Економија

Од историјата на економијата на територијата на географска Македонија...

Дејан Азески | авторот е историчар, новинар и публицист

Економија и бизнис | печатено издание | мај 2023г.

Стопанството на територијата на Македонија за време на османлискиот период (дел први)


Уште еднаш како и многу пати досега преку една историска, а сепак економска анализа ќе се потсетиме дека светот, а особено економијата, сепак, не започнале од нас... Ќе прочитаме и ќе се потсетиме на работи за кои нè учеле нашите дедовци и прадедовци



Турците, како многу прагматични освојувачи, воопшто не биле заинтересирани да го менуваат од старите власти она што веќе функционирало. Па така, врз основа на средновековното уредување на овие територии, е изникнат тимаро-спахискиот систем кој на овие територии ќе функционира со векови. Тимар, всушност, претставува имот со приход до 19 999 акчиња (османлиски сребрени пари).

Познато е дека турските паши на своите офицери со царски берати им давале за управување тимари на определени места. Управителите на тимарите, спахиите, имале право да ги собираат сите даноци од доделеното земјиште задржувајќи за себе одреден дел. Со приходите од тимарите, спахиите заработувале за својот живот вклучувајќи ги и трошоците за своето наоружување. Спахијата бил должен да учествува во воените походи на турската армија со вооружени коњаници, по еден на секои 3 000 акчиња приход на својот тимар.

За посебни заслуги, процентот што го земал спахијата од вкупните приходи можел и да се зголеми. Тимарот најчесто се доделувал во замена за извршување воена должност, односно како воено лено со ограничено наследно право. Колку биле поголеми приходите толку биле поголеми и обврските кон државата. Понекогаш некои тимари им се доделувале на невоени лица што влегувале во владејачката османлиска класа, понекогаш на кадиите, а претставниците на османлискиот судски систем добивале тимари за извршување на своите должности.

Корисникот на тимар имал право на контрола врз обработливото земјиште, имотите на поданиците, необработливото земјиште, врз овошките, шумите и врз водите на територијата на тимарот што го добивал на користење од државата. Спахијата или другите лица што добивале на користење тимар можеле да ангажираат други луѓе за собирање на даноците, имале право да задржуваат дел од прибраниот данок за свои потреби, биле одговорни за надгледување на територијата на тимарот и начинот на кој се обработувало земјиштето од страна на поданиците. Корисникот на тимар можел да биде награден ако добро управувал со тимарот, но, исто така, можел да биде и казнет ако лошо управувал со тимарот. Корисникот на тимар имал авторитет да казнува и да апси прекршители на јавниот ред и мир на територијата што му била доделена од државата со претходна согласност од локалниот судија (кадија). Корисникот на тимар имал должност да ги штити поданиците и лицата на својата територија и да ѝ се придружи на царската армија за време на воените походи. Корисникот не бил сопственик на тимарот.

До крајот на XVIII век, спахиите биле главни претставници на турската власт по селата и, како корисници на тимарите, биле задолжени да служат во турската војска како коњаници. Случаите на неисполнување на своите обврски спрема државата, познати во XVIII век, уште повеќе зачестиле кај спахиите во првите децении на XIX век кога Турција се нашла во анархична состојба и во постојано повлекување под притисок на Русија и на Австрија. Плашејќи се да не ги загубат тимарите поради нередовното одење во војска, а навикнати на релативно добар живот, спахиите почнале, некаде побрзо некаде побавно, да заграбуваат парцели од селаните во селата, потоа од општинските или од државните земји или, пак, со сила да ги тераат селаните да изјавуваат дека доброволно им ги отстапиле своите земји. На овој начин се продолжувало уште претходно почнатото, но во првата половина на XIX век сѐ позасилено создавање нови стопанства по селата, т.н. чифлизи, со кои почнале да господарат нови стопани што можеле без пречка да ги продаваат, односно со купување да ги прошируваат.

Од зграбување одделни парцели, новите стопани преминале кон почифлигување на цели села. Сето тоа го забрзало напуштањето на селата и бегањето на селаните од позагрозените реони во помалку загрозените, слегувањето во градовите или бегањето во планинските места и создавањето сосема нови населби. Освен спахиите, чифлизи создавале, во прв ред, споменатите полунезависни феудалци и одметници од централната турска власт во Западна Македонија: Али-паша Јанински, неговите синови и роднини, Џеладин-бег во Охрид, прочуените тетовски паши по потекло од Албанија, серските бегови, градските ајани и разните булукбашии, јаничарските аги, писарите, дерудеџиите и др. Но, кон формирање чифлизи пристапиле и други категории луѓе, на пр. претставниците на трговско-лихварскиот капитал. Додека сите гореспоменати се служеле главно со вонекономска принуда, последниве доаѓале до чифлизи по пат на купување.

Кон средината на XIX век процесот на почифлигување влегол во својата завршна фаза. Не постојат точни бројки колку и од каква големина чифлизи имало во првата половина на XIX век, но во Македонија, заедно со Тесалија, владеел режим на големи чифлизи. Со создавањето на крупните земјишни поседи по доброволен или по насилен пат и со населувањето на рајата во нив се дошло не само до ново прегрупирање на земјата и до раслојување во селата туку и до нови општествено-економски односи. Според пишувањето на еден современик од средината на XIX век, селското население во Европска Турција, во која влегувала и Македонија, се делело на три групи: на една малобројна група сопственици, чифликсајбии, составени само од муслимани и нешто малку Ерменци; потоа на нешто поголема група крупни прекупци и, најпосле, на најбројната група – ситни исполичари. Големите прекупци ги земале под закуп чифлизите од чифликсајбиите, но не со цел сами да ги обработуваат, туку повторно да им ги даваат под наем на ситните селани под услов да добијат 1/2 или 2/3 од реализираниот приход или, пак, на исполичарите на кои однапред им го давале неопходниот предуем. Предуемот се состоел од земја, работни простории, пасишта за одгледување на стоката, семе за сеење и дрва за горење. Вредноста на овој предуем не била секаде еднаква и варирала од место до место. По жетвата добиеното се делело на следниов начин: прво се одделувал десетокот за државата, потоа од она што останувало сопственикот земал 1/3, а исполичарот 2/3. Но, и двајцата биле должни да ја платат вергијата, односно данокот на земјата. Освен тоа, делот од чифлишката земја што чифликсајбиите го имале задржано за себе селаните морале да го работат бесплатно. Секако, сите селани во Македонија не биле исполичари. Во Тесалија, каде што ситуацијата во селото била слична на онаа во Македонија, од околу 800 фамилии населени во 20 чифлизи, половината биле исполичари, а другите работеле како надничари за по шест гроша на ден.

Од еден официјален турски документ од 1802 година се гледа дека секој чифлик плаќал по 20 гроша данок годишно, и тоа на две рати: првата рата на Ѓурѓовден, а втората на Митровден. Но, голем број други турски документи покажуваат дека, покрај овој редовен данок, локалните власти на теренот по казите за своите извршени расходи за гонење на ајдутите, за конакување на војските, за пречекување на везирите и на другите царски претставници и за поправањето на сараите, секогаш ги обременувале и самите чифлизи со вонредни намети кои често им пречеле да ги исполнуваат своите обврски спрема државата. Затоа имало и чести поплаки од чифликсајбиите до повисоките органи. Како последица на овој чифлигарски систем и режим никнувале нови населби по пустите полиња низ Македонија, што со текот на времето растеле и станувале вистински села, задржувајќи си го и подоцна своето име чифлиг.

И денес во Македонија има остатоци од ваквите некогашни чифлигарски населби, што со своите имиња нѐ потсетуваат на нив (на пример: Будур-чифлик, Чифличе, Вардар-чифлик, Чифлигуево, Митрашински чифлик итн.).
Транзицијата од тимаро-спахискиот кон чифлигарскиот аграрен систем има и конкретен датум. Имено, со Рамазанскиот закон од 1858 година и официјално бил укинат тимаро-спахискиот систем и бил заменет со чифлигарскиот аграрен систем. Иако официјално со тоа се отворила перспектива за забрзан развој на капиталистичките односи во земјоделството, историчарот Ванчо Ѓоргиев смета дека таквата транзиција не одела толку лесно. Според него, иако постоела правна рамка, чифлизите не доживеале полна метаморфоза во вистински земјоделски стопанства од капиталистички тип, туку останале со бројни феудални примеси. Според пишувањата на Ѓоргиев во своето дело „Слобода или смрт“, а врз база на архивски податоци, во Солунскиот вилает егзистирале 1 896 селски населби. Во нив живееле 964 723 жители или 83,05 % од вкупното население во вилаетот. Речиси сите тие се занимавале со земјоделство. Од истите податоци може да се забележи дека бројот на населението што се занимавало со земјоделство во Солунскиот вилает бил 960 000 жители, што значи дека само мал дел од селското население не се занимавало со земјоделство. Историски е познато дека чифлишките стопанства главно се создавале на три основи. Прво, по пат на трансформација на старите феудални земјопоседи во чифлизи, со купопродажба и по пат на насилство и узурпација. Второ, по пат на купопродажба сопственици на чифлизите станувале повеќе Евреи, Грци, Македонци, Власи и други немуслимани. Сопствениците на чифлизите се нарекувале чифликсајбии, а оние што ја обработувале земјата – чифлигари.

Според статистиките на кои се повикува Ѓоргиев, во последната деценија од XIX век во Македонија егзистирале околу 15 000 крупни и средни и 10 000 ситни чифлизи. Околу 70 % од македонското земјоделско население не поседувало сопствена земја. Според една нецелосна статистика од 1906 година, во која не се опфатени сите села, туку само егзархиските, и тоа во 20 кази од Солунскиот вилает, 307 села или 46 % биле чифлигарски, 40 или 6,15 % мешани и 319 или 47,75 % слободни. Според фактичката положба, изгледа дека ослободените села биле повеќе за 1,75 %.

ПРЕПОРАЧАНО