Економија

КОНЦЕПТИ: Лидерство версус менаџмент

Економија и бизнис | печатено издание | февруари 2023г.

Кариерниот пат за најголем дел од вработените лица претставува најголема непозната варијабла. Потрагата по одговорот најчесто завршува неуспешно, доколку тоа се адресира краткорочно, односно постигнување на високи кариерни позиции е долгорочна авантура кој се состои од низа предизвици, континуирано учење и постигнување на големи резултати. На тој пат ќе се сретнеме со голем број на препреки кои некогаш ќе нè доведат до ситуација да сакаме да се откажеме од сè и да се позиционираме на одредено ниво каде ќе бидеме мирни, без стрес и без притисок. Оние кои ќе се одлучат за полесниот пат, веројатно, и ќе го пронајдат, меѓутоа во најголем процент таквите луѓе континуирано ќе имаат проблеми со личните финансии и стресот од работното место само ќе го заменат со домашен стрес. Колку ова и да звучи сурово, сепак, е многу блиску до она што реално се случува. Добрата вест е дека за сите оние кои, пак, ќе одлучат да се посветат на работата има истрасиран пат кој може да ве води кон височините на кариерата и уживање на нејзините плодови.
Трасата започнува со диференцирање на термините менаџмент и лидерство. Сите ние менаџираме со одредени функции, луѓе, проекти, работни задачи. Менаџирањето не значи дека ќе бидете успешни, туку тоа е само една секвенца од долгиот пат кон успешен лидер. Лидерските способности може да бидат и стекнати/вродени, но најголемиот дел од нив се учат за време на работниот век, а и после тоа. За да може да го анализираме поимот лидерство ќе се послужиме со теоретската и практична работа на еден од највлијателните автори од поново време, Сајмон Синек. Преку неговите излагања и анализи за големите лидери може да се сублимираат неколку елементи кои го отсликуваат лидерот. Првично, лидерот се препознава преку неговите следбеници, односно групата на луѓе кои своеволно одлучиле да ги следат чекорите на одреден поединец кој преку неговото дејствување станал поим за авторитет и стекнал доверба кај останатите. Токму довербата е клучниот елемент во процесот на станување голем лидер.

Имено, „продажбата“ на лидерските способности може да настапи преку 2 процеса:

1.  Првиот процес е преку „манипулација“. Во овој сегмент лидерот преку низа стратешки и маркетинг-активности стекнува следбеници. Денес сè повеќе се застапени т.н. инфлуенсери кои претставуваат лидери на новото време. Фејсбук и Инстаграм го окупираат просторот преку кој лидерите стекнуваат следбеници, а нивното влијание резултира со кариерен напредок и креирање на богатство. Дополнителен мотив за компаниите е да имаат вакви вработени бидејќи преку нив може многу полесно да стигнат до одредена таргет група, а со тоа и да ги пласираат своите производи. Но, сепак, сведоци сме дека по одреден период ваквите лидерски профили згаснуваат и на површина излегуваат нови, кои ја имаат истата задача, а веројатно и судбина како нивните претходници. Така и компаниите и поединците влегуваат во еден магичен круг кој на крајот не резултира кон ништо вредно и трајно.

2.  Вториот процес е преку стекнување доверба. Тука Синек зборува како преку начинот на комуникација големите компании и лидери стануваат уште поголеми. При објаснување на начинот на кој треба да комуницираме во компанијата и со клиентите, Синек го користи правилото на комуникација од внатре кон надвор или т.н. златен круг.
„Зошто, како и што“ се трите клучни елементи кои се комуницираат при секоја интеракција. Најголемиот дел од нас првично го објаснуваме концептот на „што“ (пример, ние продаваме бурек со месо), потоа следува концептот „како“ (пример, како го правиме бурекот/начинот на подготовка на месото), додека на прашањето „зошто го правиме бурекот“ многумина не го знаат одговорот. Токму тоа е клучниот сегмент во неговата книга Почни со зошто. Синек нè учи дека одговорот на „зошто“, во конкретниов случај со бурекот, не е стекнување на продажба и правење профит. Тоа е последица на процесот. Одговор на „зошто“ ќе може да го пронајдат оние компании и поединци кои искрено ја пронашле смислата за нивното постоење. Во случајов со производителите на бурек, одговор на „зошто“ би можело да значи посветеност кон создавање специфично искуство за нивните клиенти и одржување на традиционалните вредности. Сегментот „како“ би требало да се однесува на внимателно селектирани намирници и континуирано учење и усовршување на нивните вработени, а концептот „што“ е едноставно тазе четврт со месо.
Синек уверува дека сите компании и поединци кои градат кариера, а го применуваат концептот на комуникација од внатре кон надвор ќе постигнат лидерски способности кои подоцна ќе се рефлектираат во континуиран успех. А кога зборува за успехот на компанијата, неизбежно е на таа компанија да биде лидер со ваков начин на комуникација.


 

(Е&B)

ПРЕПОРАЧАНО