Економија

Трансферни цени – преку принципот „дофат на рака“ до развој на фер даночен систем

Економија и бизнис | печатено издание | март 2023г.

УНДП ги поддржува Управата за јавни приходи, Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија во изградбата на ефикасен и ефективен даночен систем

Дарко сака да ја продаде својата куќа поради тоа што се сели во странство. Неговиот брат Стефан случајно бара куќа за купување. Пред да побара понуди, Дарко прави проценка на куќата и утврдува дека нејзината фер пазарна вредност е 2 500 000 денари. Дарко добива понуда од заинтересиран купувач кого не го познава во висина од 2 450 000 денари, а од Стефан, кому му недостасуваат финансиски средства, од само 1 300 000 денари. Ако Дарко ја продаде куќата на првиот понудувач, тоа би било трансакција „дофат на рака“ бидејќи и двете страни се независни и дејствуваат за свој личен интерес. Доколку пак му ја продаде куќата на Стефан, тоа нема да биде трансакција „дофат на рака“ бидејќи двете страни не се независни. Дарко е под влијание на Стефан затоа што тој е член на семејството. Дополнително, понудената цена на Стефан од 1 300 000 денари е значително пониска од утврдената фер пазарна вредност на куќата.

Оваа приказна, која многу често може да биде вистинита, најдобро ја доловува потребата од примена на принципот на трансферни цени. Тие може да се дефинираат како цена што ја одредува даночниот обврзник кога продава, купува или споделува ресурси со поврзано лице. Трансакциите меѓу овие лица треба да се проценат по нивната реална пазарна цена, според принципот „дофат на рака“ – меѓународно прифатен стандард – како цена што би била договорена меѓу неповрзани страни во услови на слободен пазар. И купувачот и продавачот се независни, поседуваат еднаква преговарачка моќ, поседуваат еднакви знења за трансакцијата и не се под притисок или принуда од спротивната страна и дејствуваат во свој личен интерес за да постигнат најкорисен договор за својата компанија. Во една вакава ситуација двете страни дејствуваат независно и водени од личниот интерес, трансакцијата дофат на рака се совпаѓа со објективната пазарна вредност на доброто или услугата со која се тргува.

Главна цел на правилата на трансферни цени е да ги спречат даночните обврзници да го префрлаат приходот на поврзано лице во даночен рај или во земји каде што уживаат некоја посебна даночна поволност. Трансферните цени обезбедуваат правична распределба на приходите од трансакциите меѓу поврзаните компании со седиште во странство, овозможуваат правично оданочување и се „мостот“ кој придонесува да се врати приходот од меѓународните трансакции во земјата на потекло.

Трансферните цени се специфичен дел од даночната политика на една земја и една од најважните области во делот на меѓународните даноци. Воспоставувањето систем за проверка на трансферните цени се клучни и на европскиот пат на земјава бидејќи се дел од преговорите за процесот на влез во Европската Унија, поконкретно во Поглавјето 32 − Финансиска контрола и Поглавјето 16 − Оданочување. Освен тоа, развојот на фер даночен систем заснован на пристапот на единствен пазар е еден од императивите содржани во директивите на ЕУ и во Целите за одржлив развој на Обединетите нации.

Со цел да го поддржи овој процес, УНДП пред две години започна со имплементација на програмата Јавни финансии за развој, поддржана од Министерството за финансии на Република Словачка. Активностите се фокусираат на намалување на готовинскиот тек, борба против сивата економија, стратегија за воведување пресметковно сметководство во државните органи и државните претпријатија, ефикасна наплата на локалните и централните даноци, автоматската размена на податоци за даночни цели, како и ревизија на успешност и на пресметковните финансиски извештаи. Како главен столб за подобрување на даночниот систем во државата се издовјува работата во делот на трансферни цени.



Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП

Република Северна Македонија постигна значителен напредок во развојот на законодавните одредби за имплементирање на принципот „дофат на рака“ во нејзиниот Закон за корпоративен данок на доход. Структурата на законодавството е функционална и ја следи шемата усвоена од многу земји, Упатствата на ОЕЦД за трансферни цени и Извештајот БЕПС (BEPS) Акција 13. Но, верувам сите сме свесни дека усогласеноста со законската регулатива не е доволна и има потреба од нејзино правилно спроведување.

УЈП направи крупни напори и напредок во спроведувањето на регулативата за трансферните цени во земјава. Сепак, трансферните цени се паричка со две страни и затоа УНДП одлучи да иницира обуки за приватниот сектор за подготовка на извештаи за трансферни цени кои сметаме ќе бидат корисни за сите. Само преку партнерство и отворен дијалог со сите засегнати страни може да се постигне значителен напредок кон постигнување на заедничките цели.

Приватниот сектор, во овој контекст, е незаменлив партнер и има клучна улога во унапредувањето на даночните системи и во спроведувањето на глобалната развојна агенда. Да се биде општествено одговорен и усогласен со даночните регулативи е уште еден стандард што треба да го исполнат компаниите за да бидат почитувани во општеството и успешни во бизнисот. Од друга страна, надлежните институции имаат задача да ја надгледуваат работата на бизнис-секторот и нивната усогласеност со законската рамка и конкретните даночни процедури во земјава. Во тој поглед, постигнувањето на Целите за одржлив развој не е прашање само на државите кои ја потпишале конвенцијата.

Управата за јавни приходи останува еден од најдоверливите партнери на УНДП и ќе продолжиме да соработуваме во рамките на проектот „Поддршка на реформите за управување со јавните финансии во Република Северна Македонија“, финансиран од Словачка. Секако, приватниот сектор е важен стратешки партнер на УНДП во справувањето со сиромаштијата и создавањето долгорочен раст кој носи придобивки за сите. Се надевам дека преку транспарентна работа, заемна комуникација и имплементирање на меѓународните практики ќе успееме да постигнеме суштинско реформирање на даночниот систем во државава, правејќи го поефективен, поефикасен и развојно насочен кон компаниите.



Главни национални партнери во проектот се трите клучни институции во системот на јавни финансии − Управата за јавни приходи, Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија. УНДП работи на градење на нивните капацитети, како и поддршка на институционалните напори за одржување стабилна фискална позиција на долг рок, ефикасен и ефективен даночен систем, брза и длабинска ревизија и обезбедување подобри услуги за граѓаните и за приватниот сектор.



Сања Лукаревска, директор на Управата за јавни приходи

Во глобализираната економија, кога сè повеќе има потреба земјите да ги отвораат своите граници за меѓународната трговија и инвестиции, од суштинско значење е државите да можат да го наплатуваат данокот за добивката која ја остваруваат компаниите во земјата и тоа да го прават на начин што нема да ги дестимулира или нарушува меѓународната трговија и инвестиции. Управата за јавни приходи по донесување на законските измени во Законот за данок на добивка, со поддршка на УНДП и на консултантите од Словачка, посветно работи на унапредување на сопствените капацитети во областа на трансферни цени. Реализирана е обука и специјализација на вработени од Даночниот инспекторат за спроведување контрола на трансферните цени, што претставува еден од стратешките приоритети на УЈП. 

Од исклучително значење е експертската поддршка која УЈП ја добива од колегите од словачката даночна администрација. Преку проектот имаме можност да се запознаеме со меѓународната пракса и словачкото искуство во регулативата за трансферни цени, постапките за контрола на трансферни цени, регулирање и допрецизирање на правната регулатива, како и насоки за усогласување на домашната законска регулатива со меѓународната пракса. Проектот ќе овозможи „ноу хау“ и ќе ги зајакне капацитетите на  Даночниот инспекторат со што индиректно ќе влијае врз подобрување на ефикасноста на овој вид контроли, а како крајна цел позитивно ќе се одрази на даночните приходи во Буџетот.

Практично со помош на  даночната администрација од Словачка и проектот на УНДП  ги учиме најдобрите правила за трансферни цени кои се користат за даночни цели, а се однесуваат на определување на условите, вклучително и цената за трансакции во рамките на мултинационалните компании, што резултира со распределба на добивката на компаниите во групата во различни земји. Принципот „дофат на рака“ се покажа корисен како практичен и урамнотежен стандард за даночните администрации и даночните обврзници за да се проценат трансферните цени меѓу поврзаните претпријатија и да се спречи двојното оданочување. Од друга страна, праведното оданочување е императив на секоја даночна администрација и со цел да се постигне ова неопходна е комуникација и поддршка на даночните обврзници во исполнувањето на даночните обврски и правилно толкување и примена на законските одредби во специфичните услови и карактеристики во кои работат даночните обврзници.

Ерозијата на домашната даночна основа и пренесувањето на профитот влијае на сите земји, а особено на земјите во развој поради нивната поголема зависност од данокот на добивка. Затоа сметам дека е многу важно да се создаде добра правна и оперативна рамка за опфат на ерозијата на домашната даночна основа и пренесувањето на профитот (Base Erosion and Profit Shifting - BEPS), да се постават стратегии за даночно планирање кои ги применуваат мултинационалните претпријатија, искористувајќи ги празнините и неусогласеноста меѓу даночните системи на различните земји. Во овој дел морам да кажам дека од исклучително значење е програмата Јавни финансии за развој која ни помага да се усогласиме, да ги научиме вештините за создавање добра основа за испорака на квалитетни услуги кои ќе овозможат развој на меѓународната трговија и инвестиции и справување со обидите за избегнување на плаќање данок.



Трансферни цени – глобална слика

Иако регулативите за трансферни цени се во сила речиси три децении во САД, во ЕУ и во другите земји во рамките на ОЕЦД, темпото на регулаторните промени во изминатава деценија е драматично. Почнувајќи со објавувањето на финалните извештаи на ОЕЦД/Г20 БЕПС 2015 (OECD/G20 BEPS 2015), вообичаено наречени БЕПС (Base Erosion and Profit Shifting) 1.0, даночните администрации во светот усвоија и имплементираа нови регулативи кои имаат цел поефикасно да го оданочуваат профитот на компаниите и да се усогласат со новосоставените деловни модели во 21 век. Сепак, како што дигиталната економија стана поприсутна, даночните администрации, ОЕЦД и другите тела го наметнаа ставот дека се потребни дополнителни реформи. Ова беше особено истакнато бидејќи компаниите во одредени сектори бележат историски профити и покрај мултидимензионалната криза која започна со ковид-19 пандемијата, а продолжи со високата инфлација и енергетската криза. Дополнително, мултидимензионалната криза ги притисна државните буџети кои мораа во неколку наврати да интервенираат со цел да им помогнат на малите бизниси, на загрозените сектори, и замрзнување на цените на основните производи за да спречат понатамошни отпуштања на вработени, затворање на компании и да се заузда галопирачката инфлација. Во ситуација кога има голем број сектори кои бележат огромни профити, како и голем број држави кои се даночни раеви, даночните администрации во светот почнаа забрзано воведување на трансферните цени како модел кој им овозможува да ја намалат даночната ерозија и да соберат дополнителни приходи.

Како е во државава...

Некои општи правила веќе се во сила во Северна Македонија бидејќи земјава го усвои законодавството за трансферни цени во 2019 година. Со измените на Законот за данок на добивка и носењето на Правилникот за формата и содржината на извештајот за трансферни цени, даночните обврзници се должни да поднесат целосен извештај до Управата за јавни приходи најдоцна до 30 септември во тековната година за претходната година. По исклучок, доколку вкупната вредност на трансакциите со поврзаните лица во текот на годината не надминува 10 000 000 денари, обврзникот поднесува извештај во скратена форма. Извештај за трансферни цени не поднесуваат даночни обврзници кои имаат трансакции само со поврзани лица кои се резиденти на Република Северна Македонија и оние кои во текот на годината оствариле приход во износ помал од 60 000 000 денари.

Северна Македонија во август 2018 година стана 117-та земја членка која се приклучи на БЕПС Инклузивната рамка. Имено, даночните администрации преку оваа рамка имплементираат и применуваат алатки со цел да обезбедат добивката да се оданочува онаму каде што се извршуваат економските активности и каде што вистински се создава вредност. Овие алатки, исто така, им даваат поголема сигурност на бизнисите преку намалување на споровите за примената на меѓународните даночни правила. 



Силвија Карелова, раководител на Одделот за меѓународно оданочување во Финансискиот директорат на Република Словачка и експерт на програмата Јавни финансии за развој

1. Што се трансферни цени, како се применуваат и кои меѓународни правила се применуваат?

Трансферни цени се збир на меѓународно прифатени правила кои се применуваат на даночните обврзници кои вршат трансакции со поврзани страни. Даночните администрации во светот бараат даночната добивка на таквите даночни обврзници да се пресметува во согласност со принципот „дофат на рака“, што е посебна одредба заснована на претпоставката дека цената и другите услови на трансакцијата се исти како оние што би се очекувале доколку трансакцијата била меѓу неповрзани страни. Цените меѓу поврзаните страни не се под влијание само на пазарните услови, туку на нив може да влијаат и многу различни индикатори. Од таа причина, важно е да се постават јасни и општоприфатени правила кои би ги рефлектирале потребите на даночната администрација и даночните обврзници, а исто така би ги исполниле очекувањата на политиката на земјата. За постигнување на таа цел, даночната администрација во одредена земја има ефективна алатка преку поставување на релевантно законодавство за трансферни цени. Генерално, принципите на меѓународните трансферни цени се дефинирани во Насоките за трансферни цени на ОЕЦД за мултинационални претпријатија и даночни администрации. На домашно ниво, правилата за трансферни цени може да се разликуваат од земја до земја и тие зависат од пристапот на политиката на земјата и од спецификацијата на даночниот систем.

2. Како се применуваат трансферните цени во Република Словачка, кои се придобивките за земјата од реформата, кои чекори ги презедовте за спроведување на реформата?

Правилата за трансферни цени во Словачка се спроведуваат повеќе од 20 години, преку нивно инкорпорирање во словачкиот Закон за данок на доход. Правилата за трансферни цени во Словачка се применуваат и за корпоративниот данок и за персоналниот данок на доход.

Оттогаш беа спроведени неколку мерки за консолидација на правната рамка по измените на меѓународно ниво и имајќи го предвид административното оптоварување и степенот на даночна сигурност за даночните обврзници. Беше преземен и уште еден многу важен чекор во областа на градењето капацитети во однос на создавање група даночни ревизори кои се специјализирани за даночни контроли на трансферните цени. Словачката даночна администрација вложува многу ресурси во административните мерки, со главна цел да го обезбеди соодветното техничко ниво на даночните ревизори, на пример преку обезбедување редовни обуки.

3. Какво е Вашето мислење за реформата во Република Северна Македонија? Како го оценувате напредокот постигнат од УЈП во нашава земја?

По измените на Законот за данок на добивка, усвоени од Собранието на Северна Македонија во декември 2018 година, стапи на сила новата најсовремена регулатива за трансферни цени. Така, една од главните цели на задачата беше да се обезбеди техничка помош од словачки меѓународни консултанти на Министерството за финансии на Северна Македонија и на УЈП во нивните напори за спроведување на одредбите од новата регулатива, во рамките на програмата Јавни финансии за развој, спроведувана од УНДП.

Во однос на прашањата за трансферните цени и нивната имплементација, македонската даночна администрација моментално е во почетна фаза. Сепак, уверени сме дека има релативно висок потенцијал за подобрување на позицијата во трансферните цени. Бевме пријатно изненадени од високиот интерес на македонските претставници во областа на трансферните цени и нивниот постојан напор да ги научат и да ги разберат главните прашања за оваа проблематика. Се надеваме дека конечните резултати од програмата и предложените препораки може да помогнат да се зголеми ефикасноста на спроведувањето и примената на правилата за трансферни цени во Северна Македонија. Силно ги поддржуваме ваквите активности кои имаат многу видливи ефекти.


 


 

 

Промовирање на активностите на УНДП за подобрување на економскиот амбиент во земјава, за остварување побрз економски развој, за заштита на животната средина, итн.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано