Интервјуа

Костиќ: Потребна е промена на начинот на размислување за поттикнување позитивни промени

Иван Костиќ | Генерален директор на Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп

Економија и бизнис | печатено издание | февруари 2023г.

„Ние сме компанија која секојдневно ги анализира и будно ги следи потребите на сите наши потрошувачи. Во центарот на нашиот професионален ангажман е учеството во креирање на иновативни решенија кои ќе го трансформираат искуството на употреба на тутунски производи на таков начин што штетите за потрошувачите и за животната средина ќе бидат сведени на минимум. Живееме во време кога секоја стопанска гранка мора да покаже максимална општествена одговорност во рамките на својата дејност.
Затоа Филип Морис Тутунски комбинат Прилеп ДОО Скопје (ФМТКП) посветува големо внимание на подобрување на производните процеси и нивна оптимизација, како и примена на иновативни, светски докажани решенија со кои на крајните потрошувачи ќе им понудиме производи кои се подобрени така што и квалитетот и намалувањето на штетноста, како и искуството, се на највисоко ниво. Пазарот, во својата најширока смисла, е извор на реални информации кои ги одредуваат патоказите на деловното патување по кое се движиме во оваа фаза на цивилизациски развој. Навремената и сеопфатна анализа на тие показатели и податоци, како и брзото вклучување на добиените резултати се суштински елементи на нашата деловна политика“ − истакна Иван Костиќ, генерален директор на ФМТКП на почетокот на интервјуто. Костиќ ја извршува функцијата две години, а на оваа позиција дојде од местото директор за стратешко планирање и програми за Југоисточна Европа, во филијалата на ФМИ во Србија.



Директорската функција ја презедовте во период на големи општествени предизвици, кога сѐ уште во подем беше пандемијата ковид-19. Како го оценувате постигнатото откако сте на чело на компанијата?

И. Костиќ: Дојдов на позицијата во време кога сите од канцеларијата беа фокусирани на решенија за секојдневните предизвици кои се појавија со пандемијата. За среќа, наидов на млад, креативен и исклучително талентиран тим кој имам чест да го предводам и денес. Она што за многу претставуваше пречка, ние го препознавме како можност. Токму поради рестрикциите што ги наметна пандемијата ние развивме канали кои од сегашна перспектива ги подобруваат функционирањето и продуктивноста на сите вклучени фактори. Овде мислам на издигање на дигиталните платформи кои ни овозможија во време на намалени социјални интеракции да ги доближиме нашите брендови и начинот на работа до што поголем број трговци; воспоставување и подобрување на потрошувачкото искуство преку формален модел за задоволство на потрошувачите, но и едуцирање и подигање на свесност за постоење на подобра алтернатива од цигарите.

Вашето стратешко партнерство со Тутунскиот комбинат Прилеп е редок пример на соработка меѓу јавен и приватен ентитет, кој очигледно добро функционира и по речиси една декада. Што е основата на добрите резултати?

И. Костиќ: Филип Морис Тутунски комбинат Прилеп (ФМТКП) се формираше пред девет години кога Филип Морис Интернешнал стапи во стратешко партнерство со Тутунски комбинат Прилеп (ТКП). ФМТКП денес е успешно организирана и почитувана компанија во македонската економија и покажува одлични резултати кои се најдобар доказ дека со основањето на заедничката компанија е донесена добра одлука. Посебно ми е драго што оваа година, во ваква добра соработка и атмосфера, ТКП ќе прослави завиден јубилеј − 150 години постоење, што ја прави најстара компанија во земјава. Долгогодишното постоење е еден од најважните показатели за квалитетот.
Она што го изгради ваквиот резултат во изминатиов период се високите стандарди и принципи на работење кои несебичнo ги делиме со нашиот стратешки партнер. ТКП пред себе имаше многу предизвици да застане на здрави основи. По речиси 20 години работење со загуба, последниве неколку години ТКП започна со остварување на сè подобри и подобри финансиски резултати. Ова покажува дека нашиот партнер ги исполнува планираните параметри со тенденција да се продолжи со исто темпо и во наредните години. Активно помогнавме при трансформацијата на комбинатот преку модернизацијата на погоните и на производството, рационализацијата на трошоците и, секако, организирање на производството. Со процесот на модернизација што беше спроведен во прилепската фабрика беа исполнети високите и строги стандарди и барања на Филип Морис Интернешнал за производство на премиум брендови, што придонесе ТКП да се запише во мапата производители на Марлборо, светскиот број еден меѓународен бренд за цигари од 1972 година. Покрај знаењето и искуството во индустријата за производство на новите формати, донесовме и нова технологија. Станува збор за нови машини кои овозможуваат прецизно следење на производствениот процес, најсовремени механизми за следење и контрола на квалитетот на производот низ целиот производствен процес, како и систем за намалување на загубите во текот на производството. Очигледно е дека тимот во ТКП успеа да одгoвори соодветно на задачите и верувам дека заеднички ќе продолжиме во остварување како на краткорочните, така и на долгорочните цели во нашето заедничко работење.

Се залагате за иднина без чад, но истовремено продолжувате со производство на цигари. Зошто едноставно не го запрете производството и да се фокусирате само на алтернативите?

И. Костиќ: Според податоците на Светската здравствена организација, во моментов има над 1,1 милијарда пушачи во светот. Овие луѓе пушат цигари и покрај сè построгите забрани, кампањите против пушењето и високите цени. Едностраното запирање на производството и продажбата на цигари на Филип Морис Интернешнал едноставно нема да промени ништо бидејќи тоа не ја елиминира побарувачката за цигари. Побарувачката ќе остане, а просторот на пазарот едноставно ќе биде пополнет без разлика дали станува збор за конкуренти или како што најчесто е случај, црниот пазар. Нашата трансформација има многу повеќе смисла бидејќи она на што работиме е намалување на побарувачката за цигари на долг рок со што се осигуруваме дека падот на преваленцата на пушењето цигари продолжува, па дури и се надеваме дека дополнително ќе се забрза преку нашата посветеност да испорачаме свет без чад од цигари.
Истовремено нашиот пристап е прогресивен, иновативен и базиран на научни докази. Долгорочната визија на Филип Морис интернешнал е креирање производи без чад како алтернатива на цигарите, наменети за полнолетните пушачи кои би продолжиле да пушат. Податоците вкоренети во стратегијата и производството на нашите производи произлегоа од темелната и долга работа на светските научници во областа на хемијата, на фармакологијата, на медицината и на многу други сè со цел во планирањето и производството да се користат само докази, аргументи и информации добиени од опсежни и детални истражувања. Нашиот фокус е и подигање на свеста на возрасните пушачи за да може секој самостојно да донесе одлука која е во нивен најдобар интерес.

Трансформацијата на Филип Морис Интернешнал е во фокусот на многу глобални дискусии. Зошто за Вас тоа е една од најважните теми кога станува збор за иднината и за очекувањата?

И. Костиќ: Компанијата Филип Морис Интернешнал се посвети на оваа цел пред 15 години, целосно да се трансформира и континуирано да ги едуцира полнолетните потрошувачи за придобивките од иновативните производи без чад преку воведувањето на нови технологии насочени кон намалување на штетите од пушењето. Така настана IQOS, пред седум години револуционерна иновација, денес веќе општопознат производ што го загрева тутунот наместо да го согорува и со тоа ги елиминира поголем дел од штетните материи што се присутни во чадот од цигарите. Зад ова тврдење стојат илјадници страници научни докази кои ја поддржуваат нашата визија, експертиза, стадиуми на одобрување на нови производи и транспарентно споделување на сите докажани научни факти кои потврдуваат дека нивното прифаќање е многу подобар избор за возрасните пушачи. Тоа ни дава доверба, сигурност и увереност дека компанијата е на прав пат.
Исто така се посветивме на развивање на нов, дигитален начин на соработка со нашите малопродажни партнери – Дигитал МК. Преку оваа дигитална платформа која за прв пат се лансираше кај нас пред три години, преку 70 % малопродажни партнери во моментов имаат пристап до сите информации за нашите производи. Нашата цел е до крајот на оваа година целиот малопродажен универзум да ги ужива бенефитите од оваа дигитална соработка.

Пред повеќе од две години на македонскиот пазар се појави IQOS, иновативниот производ на Филип Морис, кој долго се очекуваше во нашава држава. Како гледате на комерцијалниот аспект од сегашна гледна точка?

И. Костиќ: Посебно значајна пресвртница во работењето во изминатиов период беше комерцијализацијата на IQOS, предводникот на трансформацијата на Филип Морис Интернешнал кон иднина без чад. Toj се појави на македонскиот пазар во време на исклучителен предизвик кога не само ние, туку сите компании мораа да направат огромни промени во првичните планови. Неопходноста од која се водиме е да се реши проблемот на пушењето на начин што се разликува од досегашните, очигледно неуспешни, конвенционални обиди.
Свесни сме дека во државава има голем потенцијал од аспект на проширување на IQOS-заедницата, но и на дигиталните и продажните трговски мрежи. Само преку партнерски пристап проследен со нивна едукација, надградба и правилно согледување на фактите можеме да направиме исчекор. Тогаш кога сите постојни и потенцијални партнери ќе ја согледаат нашата посветеност и ќе се едуцираат доволно за да разберат дека постои подобра алтернатива од цигарите, ние ќе можеме да аплицираме уште многу нови програми и механики на пазарот.

Колку јавноста верува во искрените намери на тутунската индустрија кога се зборува за науката, за намалување на штетите и за јавното здравје?

И. Костиќ: Сосема е нормално дека преку ноќ не е лесно да се убеди јавноста и да се добие безрезервна поддршка за нашите напори. Но, ако не отстапувате од целта, ќе дојде и до успех. Ако се води жестока битка меѓу, од една страна, предрасудите и недовербата кон науката, а од друга страна стотици наши и десетици независни научни студии кои потврдуваат дека нашите производи без чад, иако не се без ризик, сепак, се подобра алтернатива од продолжувањето со пушење, тогаш да − науката, фактите и иновациите остануваат двигатели на нашиот развој.
Во изминативе 2 години, на мое задоволство, имаме исклучително добра соработка со македонската научна заедница која сосема професионално и непристрасно пристапи кон научно анализирање на концептот на намалувањето на штети. Дијапазонот на профили е различен: соработуваме со академици, истражувачи, академски професори, лекари, специјалисти, хирурзи, правници и економисти.
Со наша финансиска поддршка, но целосна научна независност во истражувањето, изработени се две научни студии. Научната студија „Правни, економски и медицински согледувања кон концептот за намалување на штети од користење тутун“ изработена во 2022 година е дел од проектот „Континуирана поддршка кон социјално прифаќање на концептот на намалување на штети и развој на регулаторна рамка“ имплементиран од Центарот за правни истражувања и анализи. Студијата е поттикната од заклучоците произлезени од истражувањето „Социјален пристап и прифаќање на намалувањето штети преку наука и истражување“ (изработена во 2021 година) спроведено од Центарот за стратегиски истражувања „Kсенте Богоев“ во рамките на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) кои упатуваат на неопходноста од континуиран егзактен пристап при креирање на модел за намалување на штети од користење тутун и спроведување на јавни политики кои ќе придонесат за обезбедување на поквалитетен живот за целата популација.

Филип Морис Тутунски комбинат Прилеп честопати во медиумите се среќава и како компанија која подеднакво вложува и во сопствениот човечки капитал, но и во општеството како одговорна компанија.

И. Костиќ: Се сметаме за многу повеќе од обична тутунска индустрија. Трансформациите, покрај во бизнисот, сметам дека се исто важни доколку се случуваат и внатре во компанијата. Горди сме и на фактот што сме компанија за која родовата еднаквост меѓу вработените е од особено значење. Во моментов, во компанијата 42 проценти од вработените на глобално ниво се жени, додека 40 отсто од сите раководните позиции се доделени на жени. Во македонската канцеларија, пак, соодносот на вработени мажи и жени е 50:50 проценти.
Неодамна, во соработка со Алијансата за родова еднаквост при Асоцијацијата за е-трговија, во просториите на ФМТКП се одржа и настан посветен на иницијативата која се стреми да придонесе за еднакви можности, еднаква застапеност и еднакво вреднување на трудот и преку промовирање на важноста на родовата еднаквост, недискриминација и еднакви права и можности за сите, да се постигне поголема конкуретност, диверзитет и подобри бизнис-резултати на компаниите. Целта на настанот беше поттикнување на создавање инклузивна култура каде што без разлика на полот вработените се вреднуваат според нивниот уникатен придонес во работната средина, што креира нови начини, синергии и платформи за решавање на критичните прашања кои влијаат на развојот на жените на работното место.
Споменувајќи ја општествената одговорност, присутни сме и со голем број донации и проекти во последниве неколку години, но исто така и во иницијативи од кои средината има потреба како: збогатување и разубавување на животната средина, помош на јавниот здравствен систем за време на пандемијата, донирање на ранливи категории на граѓани во потребни материјални средства и секако новогодишни иницијативи.

Како ја гледате иднината на бизнисот на ФМТКП?

И. Костиќ: Оваа 2023 година да се заокружи со констатација дека Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп се издигнал чекор повисоко над сите во својата категорија, каде се постигнала поголема свесност и разбирање за портфолиото на производи, дека се овозможила поголема благосостојба на вработените кои ќе доаѓаат со поефикасни решенија за бизнис-предизвиците и дека ќе се зголемува интересот на науката и на институциите за дискутирање за концептот на намалување на штетите од пушењето.
Само во ваква подобрена средина, вработени со висок праг на задоволство на работното место, фокус и издржливост, не постои предизвик кој не може да биде остварен.

Разговараше: Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО