Економија

Србија − Косово од економска призма

Дејан Азески | авторот е историчар, новинар и публицист

Економија и бизнис | печатено издание | април 2023г.

Додека политичарите „лаат преку ограда“, бизнисот веќе ги има нормализирано односите


Последните достапни податоци јасно кажуваат дека само увозот на Косово од Србија е близу  половина милијарда евра за 2022 година. Тоа е значителен раст во однос на и онака економски добрата 2021 година кога вкупната трговска размена изнесувала 449 милиони евра, што е пак за 60 % повеќе од 277-те милиони евра во 2020 година. Значи зборуваме за години на ковид криза и меѓусебни санкции каде што најдиректно беше забрануван целокупниот увоз од Србија


Навистина бескрајно долго трае политичката напнатост на релација Белград − Приштина. Веројатно не е за изненадување тоа што српското раководство не може и не смее да се откаже барем од теоретското право врз поранешната јужна покраина, а не е ни за изненадување антагонизмот кој го има другата страна со оглед дека се поминати близу 25 години од големиот воен конфликт во 1998/1999 година.
Но, она што е за позитивно изненадување е статистички потврдениот факт дека и покрај сите овие крајно напнати политички односи, економската соработка меѓу овие две членки на групата Западен Балкан е на исто или подобро ниво како во времето пред Косово да ја напушти или да се отцепи од Србија.

СТАТИСТИКАТА ГИ ДЕМАНТИРА ПОЛИТИЧКИТЕ ВРХУШКИ
Последните достапни податоци јасно кажуваат дека само увозот на Косово од Србија е близу половина милијарда евра за 2022 година. Тоа е значителен раст во однос на и онака економски добрата 2021 година кога вкупната трговска размена изнесувала 449 милиони евра, што е пак за 60 % повеќе од 277-те милиони евра во 2020 година. Значи зборуваме за години на ковид криза и меѓусебни санкции каде што најдиректно беше забрануван целокупниот увоз од Србија.
Статистиката уште покажува дека листата на трговска размена по категории на производи е долга и широка. Па така, овие две засегнати страни меѓу себе разменуваат од вода и пченица преку моторен бензин, електрична енергија, буриња, контејнери од алуминиум, сончогледово масло, безалкохолни пијалаци, шеќер, пченица... Србија од Косово пак најмногу увезувала: цевки, замрзнати малини, структури од полимер, говедска кожа, радијатори за централно греење, лигнит и уште многу други работи.
Ако податочно се анализира структурата на трговската размена, лесно може да се констатира дека ниеден од овие производи не е дефицитарен на европскиот и светскиот пазар и теоретски Србија и Косово би можеле да ги увезуваат од каде било. Но, очигледно постои нормален економски интерес, веројатно поврзан со близината и инфраструктурата, поврзаност што ги прави овие економии нераскинливо поврзани и толку години по војната.

ТРГОВСКАТА РАЗМЕНА НЕ ЗАПРЕ НИТУ ВО НАЈТЕШКИТЕ МОМЕНТИ
Ако 1999 година е многу далеку, тогаш 2019 година и владеењето на Рамуш Харадинај е многу блиску. Па така, сите се сеќаваме дека во негово време беа воведени сто проценти царини на увозот на сите српски производи. Овој потег, кој беше некаков реципроцитет за српската антикосовска дипломатска офанзива, предизвика досега најбурни реакции од официјален Белград кој очигледно беше погоден во нерв.
Додека косовските власти ликуваа дека конечно успеале да повлечат потег кој сериозно ѝ штети на Србија, бизнисмените на теренот уште првиот ден најдоа алтернативни патишта кои одеа најчесто преку Црна Гора и Македонија и успеаја да го бајпасираат и ова економско чудо во режија на Харадинај. И повторно трговската размена, иако статистички регистрираше пад, фактички речиси и да не се помести од место.
Но, ова не е ниту единствен ниту најтежок момент што морале да го пребродат бизнисмените и долгогодишни соработници од двете страни на границата. Се паметат и времиња како големиот погром на Србите во 2004 година или пак неколкуте закани со употреба на сила од Белград во последниве неколку години.
И во едниот и во другиот случај размената продолжи да функционира. Па така, овој пример од нашето најнепосредно соседство најдобро може да ни ја потврди поговорката дека парите немаат ниту вера ниту нација и дека односот меѓу деловните луѓе од двете страни на границата треба да е пример за сите останати поткатегории од општеството.

ЕДНОСТАВНО РЕШЕНИЕТО МОЖЕ ДА ДОЈДЕ САМО СО ПРОМЕНА НА ГЕНЕРАЦИИТЕ И НА МЕНТАЛНИОТ СКЛОП
Во последниве неколку години сум имал потреба да ја посетам Приштина барем десетина пати. Не можам да кажам дека докрај сум се ослободил од непријатните стереотипи кои ми биле наметнати од околината во која сум растел, но со задоволство можам да констатирам дека секое наредно одење таму се чувствувам сè порастоварено и попријатно.
А особено кога ќе имам чест да седнам и да поразговарам со луѓе од мојата или помладите генерации. Тогаш Косово навистина почнувам да го гледам како некоја истурена американска провинција среде Европа каде што очигледно илјадниците американски војници кои останале тука го оставиле својот културолошки печат.
Па така, со младите Косовари со денови можеме да разговараме за НБА-кошарката, за американскиот фудбал, да се палиме за американските кечери и, секако, да јадеме тексашки стек од крупен добиток за кој сите кажуваат дека најдобро се приготвува токму во рестораните во кои веќе четврт век одат Американците во Приштина.
Е со оваа следна генерација која не се интересира ниту за Бујановац ниту за Тетово, туку за Сан Франциско и за Лос Анџелес, убеден сум дека многу полесно ќе правиме бизнис.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано