Економија
Сивата економија зафаќа 33% од БДП
06.07.2023г.
Вкупно 33,2 отсто од бруто домашниот производ годишно во државата отпаѓа на сивата економија, анализираат од Стопанската комора на Македонија
Анализата изготвена од професорот Александар Стојков, потпретседателот на Комората Зоран Јовановски и Павле Гацов, даночен експерт и член на Управниот одбор, покажува дека во 2022 година сивата економија во Македонија изнесува 4.282 милиони евра, односно 1.280 милиони евра изгубени приходи во државниот буџет. Ако како земја би успеале да се сведеме на просекот од ЕУ кој изнесува околу 19, 4 % од БДП, тогаш со толкава сива економија би имале 450 милиони евра поголеми приходи во буџетот годишно.
Како дел од решенијата кои се предлагаат за сузбивање на сивата економија се дигитализација на процесите, користење на можностите на мобилните телефони, воведување на централизиран систем на фактурирање и следење на залихите, зајакнати инспекциски активности кај нерегистрирани е-трговци и доставувачи. Несомнено е потребно и елиминирање на пропустите во работењето на менувачниците, кои мора да бидат поврзани со централизиран систем на УЈП, елиминација на пропустите во издавање на имот под закуп и подзакуп, двојното сметководство (увоз на зеленчук) и конечно веќе не смее да има плата во плик.
Бизнис секторот велат дека е крајно време да се најде решение за овој проблем кој ја разјадува економијата веќе 30 години.