Економија

Со каква економија се добиваат војните?

Љупчо Поповски | aвторот е новинар

Економија и бизнис | печатено издание | ноември 2022

Џозеф Шиглиц вели дека ниедна земја никогаш не победила во сериозна војна оставајќи ги пазарите сами. Дали тоа треба да започне со споделување на поголем дел од товарот преку неочекувани даноци на добивка, контролирање на клучните цени − како што се оние за електрична енергија и храна – и охрабрување на владините интервенции?


Насловот на овој текст е своевидна парафраза на една колумна на познатиот економист и нобеловец Џозеф Штиглиц, објавена неодамна која имаше заглавие „Војните не се добиваат со мирнодопски економии“. Тоа, веројатно, е суштината за тоа каква економија треба да спроведуваат државите, владите и централните банки додека во Европа беснее најголемиот воен судир по Втората светска војна и кој има екстремно големи последици не само за континентот туку и за целиот свет. За тие последици се зборува секојдневно – енергетската криза (не само снабдувањето со енергенти, туку и нивната цена), инфлацијата, синџирот на снабдување, недостигот на основните производи во исхраната, зголемените камати, црноберзијанството, военото профитерство... И тоа не се однесува само за оние земји кои се непосредни соседи на Украина, туку и за држави кои се на илјада километри подалеку од воената зона, како Македонија, а и на големи земји кои се преку океаните, како САД.
Тогаш, каква економија треба да се спроведува? Економисти, бизнисмени, граѓани, новинари во Македонија расправаат каква политика треба да аплицира Владата и централната банка за да им се помогне на сите кои се загрозени од кризата, чиј мотор е во Украина. Нормално, сите се загрижени за инфлацијата која се искачи на 18,7 отсто и девастирачките последици од високите цени на струјата (иако, на пример, цената на гасот е за три пати намалена од август до денес). Владините мерки доцнат, бизнисот вели дека сѐ што ќе се преземе може да стигне предоцна, да се затворат погони, да се отпуштат работници, храната да стане прескапа. Генерално, добиваме премалку општа слика за тоа како да се води економија во време на војна бидејќи сме преокупирани од секојдневните маки.
Затоа добро е да пренесеме дел од размислувањата на оние кои проблемот го гледаат глобално и чии ставови ги читаат тие кои подоцна ги одредуваат економските политики, кои подоцна како плима се шират низ целиот свет. Па, да видиме што мисли Џозеф Штиглиц, кој е професор на Универзитетот Колумбија, каква економија треба да се води за време на војна.
„Погрешно е да се мисли дека војната може да се добие со мирновременска економија. Ниедна земја никогаш не победила во сериозна војна оставајќи ги пазарите сами. Пазарите едноставно се движат премногу бавно за големите структурни промени кои се потребни. Војните неизбежно предизвикуваат недостиг и генерираат неочекувани придобивки за некои на сметка на други. Историски гледано, воените профитери обично биле егзекутирани. Но, денес тие вклучуваат многу производители на енергија и трговци кои, наместо да бидат однесени на бесилка, треба да бидат подложени на неочекуван данок на добивка. Европската Унија предложи таква мерка, но таа ќе дојде предоцна, и таа е премногу слаба и премногу тесна за предизвикот што е тука.
Потребни се посеопфатни мерки во Европа, каде што денешниот пазар на електрична енергија не беше дизајниран да се справи со воените услови. Наместо тоа, тој го следи принципот на маргинална цена. Тоа значи дека цената на електричната енергија го одразува изворот на производство со највисоки трошоци што се потребни за да се задоволи моменталната побарувачка. Како што се зголемија цените на горивото, маргиналните трошоци се зголемија далеку над просечните трошоци. Цената на обновливата енергија, на пример, малку се промени.

Милијардите на трговците со струја
Многу продавачи на евтина струја прават криминал, како и трговците кои купуваа енергија по пониски предвоени цени. Додека овие играчи на пазарот жнеат милијарди евра профит, сметките за струја на потрошувачите растат. Цените на електричната енергија во Норвешка, која е богата со енергија, со нејзините огромни резерви на гас и нафта и хидрокапацитет, се зголемија речиси десет пати. Во меѓувреме, домаќинствата и малите бизниси се туркаат на работ, па дури и некои големи компании веќе банкротираа. Европскиот принцип „нема државна помош“ е отфрлен главно затоа што европските лидери се движеа премногу бавно во менувањето на структурата на пазарот што не беше дизајниран за војна“, вели Штиглиц.
Тој потоа елаборира што е вообичаената мантра на економистите.
„Економистите ги сакаат цените со маргинални трошоци бидејќи обезбедуваат соодветни стимулации и затоа што дистрибутивните последици имаат тенденција да бидат мали и лесно податливи во нормални времиња. Но, сега, стимулативните ефекти на системот се мали, а неговите дистрибутивни ефекти се огромни. На краток рок, потрошувачите и малите бизниси ќе мора да го намалат својот термостат во зима и да го зголемат во лето, но сеопфатните инвестиции за заштеда на енергија бараат време за планирање и спроведување.
За среќа, постои поедноставен систем кој би ги задржал повеќето стимулативни ефекти на цените на маргиналните трошоци без дистрибутивните ефекти. Според нелинеарната рамка на цените, на домаќинствата и на фирмите може да им се дозволи да купат 90 отсто од понудата од претходната година по цена од претходната година и 91 до 110 отсто од понудата по, да речеме, 150 отсто од цената од претходната година.
Иако нелинеарните цени не можат да се користат на многу пазари – поради можноста за „арбитража“ (да се купи стока по ниска цена и веднаш да се препродава по многу повисока цена) – електричната енергија не е една од нив. Затоа некои економисти долго време се залагаат за нејзина употреба во случаи кога големите неуспеси на пазарот имаат важни дистрибутивни ефекти. Тоа е моќна алатка која владите можат и треба да ја користат, особено кога се соочуваат со воени услови.“
Штиглиц елаборира дека воената економија не победува само со економски алатки и дава пример од Виетнамската војна. „Како што разбраа Виетнамците, војните се добиваат исто толку на политичкиот фронт, како и на бојното поле. Целта на Тет офанзивата од 1968 година не беше да се добие територија, туку да се промени политичкиот калкулус на војната, и успеа. Поразот на Русија очигледно ќе бара поголема помош за Украина. Но, тоа ќе бара и подобар економски одговор од страна на Западот пошироко. Тоа започнува со споделување на поголем дел од товарот преку неочекувани даноци на добивка, контролирање на клучните цени − како што се оние за електричната енергија и храната − и охрабрување на владините интервенции каде што е неопходно за да се ублажи критичниот недостиг.“
Познатиот економист од овие простори, Владимир Глигоров, објаснува дека оние земји кои не се придружуваат на санкциите спрема Русија имаат корист која оди на штета на оние кои ги спроведуваат тие санкции. И го наведува примерот на Србија. „Можеби најдобриот начин да се види разликата е да се окарактеризира однесувањето на земји како Србија како занимавање со контрабанда. Додека некои ги сносат трошоците за санкциите, српските власти, стопанството и граѓаните имаат корист од неизрекувањето на санкциите затоа што другите се оштетени. Можеби таа српска придобивка е мала, но е на штета на оние кои се придржуваат до санкциите“, вели тој.
Илузорно е да се мисли дека Србија не трпи штета од војната и дека нејзината економија работи како во мирнодопски услови затоа што не воведува санкции. Клучното прашање, на долг рок рок, е дали ова невлегување во „демократската група“ може да ѝ донесе повеќе штета отколку корист. На пример, со намалување на странските инвестиции.
Секуларната инфлација
Еден друг нобеловец по економија, професорот на Универзитетот Њујорк, Мајкл Спенс, објаснувајќи што се случува во времето на воената економија, дава анализа на т.н. секуларна инфлација која преминува во растечка инфалција и ги загрозува економиите на државите. Во економијата, секуларната инфлација е продолжен период на нежни или благи зголемувања на цените. Секуларната, или хроничната инфлација, во основа е притаена инфлација која продолжува да опстојува во долг временски период. Притаената инфлација е постепено, наместо драстично, зголемување на цените.
Што вели Спенс?
„Високите инфлациски притисоци на постпандемиската економија делумно се напојуваат од секуларните трендови и сили, од кои многу работат на страната на понудата. Иако има и минливи фактори − како што се прекини и тесни грла во синџирот на снабдување, и политиката на Кина за нулта ковид − тие веројатно ќе се намалат во одреден момент. Но, секуларните трендови веројатно ќе доведат до нова рамнотежа во многу економии и глобалните финансиски пазари.
Кај произведените стоки и интермедијарните производи, ние излегуваме од долг период на дефлациски услови кои беа поттикнати од воведувањето на огромни количини на претходно неискористени, евтини, продуктивни капацитети во економиите во развој. Секогаш кога има пораст на побарувачката, одговорот на рамнотежата на пазарот ќе биде некоја комбинација од проширување на понудата и зголемување на цените, а во последните неколку децении, експанзијата на понудата јасно доминираше, создавајќи дефлациски притисоци кои се земаа здраво за готово.
Но, преостанатиот недоволно искористен производен капацитет во глобалната економија се намалува, а глобалната побарувачка порасна бидејќи десетици милиони потрошувачи се приклучија на средната класа. Еластичноста на глобалните синџири на снабдување е намалена, зголемувајќи ја преговарачката моќ на работниците во напредните економии.
Пошироко, глобалната економија влезе во нова ера на чести, тешки шокови од климатските промени, пандемии, војна, блокади на синџирот на снабдување, геополитички тензии и други извори. Во тек е процес на диверзификација на синџирот на снабдување, а новите економски политики силно го зајакнуваат овој тренд. Помина времето кога овие синџири беа целосно конструирани врз основа на трошоците, краткорочната ефикасност и компаративната предност. Новите диверзифицирани синџири на снабдување ќе бидат поотпорни, но и поскапи.
На пример, поради војната на Русија во Украина, Европа ја прифати релативно брзата диверзификација на својот енергетски систем за да ја прекине зависноста од руските фосилни горива. Овој процес ќе доведе до повисоки трошоци за енергија на долг рок − барем додека технологиите за обновлива енергија целосно не се имплементираат неколку децении од сега − и до значителен дополнителен инфлаторен притисок во следните неколку години.“

ФЕД меѓу Сцила и Харибда
Еден друг врвен економист, Брадфорд Делонг, професор на Универзитетот на Калифорнија, Беркли, ја елаборира улогата на Федералните резерви на САД (ФЕД) во светската економија и како колебањето на ФЕД се пренесува во циклични кругови наоколу. Правејќи споредба меѓу администрациите на Барак Обама и Џо Бајден, Делонг укажува на пошироките последици.
„Набргу по претседателските избори во 2020 година, администрацијата на Бајден започна да ја мапира својата економска агенда. Беа потребни тешки напори за да се избегнат три грешки.
Прво, таа беше посветена да не падне во истата замка како администрацијата на претседателот Барак Обама во 2009 година, која не успеа да постави јасни приоритети и да гледа повеќе од еден чекор напред. Додека Обама и неговите советници имаа план за првиот круг мерки за закрепнување по финансиската криза во 2008 година, тие немаа стратегија за тоа што да прават кога конгресните републиканци и демократите („сини кучиња“ [проштедење]) ќе се мобилизираат против нив. Кога тој прв круг се покажа недоволен за да се обезбеди силно закрепнување, беше поставена сцената за изгубена половина деценија на слаб раст и проширување на нееднаквостите во приходите.
Второ, планерите на политиката на администрацијата на Бајден беа претпазливи да не дадат преголем поттик за трошоците. Но, тие исто така знаеја дека постигнувањето брзо и целосно закрепнување ќе значи прифаќање одредено ниво на инфлација.
Колкава инфлација ќе има? Никој не можеше да каже, но тимот на Бајден знаеше дека ако повторното отворање на инфлацискиот шок е преголем, лесно може да предизвика претерана реакција од Федералните резерви на САД. Тоа, на крајот, би ја вратило Америка во полудепресивна или депресивна состојба на секуларна стагнација, со мала влечна политика за да одговори на следната криза или да промовира закрепнување.
Третата опасност што требаше да се избегне беше дека трошењето премногу ќе се зголеми, а реакцијата на ФЕД ќе биде премногу воздржана. Во ова сценарио, инфлаторните очекувања би станале покачени или незацврстени, а економијата би завршила во стагфлација во стилот на 70-тите години од минатиот век.
Така, ситуацијата беше аналогна на Одисеј кој пловел меѓу Сцила (многуглаво чудовиште) и Харибда (масивен вир). Администрацијата на Бајден или воопшто не можеше да се обиде да се движи низ теснецот (првата грешка) или можеше да си ја проба среќата со Сцила (секуларна стагнација) и Харибда (стагфлација).
Безбедното патување на другата страна се чинеше остварливо пред една година кога постоеше и политиката и политичката волја да се постават веслата да работат за да се движи бродот напред со вистинска брзина. Дури се чинеше дека постои широк среден пат меѓу секуларната стагнација и стагфлацијата. Додека многумина се расправаа за тоа која опасност е полоша, и двата ризика изгледаа релативно ниски, а со тоа и податливи со ФЕД кој ја разбра ситуацијата и не беше склон кон паника.
Потоа дојде 24 февруари 2022 година, кога рускиот претседател Владимир Путин нареди инвазија на Украина. Се чинеше дека безбедната патека се стеснува. До јуни, Банката на федерални резерви ги напушти своите напредни насоки и го замени очекуваното зголемување на каматните стапки од 50 базични поени со зголемување на 75 поени, повикувајќи се на неверодостојна бројка од истражувањето за инфлациските очекувања на Универзитетот во Мичиген за да го оправда потегот. Во овој момент, ФЕД повеќе не веруваше дека ја разбира ситуацијата.
Денес не е јасно дали сè уште постои безбедна патека меѓу Сцила и Харибда. Но, по уште две зголемувања од 75 поени во јули и септември, загрижен сум дека ФЕД се откажа дури и од обидот да го најде. Наместо тоа, како Одисеј, тој намерно почна да се стреми кон Сцила (секуларна стагнација), гледајќи ја како помало од двете зла. Повеќе не се слушаат претставници на ФЕД кои предупредуваат дека затегнувањето од минатата зима и пролет допрва треба целосно да се прошири низ економијата. Наместо тоа, Банката на федерални резерви сигнализираше нови покачувања во вредност од 1,25 поени што ќе дојдат пред крајот на оваа година.“
Бидејќи е непознато како ќе се развива војната во Украина, дали таа може да биде уште пострашна со уште подраматични последици за светската економија, не само за Европа, веројатно дека и размислувањата на најпаметните и најугледните економисти ќе се менуваат. Ништо не е дадено еднаш засекогаш, ниту пак целосно обмислено. Ова е целосно нова територија по речиси 80 години мир во Европа и е разбирливо дека потрагата по решенија не е ниту едноставна ниту праволиниска. Но, очигледно, како што вели Штиглиц, војните не се добиваат со мирнодопска економија.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано