Економија

Азески: Жилавоста на економијата и на бизнисот во време на ненормални услови

Дејан Азески | авторот е историчар, новинар и публицист

Економија и бизнис | печатено издание | март 2023г.

Војните се нешто апсолутно најлошо што може да му се случи на човекот, а со тоа и на економијата. Од кога се следат стапките на бруто-домашниот производ и другите економски показатели, секогаш и секаде тие опаѓале за време на војна. За материјалните штети и непроценливата загуба на човечки животи не треба ниту да споменуваме. Но, историјата не забележала дека сè уште постоела војна во која запрела трговијата или во која луѓето претстанале да работат.


Точно една година по почетокот на војната во Украина и цели три години по првите случаи на ковид-19, во светот сè уште функционира економијата и се води бизнис. Велам сè уште бидејќи првичните прогнози велеа дека светската економија и поединечните компании кои функционираат во нејзините рамки нема да можат да преживеат ниту тримесечно целосно затворање, а камоли едногодишно и повеќегодишно. Што се однесува до домашната економија, проценките беа уште пострашни и сите искрено верувавме дека нашите компании нема да ја дочекаат ниту 2021 година, а камоли 2023 година.
Но, ете некое чудо или пак некоја заднинска игра успеа некако најголем дел од фирмите и државите да ги одржи во живот. И не само тоа, туку денеска светот се соочува со најниска берзанска цена на природниот гас во последнава деценија и благо, но континуирано намалување на цените на нафтата и на струјата. Значи по првичниот шок од забраната да се купуваат руски енергенси, сепак се најде начин да се надоместат недостатоците и загубите. Како се направи тоа? Многу едноставно, САД реши да потроши малку повеќе од своите резерви и да ги сподели со своите сојузници. Истовремено Кина и Индија тријат раце користејќи ги евтините енергенси кои Европјаните свесно ги отфрлија и со тоа на некој начин се создаде малку поголем и подобар баланс во светот. Со сета почит кон сите жртви во Украина, но барем во овој сегмент војната очигледно позитивно влијаеше.
Што ни кажува сето ова погоре набројано? Очигледно законитостите на слободните пазари и на државно неконтролираната економија се само теорија која е милион пати демантирана во праксата. Само една обична погрешна изјава на врвен политичар има можност да ги сруши берзите во светот во истата секунда. Да не зборуваме за некој поголем непромислен потег на истиот тој политичар (како во Украина) кој очигледно ја има таа можност да ја дестабилизира апсолутно целата светска економија.
За среќа или за несреќа, државите сепак го преживеаја и падот на Берлинскиот ѕид и сите промени по него како сè уште силни фактори кои во вакви клучни моменти сè уште имаат голема лепеза на можности да ја помогнат, па и целосно да ја спасат економијата. Од друга страна, тука се и граѓаните кои во здравствена, политичка, па дури и безбедносна криза мора од нешто да живеат. Втората работа на која нè учат последниве три години е фактот дека бизнис ќе има на овој свет сè додека постои оваа планета и живи свесни суштества на неа.

БИЗНИС ИМАЛО ВО СИТЕ ВОЈНИ ОД АНТИКАТА ДО ДЕНЕС
Војните се нешто апсолутно најлошо што може да му се случи на човекот, а со тоа и на економијата. Од кога се следат стапките на бруто-домашниот производ и другите економски показатели, секогаш и секаде тие опаѓале за време на војна. За материјалните штети и непроценливата загуба на човечки животи не треба ниту да споменуваме.
Но, историјата не забележала дека сè уште постоела војна во која запрела трговијата или во која луѓето претстанале да работат. Тие можеби поради наметнатите услови морале да ја менуваат професијата преку ноќ, но секогаш нешто морале да работат и да приредуваат. Различна била побарувачката на добра кои трговците ги пренесувале, можеби различни или потешки биле и турите на караванот но на крај камилите на овој или оној начин секогаш стигале таму каде што треба.
Па така не се запишани малку примери каде не само сојузниците туку и завојуваните страни тајно тргувале меѓу себе и во виорот на воените конфликти. Едноставно и кога камења и стрели паѓале од небото, луѓето нешто морале да јадат и да пијат и некако да го платат тоа. Во годините кога немало индустрија дури се смета дека војните и освојувачките походи биле главно или барем второ најважно занимање на голем процент од машкото население. Значи, поимот професионална војска не е толку нов колку што ние си мислиме.
Во историјата е забележано и дека војните секогаш правеле големи промени во распределбата на богатството во светот. Едни држави и поединци ја губеле моќта за други да ја добијат и да дојдат на нивното место. Ќе видиме сега и во оваа војна и криза кој на крај ќе е најголем добитник, што само по себе до некаде и ќе ни каже кој имал интерес таа и воопшто да се случи. На таа мала привилегирана група сигурно ќе се надоврзе и многу поголема екипа на опортунисти кои едноставно виделе можност во случувањата и не дозволиле да ја пропуштат.
Сума сумарим, иако нè чекаат огромни геополитички и економски промени, едно е сигурно, и да има нуклеарна војна пак тие малку кои ќе преживеат ќе мора да прават размена или да водат бизнис меѓу себе.

ПРИЛАГОДЛИВОСТА Е ОСНОВНА ЧОВЕКОВА КАРАКТЕРИСТИКА
Без разлика дали веруваме во Дарвиновата теорија или не, фактот дека човечкиот род останал толку многу илјади години како доминантен владетел на оваа планета (иако е физички инфериорен во однос на многу други видови) јасно зборува дека ние како вид, сепак, не сме диносауруси. Да, точно е дека беспотребно ја исцрпуваме оваа планета од необновливите ресурси, да, точно е дека еколошки си ја сечеме единствената гранка на која може да седиме, но сепак на крај човештвото секогаш наоѓа разум во критични ситуации.
Веројатно овој скриен ген за рационалност и во најкомплексните моменти како денешниот е основата на тоа што економијата во домашни и светски рамки преживува и во вакви ненормални услови. Луѓето и бизнисмените меѓу нив сепак успеваат да се издигнат над националните, религиските и идеолошките разлики и едноставно да прават бизнис и од него да живеат или барем преживеат.
Така што од тука некаде и треба да го бараме објаснувањето на оваа обратна пропорционалност или непредвидлива одржливост на светската економија по серија вакви невозможни удари кои, сепак, успеа да ги опстои на нозе. Да се надеваме единствено дека военото лудило ќе запре пред да ги тестираме навистина крајните граници на човечката инвентивност за преживување.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано