Економија

Римјаните граделе побрзо, поквалитетно, подолгорочно отколку ние денеска

Дејан Азески | авторот е историчар, новинар и публицист

Економија и бизнис | печатено издание | јуни 2023г.

Со оглед на фактот дека инфраструктурата овие денови е повторно тема број еден во јавноста кај нас, во овој текст само ќе потсетиме и ќе споредиме како функционирало тоа пред повеќе од две илјади години, како тогашните инженери буквално со голи раце успевале брзо и ефикасно да изградат патишта кои траат до ден-денес, а ние со сиот технолошки напредок буквално стоиме во место


Големото влијание за натамошниот економски и политички напредок (се мисли на периодот по паѓањето на Македонија под римска власт) на градовите имал патот Виа Егнација кој бил изграден непосредно по претворувањето на Македонија во римска провинција. Како продолжение на Виа Апија, овој магистрален пат кој бил изграден врз стариот македонски пат започнувал од Драч и водел кон Лихнид – Хераклеја − Едеса − Тесалоника, а потоа по крајбрежјето продолжувал по линијата Абдера − Манореја − Енос и водел до Константинопол.
Како единствена копнена комуникација на Рим со балканските и источниците поседи, Виа Егнација покрај првобитната воена намена овозможувала и транспорт на стоки и размена на културните добра. Цицероновото лично сведоштво покажува дека во средината на I век во периодите на мир сообраќајот по Виа Егнација интензивно се одвивал и дека како резултат на тоа градот Тесалоника бил мошне фреквентно место.
Протокот на стоки и луѓе, од друга страна, создал услови за постепено населување на италијанските трговци во македонските градови. Нивното присуство во Бероја, Тесалоника, Амфипол, Аполонија, Пела, Акантос, Идомене, Стибера, Едеса сведочи за извесен степен на заживување на економијата на овие македонски градови кон крајот на републиканскиот период. Меѓутоа, сè до времето на Август, развојот на македонската економија, а со тоа и подемот на градовите, бил условен од периодите на мир кои биле мошне ретки во овој период поради континуираните војни кои се воделе на територијата на Македонија.
Долгиот период на мир воспоставен за време на владеењето на Август за разлика од републиканскиот период овозможил заздравување и заживување на македонската економија и пораст на потрошувачката и на производството.
Воспоставувањето стабилни и безбедни услови на патните комуникации, како и разгранувањето на патната мрежа во Македонија влијаело врз интензивирањето на трговијата во периодот на раната империја. Најважно стратегиско значење и натаму имал патот Виа Егнација поради што во II и III век биле извршени опсежни градежни активности за негова обнова.
Покрај Виа Егнација, Римјаните го форсирале и патот север − југ кој започнувал од Тесалоника и следејќи ја долината на реката Вардар се движел по правецот Идомене − Антигонеја − Стоби − Билазора и Скупи, а оттаму продолжувал до Наисус и по текот на реката Морава стигнувал до Виминациум.
Големо значење имал и дијагоналниот пат кој започнувал од Хераклеја Линкеститска и водел до Стоби, од каде преку Астибо и Транупара водел до Пауталија, а од таму кон Сердика. На територијата на Македонија функционирале и повеќе локални внатрешни патишта кои служеле за поврзување на главните комуникации и градовите. Од нив посебно бил користен патот кој започнувал од Тесалоника и преку долината на Струма се поврзал со патот кој водел до Сердика. Внатрешните патишта исто така како и главните биле солидно изградени и на нив биле поставени патни станици и стражарски кули. Разгранетата патна мрежа преку која се одвивале главните транспортни и трговски комуникации на Рим со балканските и источните поседи овозможиле значителен економски подем на македонските градови во периодот на раната империја. Во овој период не биле изградени нови градови од позначаен карактер, но била спроведена широка градежна дејност во позначајните градски центри.



Инфраструктурата уште тогаш носела и култура

Во освоените балкански земји се ширеле римскиот начин на живеење, латинскиот јазик, римската религија и култура. Се отворале училишта на латински јазик. Во употреба биле римските пари – денари. Постојано се зголемувал бројот на римските службеници, трговци, занаетчии и колонисти. Римската држава ги населувала на Балканот посиромашните римски граѓани.
Најголем дел од нив биле поранешни војници. За служење во војската, тие од државата добивале земја. Таквите населби се викале колонии. Колонии имало во сите римски провинции на Балканот.
Такви колонии биле: Скупи (Скопје), Јадер (Задар, Хрватска), Емона (Љубљана, Словенија) и други. Освен службениците и војниците, во колониите се населувале и трговци и занаетчии. Тие придонесувале за ширење на римската култура, на латинскиот јазик и на римскиот начин на живеење.
Балканските народи постепено го прифаќале латинскиот јазик, а особено римската култура. Во старите балкански градови Римјаните подигале нови градби во римски стил: палати, театри, храмови, водоводи и бањи. На тој начин започнала постепена романизација на балканските народи.



 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано