Општество

Георгиев: Тајновити политики

Гордан Георгиев | Авторот е политиколог

Економија и бизнис | печатено издание | февруари 2023г.

Постновогодишното фракционерско лудило низ партиите во државава укажува на одредена нервоза чие извориште ние граѓаните не го знаеме точно. Некои се (обес)храбрени од американската антикорупциска иницијатива, некои други нервозни поради наближувањето на обидот за смена на Уставот, некои трети пак загрижени од наближувањето на парламентарните (макар и редовни) избори. Ако направиме бегол скен на мотивите на политичките актери, ќе нè заплисне стариот добар туѓ срам кој нè јаде веќе долги години. Практично, во сите овие фракционерски битки, битки за опстојување на тронот и борби за подобра стартна позиција, се насетува една константа: сето ова е толку лично, обесчестено и изземено од каква било друга суштина, што на крајот нè доведува до мачнина во стомакот или пак комплетна апатија во однос на хипер возбудливите настани и премрежја во партиите. Изет му рекол ова на Али за Артан, а овој пуштил песна за Али. Зоран му рекол она на Ковачевски, а овој му рекол не така, туку мора вака, па потоа едниот му понудил зделка или трампа, а другиот рекол не фала, добро е вака... Арбен ги убедува сите дека мора да влезе во Владата за да поткрепи европска иднина, додека авиончето од Софија итно лета кон Охрид за да го транспортира сериозно повредениот македонски Бугарин бидејќи македонските иљачи не можат да го излечат. Христијан сака во Владата и би го сменил Уставот (со гаранции!) за да сподели одговорност, но само под услов ако победи потоа на избори кои, во тој случај, би биле што подалеку закажани за да стивне патриотскиот занес. Христијан исто така сака на избори за да победи и потоа да не знае што да прави. Апасиев дијаболично терцира на сите страни бидејќи нему сè му е рамно и секое сценарио му е победа, а поразот е сираче кое ќе го посвојат останатите.

Странскиот фактор притиска бавно, но упорно, како некоја жешка пегла да се накострешила над Македонија. Од ден на ден се стега обрачот и се очекува некаде во втората половина на годината да стане неподнослив. Ама разберете нè, ние никогаш немаме менувано Устав − се слушаат вресоци од Белата палата. СДСМ се научени на предавства, како да го слушам гласот на Груевски од една од хотелските соби во Букурешт во 2008 година. Да, да, знаете, ние сме секогаш против, така најлесно поминуваме. А ние пак секогаш сме за, живееме за идеали и да овозможиме подобар живот на нашите граѓани, и за нас самите секако. Па ѕвонат телефони од сите страни, најмногу отаде Атлантикот, па сите дознаваат кој каде седел, во која кафеана пеколни планови редел, па доцна во ноќта важна дилема совеста ја мати: а сега кој пат да се фати?

Но, кому му е гајле за ваквата тајност и внатрепартиските возбуди? Сите ние, анестезираните граѓани на оваа земја, треба да бидеме будни пред оваа тајновитост.

***
Тајноста во политика постоела отсекогаш. Впрочем, политиката подолг период низ историјата била тајна и прекриена со интриги отколку јавна и достапна за сите. Јавноста дури доцна се појавува на сцената, некаде на почетокот на 19 век во релативно структурирана форма.

Во демократските општества, сепак, тенденцијата да се „отвори“ политиката и граѓаните сè повеќе да знаат е стандард без кој не се може, но и правило кое често се прекршува. Политиките мораат да бидат јавни затоа што постои порив да се вклучуваат сè повеќе граѓаните и јавноста (најчесто преку медиумите) да биде информирана што ѝ се крои. Тајноста се смета за недемократска. Тајни преговори на лидерски средби, тајни преговори меѓу САД и Русија во екот на војната во Украина, тајни преговори со Грција, а потоа и со Бугарија, тајни преговори како да се вклучи ВМРО-ДПМНЕ во промена на Уставот..., но тајни политики постојат и понекогаш се нужни бидејќи постојат и нејавни актери од типот на меѓународна заедница, влијателни амбасадори, влијателни бизнис-групации, а во држава како нашава и влијателни криминално-безбедносни фактори. И покрај сознанието дека некаде, во некоја прилика јавноста може да биде повеќе штетна отколку корисна, тајноста во политиката се смета како нешто непосакувано, безмалку како завера против јавноста.

Сума сумарум, сакаме да го вклучиме демосот што повеќе! Но, тоа не било секогаш така и навидум оваа растечка прогресија на сè повеќе вклучување на народот во јавните работи може да се покаже и како непрогресивна, т. е. прогресија која не носи прогрес. И тука е првата вододелница со која се соочуваме: сакаме во политиката да нè водат „експерти“, образовани и морални претставници на народот (Платон) или сакаме победникот да нè владее, т. е. најпопуларниот да нè води? Што сакаме?!?! Сакаме демос- кратија во полна форма (Античка Грција како идеал) или сакаме аристос- кратија (владеење на најдобрите)?

Здравиот разум нè наведува да мислиме дека во разни области кои нè засегаат нас лично и нашите животи претпочитаме стручност наспроти популарност. На пример, го сакаме најдобриот електричар да ни ја поправи струјата бидејќи не сакаме да нè фати струја. Го сакаме најдобриот сеизмолог, најдобриот контролор на летање, најдобриот доктор. Тоа е јасно. А зошто истиот критериум не можеме да го исползуваме за она што се нарекува јавна работа (рес публика) или со друго име демократија во современа смисла? И зошто упорно грешиме, кога ќе се навратиме на сопствените политички одлуки, макар тоа било и чинот на гласање за една или друга партија? Зошто во политиката не владеат најдобрите? Впрочем, се испоставува дека единствениот критериум за тоа кој е најдобар во политиката е тој дека „најдобрите“ се оние кои го имаат мнозинството и кои се во позиција потоа авторитативно да дизајнираат и потоа да спроведуваат политики. „Најдобрите“ пак кои знаат да ги вградат и потребите на малцинствата, веројатно, се навистина добри. Ако е тоа така, тогаш влегуваме на лизгав терен да се одлучиме што е најдобро во политиката. Во здравството знаеме, во електриката знаеме, но во политиката не е јасно. Лизгавиот терен се нарекува етика, т. е. каква е нашата лична етика при изборот и каков е етосот на политичарот кој се нуди на пазарот наречен избори. Затоа, иако не само затоа, доаѓаме до сознание (долго „крчкано“ од Стара Грција до денес) дека владеењето на мнозинството (50+1) е најправедното/најлегитимното (?!?), најцелисходното (сходно на целта), најефикасното (алокација на политики и пари) и најмалку лошото (Черчил демократијата е најмалку лош облик на владеење). Либералната демократија, пак, се труди да го прошири и да го надгради сувиот поим на демократија (тиранија на мнозинството) со воведување на либерални компоненти во него (малцински права пред сè, иако не нужно етнички малцинства). Од тоа произлегува она што го нарекуваме владеење на правото, т. е. сите сме исти пред закон, потоа правото на безбедност − полицијата сите да ги штити подеднакво и да им гарантира безбедност, потоа критичната улога на слободните медиум кои ќе се борат во наше име за отвореност и јавни, а не тајни политики. Потоа доаѓаат граѓанските еснафски организации како стручна „дополна“ на неосвестениот плебс (ние граѓаните), па дури потоа доаѓа и експертската заедница (секој во својата област да помогне во креирање на јавните политики, а понекогаш и во нивно спроведување) која се организира во големи (не)партиски организации (тинк тенкови). Тука отприлика се затвора кругот кој, доколку ревносно си ја врши работата, овозможува јавност во политиката. Сепак, и покрај вклучувањето на оваа серија на актери, најважниот актер и понатаму останува политичарот избран на избори!

***
Е сега, да се вратиме на темата која ја следиме со претпазлива возбуда последниве два месеци. Тоа е темата за полутајновитоста на американската антикорупциска иницијатива на Балканот. Без претерано да претеруваме за влијанието на иницијативата „Мани пулите“ на Балканот, редно е да ја поздравиме како добредојден сигнал за разбуричкување на овдешната застоена бара. За потсетување, „Мани пулите (Чисти раце)“ беше мега антикорупциска операција во Италија во текот на деведесеттите години на минатиот век во која повеќе од пет илјади италијански функционери на разни нивоа на власт беа под сомнение за корупција, речиси половина парламентарци беа под обвинение, а дузина заштитени сведоци ја демонтираа неверојатната култура на корупција во Италија.

Какви би биле импликациите од сето ова за нашите општества доколку иницијативата доследно се спроведе? Страв во коски на политичарите, општо охрабрување на граѓаните и особено охрабрување на оние граѓани кои би сакале да се вклучат во јавниот живот, враќање на довербата во политичкиот процес, подобар избор на кандидати за пратеници и потоа подобри луѓе во извршната власт. Можен ли е таков граѓански пробив? Пак ли револуција? Не, не, па нели еднаш се обидовме со револуција? Ајде сега кроце, полека.

И да не заборавиме, јавните и тајните процеси (пред сè регионалните како рефлексија на глобалните) кои ги следиме и ќе ги следиме нареднава година се толку предвидливи колку што ќе знаеме да ги препознаеме и на најдобар начин да се позиционираме во нив. Ние сме сепак само „предмет на интерес“ во тие процеси и ништо повеќе. Странскиот фактор секако го има предвид сопствениот интерес и доколку тој се поклопува со нашиот, толку подобро. Нашиот интерес секако дека е стабилизација на Балканот (намалена пропулзивност за внатрешен или индуциран конфликт од страна), нашиот интерес е почнување на преговори со ЕУ и нашиот интерес е мирно, стабилно и некорумпирано општество внатре. Во однос на тоа како ќе ги поставиме хиерархиски овие три приоритети, такво ќе биде и нашето поведение во креирањето на политиките. За мене нема дилема. Најважно е да останеме добри и стабилни внатре, заеднички и само заеднички да смогнеме сили да го отвориме патот кон ЕУ и со самото тоа да придонесеме кон стабилизација на Балканот. Се плашам сепак дека оваа хиерархизација на приоритети не ја дели и владејачката класа во Македонија, а мислам дека ни странскиот фактор не ја споделува по овој редослед. Нека ни е со среќа!

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано