на Западот“ објаснува дека нашата цивилизација е во залез уште пред Првата светска војна: „Војните кои ќе следуваат ќе бидат како створени за оние кои имаат сила само да покажат зошто ги изгубиле харизмата и влијанието.“ Вториот оди и чекор подалеку: во неговата универзална историја од 12 тома ќе објасни дека глобализацијата е голема западна илузија и дека во неа се крие реакцијата на другите цивилизации кон колонијализмот.
Кисинџер филозофот одлично ќе разбере дека еден единствен свет никогаш нема да постои − и дека ниедна империја, дури ни американската − нема да биде вечна! Оттука ќе ги искористи својата политичка позиција и моќ за да ѝ даде глобална димензија на својата филозофска визија: не како политиколог на реализмот и рамнотежата на моќта, туку како филозоф на мултиполарниот свет. Затоа и во своето време ќе се обиде да го вовлече целиот свет во меѓународните односи, не оставајќи го само на САД и на СССР, туку отворајќи се и кон Кина, кон Индија, насочувајќи ја и Европа да се претвори во силен политички субјект. Да се каже рамнотежа на силите и моќта е лесно, но во реалноста таа рамнотежа секогаш се постигнува преку војна: тоа е лекцијата на 20 век спрема 19 век. И затоа третата светска војна треба да се избегне по секоја цена и затоа во Украина треба да се пронајдат мерка и метод кои ќе создадат нова рамнотежа која ќе биде добра и за Русија. Парадоксално кажано, и Путин би имал корист ако Украина влезе во НАТО.
Ова е филозофијата, трагичната историја и долгиот век на Хенри Хајнц Алфред Кисинџер. „Луѓето се издигнуваат до мит не поради тоа што го знаат, ниту поради тоа што го постигнале во животот, туку поради целите кои знаеле да си ги зададат.“
Не знаеме како ќе го оцени историјата за 100 години, но во овие 100 влезе во Олимпот на големите светски државници, мислители, практичари и филозофи. Со Бога или без него, судот нема изостане како што ни реализмот на овој голем човек нема да нè спаси од нашата инхерентна трагичност и од неизбежните разочарувања.