Економија
Петревски: Економските санкции – закана за слободната трговија
Горан Петревски | авторот е редовен професор на Економскиот факултет, УКИМ
Економија и бизнис | печатено издание | март 2023г.
По Втората светска војна, еден од најчесто применуваните инструменти на меѓународната политика се економските санкции. Вообичаено тие се временски ограничени и траат до остварувањето на поставената цел, но постојат и земји кои се подложени на санкции со децении како Куба, Северна Кореја, Иран итн. Инаку, економските санкции се употребуваат за различни цели: унапредување на човековите права и слободи, и воопшто, демократските процеси во некои земји, спречување на тероризмот, спречување на развојот на нуклеарното оружје, дестабилизација на власта, спречување на воените судири или забрзување на нивниот крај итн. Притоа тие можат да имаат различни облици како: ограничување или забрана на трговијата со фирмите од некоја земја, запирање на економската помош, ограничување или забрана на патувањата, замрзнување на финансиските средства итн.
Еволуцијата на економските санкции
Иако економските санкции се древна појава, сепак нивниот подем започнува по Втората светска војна, а сето тоа е во тесна врска со тогашната блоковска поделба на светот. Еволуцијата на санкциите условно може да се подели на неколку фази. Во периодот 1950−1975 г., санкциите најчесто се применувале за две цели: дестабилизација на власта во „непријателските“ земји (случајот на Куба) или за да ѝ се помогне на „пријателската“ страна во некој воен судир. Во овој период, најчестата форма на економските санкции биле трговските санкции и ембаргото на трговијата со оружје, а САД биле убедливо најчестиот применувач на санкциите. Примената на санкциите се зголемила во периодот 1975−1990 г. при што повторно САД биле најактивни на овој план. Меѓутоа, во овој период се забележливи и некои промени во употребата на санкциите: прво, иако примената на трговските санкции продолжила, нивното процентуално учество значително се намалило за сметка на порастот на финансиските санкции; второ, иако продолжила примената на санкциите како средство за дестабилизација на власта, сѐ почесто тие се употребувале за заштита на човековите права и за борба против тероризмот.
Во 90-тите години на минатиот век, употребата на трговските санкции веќе стагнирала, а наспроти нив започнале да доминираат финансиските санкции, а особено ембаргото на оружје. Во поглед на целите, овој период се одликува со значително намалување на санкциите како средство за промена на власта, а наспроти тоа тие првенствено биле применувани за поттикнување на демократските слободи и на човековите права. Најпосле, во овој период значително се зголемиле мултилатералните санкции, најчесто применувани од Европската Унија и од Обединетите нации.
Иако 90-тите години на минатиот век се познати како „деценија на санкциите“, нивниот неверојатен подем започнал по терористичките напади врз САД во 2001 година. Оттогаш санкциите најчесто се употребуваат за две цели: унапредување на човековите права и борбата против тероризмот. Истовремено дојде до големи промени во облиците на економските санкции. Имено, најпрвин во САД, а потоа и во другите земји беше воведена законска обврска за банките за контрола на финансиските трансакции како дел од борбата против перењето пари и финансирањето на тероризмот. Освен тоа, наместо да бидат насочени спрема цела земја, трговските и финансиските санкции сѐ почесто се применуваат спрема поединечни фирми и луѓе (т.н. „паметни“ или „таргетирани“ санкции). Најпосле, САД започнаа со примената на т.н. секундарни екстратериторијални санкции, т. е. санкции спрема странски фирми од трети земји кои работат со фирмите спрема кои се воведени санкции. Еволуцијата на економските санкции ја достигна својата кулминација минатата година кога САД, ЕУ и нивните пријатели воведоа широка лепеза санкции за Русија. Мерено според обемот и острината, овие санкции се незапаметени во историјата така што сосема е соодветен нивниот опис „мајка на сите санкции“ даден од американскиот претседател Бајден.
Економските и политичките ефекти на санкциите
Централно место во истражувањата на санкциите зазема нивната делотворност, односно нивните економски и политички ефекти. Притоа економистите ја мерат ефективноста на санкциите според економската штета врз земјата која е нивна цел или врз земјата која ги применува, додека политичката ефективност на санкциите се мери во однос на политичките цели поради кои се преземаат. Во основа, економските истражувања покажуваат дека санкциите навистина имаат значајни негативни ефекти врз фирмите и економските сектори на погодените земји. Уште повеќе економските санкции имаат силно негативно влијание врз целокупната економска активност на земјата која е цел на санкциите, која вообичаено се соочува со стагнација или намалување на надворешната трговија, на странските инвестиции и на економскиот раст при што негативните ефекти од санкциите продолжуваат и долго време по нивното укинување. Меѓутоа, истражувањата покажуваат дека санкциите предизвикуваат различни ефекти во зависност од обликот (трговски, финансиски, делумни или целосни итн.) и од применувачите (унилателарни или мултилателарни).
Од друга страна, ефектите на санкциите врз земјата која ги применува вообичаено се мали и краткорочни. Основната причина за овој резултат е тоа што вообичаено земјите кои ги применуваат санкциите се многу поголеми во споредба со земјите што се цел на санкциите. На пример, американската економија е многу поголема во споредба со Куба, Иран или Србија. Освен тоа, американската економија не е многу зависна од надворешната трговија, особено не од економиите спрема кои се воведени санкциите. Меѓутоа, санкциите спрема Русија претставуваат исклучок во овој поглед бидејќи за првпат во историјата со нив е погодена земја која има важна улога во светската економија. Токму затоа некои европски земји (Германија, Австрија, Унгарија итн.), кои се големи увознички на гас и на нафта од Русија, долго време се колебаа во заострувањето на санкциите, сакајќи да ги избегнат негативните ефекти врз домашната економија. Оттука санкциите спрема Русија претставуваат важна лекција при евентуалната идна примена на санкциите спрема некоја голема економија (на пример, Кина) кога може да се претпостави дека ќе дојде го големи потреси во светската економија.
Врз основа на истражувањето на санкциите преземени по Втората светска војна, во еден труд објавен неодамна, тројца економисти прават композитен индекс на успешноста при што доаѓаат до следниве резултати: најуспешни се санкциите чија цел е унапредување на демократијата и човековите права, како и завршување на воените судири, а најмалку успешни се санкциите чија цел е дестабилизација на власта и борбата против тероризмот; од гледна точка на видот на санкциите, најуспешни се ембаргото на оружје и финансиските санкции, а најниска успешност имаат трговските санкции; според тоа кој ги применува, најголем успех имаат санкциите на Обединетите нации, на САД и на ЕУ, што укажува дека поуспешни се мултилателарните санкции; најпосле, „паметните“ санкции кои се насочени спрема поединечни фирми и сектори се поуспешни од општите трговски санкции.
Инаку, историјата обилува со бројни примери кои предизвикуваат сомнеж во поглед на успешноста на економските санкции како инструмент во меѓународната политика. Таков е случајот со санкциите спрема Италија, воведени од Лигата на нациите во 1935 година, кои немале никакви последици за фашистичкиот режим во Италија. Вториот сличен случај се острите трговски санкции воведени од САД спрема Јапонија кои не само што не ја попречиле јапонската агресија над Источна Азија туку и ја поттикнале Јапонија да ги нападне САД. Слични примери има во поново време: повеќедецениските санкции спрема Куба немаа никаков успех во соборувањето на власта на браќата Кастро; санкциите спрема Ирак беа целосно неуспешни така што на крајот западните земји по вторпат ја нападнаа оваа земја; санкциите спрема талибанскиот режим во Авганистан не го спречи нивното повторно доаѓање на власт; наспроти повеќегодишните санкции, Иран и Северна Кореја сѐ уште ги развиваат своите нуклеарни програми итн.
Според политичките теоретичари, голем проблем во мерењето на (не)успешноста на економските санкции е тоа што јавно декларираните цели на санкциите не мора да се совпаѓаат со вистинските цели. На пример, една земја може да воведе санкции спрема друга земја со цел да се спречи нејзината нуклеарна програма (Иран и Северна Кореја) или да се спречи финансирањето на тероризмот (Иран), а вистинската цел може да биде економска и политичка дестабилизација на земјата. Понекогаш објавените цели се менуваат, па не е јасно во однос на која цел треба да се мери нивната успешност. На пример, таков е случајот со санкциите спрема Русија: на почетокот, тие беа воведени со цел да се спречи нејзиниот напад на Украина, потоа новата цел беше да се казни Русија за нападот и да се забрза крајот на војната, а според последните изјави на американскиот секретар за одбрана Лојд Остин целта на санкциите е да се ослаби Русија до тој степен да не може во иднина да презема такви воени акции.
Најпосле, политичката теорија укажува на можноста од „лажни“ санкции (fake sanctions), т. е. кога една земја презема санкции спрема друга земја при што објавената политичка цел само ја маскира вистинската економска цел. Со други зборови, наместо објавената политичка цел, вистинската цел на санкциите може да биде економската полза за некои интересни групи во земјата (на пример, воената индустрија). Во прилог на ваквите теории служат неодамнешните изјави на високите службени лица на САД и на ЕУ кои отворено ја најавуваат можноста дека во иднина санкциите би можеле да се применуваат како инструмент за остварување на сопствените економски интереси. На пример, американскиот секретар на трезорот Џенет Јелен во една прилика изјави дека „во иднина ќе биде сѐ потешко да се одделат економските прашања од поширокиот национален интерес, вклучувајќи ја државната безбедност“. Понатаму, во својот говор Јелен побара „слободна, но сигурна трговија“ при што нема да се дозволи „земјите да ја користат својата пазарна позиција... за да остварат непожелни геополитички цели“ при што повика на „подлабока економска интеграција... со земјите на кои можеме да сметаме...“. Ваквите погледи претставуваат голема опасност за иднината на слободната трговија и го навестуваат трендот на замена на мултилатерализмот во рамките на Светската трговска организација со регионализам, односно соработка само со ограничен број сојузнички земји. Впрочем, во поново време сѐ почесто западните земји истакнуваат дека економскиот подем на Кина претставува закана за нивната безбедност. Оттука воопшто нема да ме зачуди ако во блиска иднина по „мајката на сите санкции“ бидеме сведоци на „таткото на сите санкции“.