Економија

Николоски: 2023 година, Европска година на вештини

Димитар Николоски | Авторот е професор на Економски факултет-Прилеп

Економија и бизнис | печатено издание | февруари 2023г.

На своето годишно обраќање на 14 септември 2022 година, претседателот на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ја објави својата намера 2023 година да биде прогласена за Европска година на вештини. Нешто подоцна Европската комисија ја усвои оваа иницијатива која произлегува од предизвиците и можностите со кои се соочува пазарот на труд во однос на дигиталната и зелена транзиција. Европската година на вештини има цел да ја забрза конкурентноста на работната сила, да ги подобри можностите за инвестирање во обука и усовршување за да се обезбеди стекнување на работниците со бараните вештини на пазарот на труд, вклучително и дигиталните вештини. Според Еуростат, моментално 37 % од возрасните во ЕУ следат обуки на регуларна основа, а на многу од нив им недостасуваат основни дигитални вештини. Освен тоа, оваа иницијатива ќе се фокусира врз активирање на повеќе жени, млади и ранливи групи на пазарот на труд.
Недостатокот од вештини негативно се одразува како врз конкурентноста на компаниите, така и врз целокупните макроекономски развојни потенцијали. Имено, повеќе од три четвртини од компаниите во ЕУ изјавиле дека се соочуваат со тешкотии да најдат работници со соодветни вештини. Тоа се однесува и на дигиталните вештини така што, според Индексот за дигитална економија и општество, 40 % од возрасните и една третина од вработените во ЕУ имаат недостаток од основни дигитални вештини. Освен тоа, во 2021 година, 28 занимања во градежништвото, здравството, инженерството и ИТ-секторот се соочиле со недостаток за работна сила, што укажува на растечка побарувачка како на висококвалификувани, така и на нискоквалификувани работници.

Поставувањето на вештините во фокусот на политичката агенда на ЕУ потекнува од ургентната потреба за побрза транзиција кон дигитализирано и пред сè „зелено“, т. е. енергетски одржливо општество. Ваквата двојна транзиција (twin transition) укажува на паралелно модифицирање на физичките производни капацитети, но и на вештините на човековите ресурси во насока на остварување на зацртаните цели за одржлив развој. Во идеален случај, дигиталната и зелената транзиција меѓусебно се потпомагаат. На пример, дистрибуираната технологија за евидентирање (distributed ledger technology) може да се користи за следење на материјалите помагајќи ѝ на циркуларната економија за подобро одржување и рециклирање. Сепак, во одредени ситуации може да настане судир меѓу двете транзиции. На пример, дигитализацијата користи електрична енергија и на тој начин создава отпад. Со цел да се извлече максимална корист од двојната транзиција, неопходно е проактивно и интегрирано менаџирање. Притоа дигиталната транзиција би се раширила главно преку приватниот сектор како резултат на нејзиниот голем економски потенцијал. Од друга страна, за да се стават нејзините придобивки во функција на одржлив развој и да се ограничат можните несакани ефекти, потребен е ангажман на државата и на граѓанското општество.

Дигиталната и зелената транзиција отвораат нови можности за граѓаните и за економијата на ЕУ. Поседувањето релевантни вештини на луѓето им помага успешно да се справуваат со промените на пазарот на трудот и да станат релевантни чинители во демократското општество. Тоа овозможува никој да не е запоставен, а дигиталната и зелената транзиција да бидат општествено правични и спроведени на фер начин. Работната сила која поседува побарувани вештини придонесува кон одржливиот развој, доведува до повеќе иновации и ја подобрува конкурентноста на компаниите.

Со цел да се охрабри доживотното учење, земјите членки на ЕУ ги усвоија социјалните цели за 2030 година според кои најмалку 60 % од возрасните лица би требало да учествуваат во обуки. Ова е особено важно за остварување на целта за постигнување стапка на вработеност од најмалку 78 % до 2030 година. Освен тоа, според „Дигиталниот компас“ поставена е цел најмалку 80 % од возрасните лица во ЕУ до 2030 година да имаат барем основни дигитални вештини, да има околу 20 милиони вработени ИКТ-стручњаци, како и поттикнување на жените во што поголем број да се оспособуваат за вакви работни места.


(фото: https://eprasmes.lv/)

За да се остварат овие цели, Европската комисија ќе промовира можности за преквалификација и доквалификација преку потенцирање на релевантните иницијативи, вклучително и можностите за финансирање со цел да го поддржи нивниот почеток, имплементација и реализација во пракса. Освен тоа, во земјите членки на ЕУ ќе бидат организирани настани и кампањи за подигнување на свесноста со цел да се поддржи заемното партнерско учење за преквалификација и доквалификација. Предложената Европска година на вештини, исто така, има цел да помогне во идниот развој на истражувачки алатки, како и промоција на инструменти за поголема транспарентност и полесно признавање на квалификации. За обезбедување координација на релевантните активности на национално ниво, Европската комисија ги повикува земјите членки да назначат национални координатори за Европската година на вештини.

За остварување на целите предвидени со Европската година на вештини, на располагање се голем број веќе постоечки иницијативи во ЕУ за поддршка на вештините:
–      Европската агенда за вештини претставува рамка за соработка на политиките за вештини и нуди помош за поединците и бизнисите во развојот на повеќе и подобри вештини, како и нивна примена.
–      Како дел од Европската агенда за вештини, во рамките на Пактот за вештини, потпишани се 12 широки партнерства во стратегиски сектори што вклучуваат повеќе од 700 организации и обврска за усовршување на околу 6 милиони работници.
–      Структурен дијалог со земјите членки за дигитално образование и вештини.
–      Европската комисија предложи нови иницијативи за решавање на недостатокот од вештини во ЕУ и подобрување на соработката во сферата на миграциите. Во тој контекст креирано е Партнерство за таленти со избрани пертнери што ќе помогне во усогласување на вештините на кандидатите со потребите на пазарот на труд. Ова претставува клучен резултат во рамките на новиот Пакт за миграции и азил.
–      Новата Европска агенда за иновации, што беше усвоена во јули 2022 година, предлага водечка иницијатива и низа акции за креирање соодветни рамковни услови за талентирани.
–      Европската стратегија за универзитети, што беше усвоена во јануари 2022 година, предлага низа од 50 активности кои се клучни за развој на напредни вештини за широк опсег на корисници, вклучително и оние во доживотно учење за постигнување креативно и критичко размислување, решавање проблеми и активно вклучување во граѓанското општество.
–      Европската платформа за дигитални вештини и работни места нуди информации и ресурси за дигитални вештини како, на пример, алатка за дигитално самооценување, како и можности за обуки и финансирање.
–      Коалицијата за дигитални вештини и работни места во ЕУ се осврнува на јазот во дигиталните вештини преку поврзување на земјите членки, на социјалните партнери, на непрофитните организации и на образовните институции за подигање на свесноста за преземање разновидни активности за поттикнување на обуките за дигитални вештини.
На ова место се поставува прашањето каква е состојбата со вештините на работната сила во РС Македонија како кандидат за членство во ЕУ. За следење на оваа проблематика кај нас, Агенцијата за вработување континуирано спроведува анкета за потреба од вештини на пазарот на труд. Притоа целта на анкетата е да се обезбедат краткорочни показатели за очекувањата на работодавачите во однос на новите вработувања и потребите од вештини со кои треба да располагаат лицата за да бидат конкурентни на пазарот на трудот. Резултатите од оваа анкета понатаму претставуваат основа за креирање активни програми и мерки за вработување кои имаат цел да ги подобрат вештините на невработените лица заради зголемување на нивното вработување и подобро функционирање на пазарот на труд. Освен тоа, резултатите од истражувањето се користат и во образовниот систем при конципирање на уписните политики и креирање нови образовни програми за занимања усогласени со потребите на пазарот на труд.
Според последната спроведена Анкета за потреба од вештини, дел од работодавците се соочиле со одредени тешкотии при обезбедување на соодветен кадар за пополнување на слободните работни места. Листата на дефицитарни занимања е долга и ги опфаќа: програмер, машински инженер, градежен инженер, доктор по општа медицина, информатичар, инженер технолог, машински техничар, медицинска сестра, градежен техничар, електротехничар, келнер, готвач, бравар, пекар, возач на товарно возило, заварувач, стаклар, металостругар, лимар, кројач, ракувач со градежни машини, оператор на CNC-машина и др. Како најчести причини за тешкотиите во обезбедување на потребниот кадар работодавците ги навеле: недостаток на мотивација кај кандидатите, недостаток на практични знаења и вештини кај кандидатите, недостаток на кандидати со соодветно образование и работно искуство, недостаток на кандидати кои би прифатиле работа за понудената плата.
Во однос на типовите на активни програми и мерки за вработување, најголем дел од работодавците ја нагласуваат потребата од користење на услугата за посредување при вработување со пребарување на лица од евиденцијата на невработени и нивно упатување кај работодавецот. Работодавците укажуваат и потреба од редовно информирање и советување за измените во законската регулатива од областа на трудот, како и потреба од поддршка за креирање нови работни места, т. е. субвенционирано вработување. Обуката на работното место за познат работодавец и практиканството се, исто така, мерки за кои работодавците пројавуваат голем интерес, но нагласуваат дека се потребни информативни средби и други форми за нивно информирање.
Со цел да се надмине неусогласеноста меѓу понудата и побарувачката за вештини, во РС Македонија донесени се повеќе стратешки документи и во нивна согласност се преземаат повеќе активности. Меѓу ваквите документи вредно е да се напоменат: Национална стратегија зa вработување 2021 − 2027, Акциски план за вработување 2021 − 2023, Оперативен план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот (се носи секоја година), План за спроведување на гаранција за млади 2020 − 2022, Стратегија за формализирање на неформалната економија 2018 − 2022, Национална стратегија за развој на социјалните претпријатија 2021 − 2027 итн. Освен тоа, во тек се повеќе проекти на невладини организации чија цел е подобрување на усогласеноста во вештините на работната сила меѓу понудата и побарувачката на пазарот на труд. Меѓу нив треба да се споменат: проектот на УНДП „Премостување на јазот во вештини за креирање нови и подобри работни места“ и иницијативата на Регионалниот совет за соработка насловен како „Платформа за вработување и социјални работи“ (Employment and Social Affairs Platform – ESAP).
Подобрувањето на усогласеноста меѓу понудата и побарувачката за вештини во РС Македонија, меѓу другото, во голема мера ќе придонесе за побрза интеграција на македонскиот пазар на труд во рамките на единствениот европски пазар на труд. Притоа слободното движење на македонските граѓани во рамките на ЕУ би го зголемил трансферот на знаења и на вештини и позитивно би влијаел на развојните потенцијали на земјава. Преку мудро вложување во човечки капитал и образување конкурентна работна сила, РС Македонија ќе може да фати приклучок во транзицијата кон дигитализирано и енергетски одржливо општество.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано