Економија

Индекси на продажни цени – декември 2022 година

29.03.2022г

Во јавноста многу често се зборува за одредени поскапувања на различни производи, за борбата со инфлаторните притисоци на одредена група суровини, за зголемените трошоци за живот и за поскапената потрошувачка кошница. Токму во таа насока, преку сублимираните индекси на продажните цени објавени од Државниот завод за статистика, ќе се обидеме да ги детектираме најбитните промени што се случиле на годишно и на месечно ниво.

На месечно ниво, споредено декември со ноември, евидентиран е благ пад на индексите на продажните цени од 0,3 %. Ваквиот тренд е резултат на стабилизирање на цените кај 3 големи групи (капитални производи, производи за широка потрошувачка и нетрајните добра). Сето тоа надоврзано со намалените цени кај интермедијарните добра од 1,5 %, како и кај трајните производи за 0,4 % придонесе за надолно движење на индексите. Единствениот учесник кој сè уште го репресира Буџетот е енергијата. Нејзиниот раст на месечно ниво од 0,6 % го ограничи потенцијалот за посилен пад на цените.

Иако декември изгледа како позитивен пример, сепак доколку се анализира цела 2022 година податоците и не се толку „розови“. Имено, на годишно ниво вкупниот индекс на продажните цени пораснал за 21,9 %. Меѓутоа, ако во декември главниот виновник била енергијата, сепак податоците покажуваат дека сме биле соочени со значително поголеми поскапувања кај останатите групи. Капиталните производи на годишно ниво пораснале за 63,8 %. Загрижувачки е што сите категории бележат пораст на цените со тоа што во најблага форма тоа било изразено кај трајните производи каде што растот се ограничил на „прифатливи“ 6,8 %.

За да дадеме подетална слика за тоа што се случува на пазарот, ќе направиме анализа на поединечните ставки од преработувачката индустрија како најрепрезентативен примерок за нашево стопанство. Преку овие податоци секое семејство ќе може да открие дел од одговорите на прашањето каде сме ги потрошиле заработените пари во 2022 година.

Општата слика покажува дека преработувачката индустрија работела со зголемени цени од речиси 20 % во 2022 година. Таквиот показател произлегува од споредбените податоци за 2022 и 2021 година, како и споредбата само за месец декември во двете анализирани години. Притоа најголемо инфлаторно вијание е забележано кај производството на метали од 28 %, а потоа следуваат тутунските производи со раст од 19,1 %, како и хемиските производи каде штто евидентиран е раст на индексот од 18,9 %. Она без кое не се може, прехранбените производи, пораснале за цели 18,7 %, а таквиот тренд е огромен затоа што токму овие производи зафаќаат најголем процент од домашниот буџет. По нормализирањето на здравствената криза, фармацевтските производи се категорија каде што притисокот од растот на цените бил со најумерено влијание. Имено, оваа индустрија 2022 година ја заокружила со пораст од само 5,4 %.

Ако ги споредиме само податоците од месец декември во 2022 и 2021 година, ќе забележиме дека предновогодишните празници сме ги поминале со раст на индексот на цени кај храната, пијалаците и тутунот од 20 %. Овие 3 индустрии биле главниот катализатор на растот на цените.

Единствениот позитивен аргумент од анализата може да го изведеме од споредбата на месечно ниво (декември − ноември 2022 година) каде што веќе може да се зборува за одредена стабилизација на цените, а радува фактот што целата преработувачка индустрија бележи пад на индексот за 0,5 %. Главен двигател на овој тренд е падот на индексот кај производството на метали од 4,9 %, што може да биде дополнителен стимул за надолно придвижување на цените во градежната индустрија. Исто така евидентиран е благ пад на цените на прехранбените производи од 0,8 %, додека пијалаците, облеката и хемиските производи повторно ја влечат спиралата нагоре со умеран раст од 1 до 2 %.

 (E&Б)

ПРЕПОРАЧАНО