Бизнис
Групација ФероИнвест: Од идеја до чиста енергија
Групација на обновливи извори на енергија
проф. д-р Кочо Анѓушев основач и главен извршен директор на Групацијата Фероинвест Скопје
Како ја оценувате тековната состојба во вашиот сектор? Каде е во тие рамки вашата компанија и што носи иднината?
Фероинвест е динамична, пазарно ориентирана и флексибилна групација составена од повеќе компании кои се занимаваат со: обновливи извори на енергија, проектирање и планирање и металопреработувачка индустрија. Во составот на групацијата се компаниите Energy Maintenance Solution (EMS), Аквават, Мали хидроелектрани, Биоентерпрајз, Брако, Грин машинс и други компании.
Големото искуство и знаењата за индустријата и деловното опкружување во светот, стекнати во последниве 20 години откако групацијата е основана во 2003 година, ни овозможува на нашите клиенти да им обезбедиме сложени и мултидисциплинарни производи и услуги како што се договори со „клуч на рака“, од развој на идеја до севкупна имплементација на мали хидроцентрали, фотоволтаични електрични централи, централи на биогас, трансформатори и други услуги. Воедно, Фероинвест овозможува управување со обновливи извори на енергија и нивно одржување за целиот период на работа.
Фероинвест започна со планирање, изведба, монтажа, пуштање во употреба и одржување на мали хидроелектрани, а во последниве неколку години фокусот е ставен на проекти за фотоволтаични електрични централи, централи на биогас, но и развој на батериски системи за складирање на енергија, што е тренд во енергетиката во Северна Македонија, но и поширокиот регион.
Портфолиото на реализирани проекти за обновливи извори во сопственост на групацијата, но и за други компании е големо и вклучува:
– 60 проекти за изградба на мали хидроелектрани
– 50 проекти за фотоволтаични електрични централи
– 2 проекти за централи за биогас
– голем број на проекти за трансформаторски станици.
Групацијата има сопственост во 25 мали хидроелектрани, неколку фотоволтаични електрични централи и една електрана на биогас. Компаниите од дејноста ги користат искуството, технологиите и знаењата на експертите од Фероинвест за управување и одржување на обновливи извори и Фероинвест се грижи за двојно повеќе електрани од обновливи извори.