Општество
БЕСПЛАТЕН РУЧЕК
Сузана Камберова | Авторот е доктор по медицина
Економија и бизнис | печатено издание | мај 2023г.
Жената се пробиваше меѓу седиштата, влечејќи голема торба на преклоп заклучена со јазиче вовлечено во метален процеп. Ме потсеќаше на старите училишни чанти. Се движеше тешко и бучно коментираше. За влакно успеа да избегне да не удри со торбата некој од патниците по глава.
Седни веќе еднаш жено, помислив нервозно, како сето тоа да ме засега. Таа најпосле стаса до задниот дел на автобусот, гласно воздивна, се пикна на седиштето до моето, ја згмечи чантата и со нозете ја шутна под седалото.
Одлично, си помислив. Друштвото пристигна.
Се обидов да ги следам упатствата на мојот психотерапевт: „Вдиши, издиши. Не обрнувај внимание што прават другите. Тоа не е твоја работа, ниту одговорност“, повторував во себе.
Неколку минути тоа ми одеше од рака, а тогаш жената почна да мрда како да седнала на незгаснато огниште. Се обидов да се оддалечам од неа, дури и го прилепив носот на прозорецот исплукан од муви, иако не беше хигиенски. Но, алтернативата не изгледаше воопшто „антисептична“.
Конечно сите патници беа тука и автобусот тргна. Излезе од станицата полна прав и вплови во реката градски сообраќај итајќи кон излезот за автопатот. Ги затворив очите обидувајќи се да ја визуелизирам сликата на она што ме очекуваше, сино море и песочна плажа. Воздивнав речиси целосно смирена од визијата и од крајната цел на моето патување. До пред само една недела не постоеше ни најмало наговестување дека ќе одам на летување, а потоа, одеднаш....
„Кога ќе речат дека сè уште има надеж, веднаш знаеш дека работата пропаднала.“
Извикот ме разбуди од мечтаењето. Некој со лакт грубо ме турна од наслонот на седиштето. Речиси потскокнав од уплав, ама успеав да се воздржам. Ги отворив очите. Беше тоа онаа жена, да речам, блиската ми сопатничка.
„Молааааам!?“ , цикнав, шетајќи со гласот по дијапазон од неколку октави, да ѝ ставам до знаење дека сум напросто запрепастена од нашата комуникација. „Дали вие ми се обраќате мене?“, прашав драматично извивајќи ги веѓите, тие морски пијавици, во лак кон челото, очекувајќи да ѝ стане сосема јасно каде е дозволената граница на нашата собеседничка релација.
Каде баш мене таа да ми западне од цел автобус? Но, не смеам да губам нерви со ситници. Диши длабоко! Смири се! Море, песок, сонце, море...
„Светот, кукло, светот“, жената ми се внесе в лице, игнорирајќи ги моите суптилни сигнали. Можев да ѝ ги пребројам сите митесери, брадавици и жолти дамки по кожата. „Кога сите упорно повторуваат дека за светот сè уште има шанса ако само се направи ова или она што ќе го спаси од уништување, можеш да бидеш сигурна дека ќе пропадне како плуканица на дно на бунарот.“
Ја погледнав зачудено. Каков сега бунар? Што сака воопшто од мене? Коментар на коментарот од радио? Конверзација за состојбите во светот, глобализацијата и егзистенцијалната криза кои се надоврзале на психотропната траума на човечкото постоење изразена преку делирични слики на низа преткатастрофични перцепции пренесени преку средствата за масовно информирање? Дали вака да ја прашам или да ѝ препуштам сè на божицата на спонтаноста?
Неколку долги секунди се гледавме очи в очи, а потоа таа прва го тргна погледот. Победа, воскликнав во себе, изненадена од лесниот триумф на бојното поле наспроти ваква тешка оклопна формација со богато теренско искуство.
Времето леташе како пејзажот покрај патот. Жената задрема. Се свртев кон прозорецот и продолжив со мечтаењето таму каде што запрев. Во плиткото. Во мислите го плескав левото стапало во водата и тукушто сакав да го плеснам и десното и да правам бранчиња мрдајќи ги прстињата со лимон жолто лакирани нокти, кога нешто влажно и студено ненадејно ме допре по лицето.
„Аааах!“
Пискајќи скокнав од седиштето. Останатите патници се свртеа и збунето ме погледнаа. Возачот ја намали брзината, ми упати долг, испитувачки поглед во ретровизорот и се намурти.
„Нервозна си бре ти, за млада жена.“
Долу, од седиштето, зјапаа во мене пар зеленикави очи со бистрина на мочуришни води. Во рацете жената држеше излупена краставица.
„Само сакав да помирисаш и да ти дадам да пробаш, ама ти списка како да те брка некрстениот.“
Брзо се прекрсти трипати со слободната рака и си плукна во дланката.
„А ние двете допрва ќе...“, тука нагло прекина и се закикоти.
Со насмевка им објаснив на патниците дека сум добро.
„Што ќе правиме ние допрва?“, прошепотев седнувајќи.
Жената ги стисна забите. Молчеше. Забележав дека чантата сега ѝ е во скут. Сигурно од таму ја извадила краставицата. Го избришав лицето со рака и се свртев кон прозорецот повторувајќи си дека тоа не е моја работа. Сонце, море, море, сонце... краставица. Уф! Ова жениште ми ја расипа визуелизацијата.
„Нешто старо, нешто ново, нешто позајмено, нешто сино...“
Отворив едно око. Таа потпевнуваше.
„Кога сум во неволја ја пеам оваа вражба и таа бега од мене“, рече со поглед фиксирајќи го патот кој исчезнуваше под тркалата на автобусот. Не ми беше воопшто тешко да замислам како некој бега од неа, па била тоа и неволјата. „Не сум невеста, но песничката секогаш ми помага. А ти? Треба да се обидеш. Докажано дејствува. Гледам и ти не си невеста, а ми изгледа нема шанси ни да бидеш“, се закикоти и ме мавна со лактот во ребра. „Не е важно. Ти треба помош.“
„Што да се обидам?“
Не можев да поверувам дека се впуштив во разговор со неа. Еве нè, зборуваме за свадбарски песнички и мојот брачен статус. Ѓаволот ли ми го зел умот? Што ми направи оваа жена?
„Ајде, земи нешто старо, нешто ново, јас ќе ти позајмам нешто мое, а во сино си веќе облечена. Ти недостасува уште паричка во чевелот, за среќа. Ќе најдам нешто.“
Таа почна да претура по торбата. Јас набрзина се решив, си ги собрав работите ѕиркајќи кон предниот дел на автобусот да видам има ли празно седиште кое би можела да го пополнам со својата прекрасна персона и убаво обликуваните телесни волумени.
„Еве го“, извика суштеството кое важеше за обична жена, иако не беше тоа. Замавна со нешто додека се обидував преку нејзините колена и онаа ужасна торба да се провлечам до спасоносниот простор меѓу седиштата како глушец низ дупка и да избегам. Тоа беше писмо. „Зарем сега ќе се допишуваме?“, помислив збунето.
„Ова е за тебе“, рече, свечено изговарајќи збор по збор и ми мавташе со белиот правоаголник пред очите.
Го зедов писмото. Беше адресирано до некој со моето име и презиме.
„Од каде ви е ова?“, прашав, но веќе насетував како во онаа плитка вода од визиите ме демне архипредатор од праисконските океани на потсвеста. Жената, која би можела да се опише и како „суштество од зоната на самракот“, се смешкаше кловновски шармантно.
„Прочитај го.“
Го искинав пликот држејќи ја на око, да не ме изненади повторно со некој трик. Го препознав ракописот на мојот директор. Ова веќе не се одвиваше добро.
„Драга наша Б...“
На работа никогаш никој не ми се обратил со „драга“. Сомнително, мошне сомнително!
„(...) Како што знаете, јас сум отворена личност, па веднаш ќе преминам на најважното.
Не постои такво нешто како ’бесплатен ручек‘.
Мислам дека ме разбирате, иако се изразувам во метафори. Кога ви понудивме два месеца одмор на море на сметка на фирмата како награда за вашата трудољубивост мислам дека требаше веднаш да ви стане јасно. Вие, вреден работник? Ве молам, да бидеме сериозни. Не само што ни уништивте неколку потенцијални проекти туку и вашата несериозност секојдневно нè чини пари и нерви. Со оглед на тоа што вашиот договор и вашата позиција во сопственичката структура на компанијата се такви да не ни дозволуваат засега да се збогуваме со вас, најдовме привремено решение за тој проблем, се надевам, на обострано задоволство.
Ќе се погрижите за уште еден наш ’незаобиколен‘ деловен соработник. Таа е тетка на нашиот важен деловен партнер и мнозински сопственик во неговата компанија. Не се разбира од работата, а ужива да се меша. Ваша задача е да ја задржите во текот на летото на безбедна оддалеченост од компанијата на нејзиниот внук. Ќе одмарате двете заедно. Иако сето тоа е на трошок на фирмата, односно на нас кои навистина работиме, мора тоа да го прифатиме и да го преземеме на свои плеќи како некој вид пресметан деловен трошок. Или тоа или пропаднавме.
Додека го читате ова, таа седи до вас. Јас лично ги купив билетите и ви ги поделив. Верувам дека веќе ви е јасно зошто нејзиното постоење мораше да остане тајна до самото заминување. Ви посакувам убаво време. Одговорни сте за неа. Ќе делите сè, не само автобусот. Погрижете се да се забавува. Тоа е сега ваша работна задача!“
Подзинав од запрепастување и погледнав во суштеството покрај мене. Молчеше задоволно. Дури да мигнам, морско аждериште ме исфрли далеку од онаа сончева плажа, а лимоните од лакираните нокти ми ја скиселија насмевката. Жената ја втурна главата во торбата и почна да претура. Најпосле извади стуткана сламена шапка и ми ја подаде.
„Нешто старо, нешто ново, нешто позајмено. Еве, земи ја мојава капа. Охохо, ова ќе биде одличен одмор.“
Беше весела како ученичка на распуст. Незабележливо го соблеков чевелот и ставив внатре метална паричка. Ќе ми треба многу среќа, претчувствував. Морето и песочната плажа сè побрзо и побрзо исчезнуваа од пејзажите на моите мисли додека автобусот весело леташе во пресрет на сонцето.
Ариведерчи мио маре!