Економија
КОНЦЕПТИ: Екстерналиите и теоријата на Коуз
16.02.2023г.
За да можеме за зборуваме за екстерналии, првиот предуслов е да биде констатиран пазаран неуспех на ниво на национална економија. Под терминот пазарен неуспех не се подразбира дека економијата е пропадната или не функционираат нејзините постулати, туку дека постои неефикасна алокација на ресурсите. Екстерналиите може да бидат позитивни и негативни. Пример за позитивни екстерналии моѓе да пронајдеме во образовниот процес. Имено, факултетите иако работаат за остварување на одреден профит, сепак ефектот што ќе се предизвика од создавањето на стручен кадар ќе има дополнително позитивно влијание врз целата економија. Од друга страна, негативни екстерналии се создаваат кога одредена компанија која произведува одреден производ кој го пласира на пазарот, сепак ја загадува околината. Вакви примери може да се сретнат во сите држави и секоја на свој начин ги решава своите проблеми. Државата има 2 механизми преку кои може да ги регулира екстерналиите, иако скоро и да е невозможно да се измерат во целост нивните ефекти. Првиот механизам е субвенцинирање на оние кои креираат позитивни екстерналии, вториот е даноци за оние кои создаваат негативни екстерналии. Меѓутоа, ако бидеме реални ниту еден од механизмите ниту од далеку не ги надоместува трошоците и бенефитите, а со тоа во многу мала мера влијаат на корегирање на пазарниот неуспех.
Токму поради потврдениот неуспехот на државата во процесот со регулирање на екстерналиите, развиена е Коузовата теорија, наречена според нејзиниот основоположник Роналд Хари Коуз. Целта на оваа теорија е претежно насочена кон решавање на проблемите со негативните екстерналии, а во нејзината основа се наоѓа способноста за преговарање. Првично, целиот концепт беше развиен кога се разгледуваше регулирањето на радиофреквенциите. Коуз посочи дека регулирањето на фреквенциите не е потребно затоа што радио станиците со најмногу добивка од емитување на одредена фреквенција имале поттик да им платат на другите радиодифузери да не се мешаат. Притоа, нобеловецот Коуз поставил 2 постулати кои се основа на неговата теорија:
1. Мора да постои јасна дистинкција помеѓу сопственичките права
2. Трансакциските трошоци да бидат ниски
За да можеме подобро да ја објасниме теоријата ќе се послужиме со еден едноставен пример:
Да претпоставиме дека земјоделец од Пелагонија одлегува жито, а покрај неговата нива поминува железничката пруга. Со оглед на тоа што при движењето на возот по шините може да се создадат искри од триењето, голема е веројатноста житото да се запали и целиот посев да биде уништен. Земјоделецот го увидел проблемот и се оддалечил од пругата 20 метри, со цел да ја избегне потенцијалната закана, но потоа пресметал дека неискористеноста на неговиот имот предизвикува намален профит од 10.000 еур годишно. Со оглед на тоа што сопственичките права(максимално користење на имотот и евентуално предизвикување на искри) не се јасно диференцирани, оштетената страна нема да има добра основа за судско рочиште, а истото би предизвикало и дополнителни трошоци, тогаш Коузовата теорија преку преговарање може да биде имплементирана. Вториот предуслов, односно под поимот трансакциски трошоци се подразбира трошокот за пронаоѓање на трговскиот партнер(во случајов тие се познати: земјоделецот и железничката компанија) и трошоците за преговарање(кои подразбираат трошок на земјоделецот да стигне до управната зграда и да договори состанок). И двата предослови се исполнети за успешно преговарање. Во овој случај земјоделецот ќе биде мотивиран да и плати на железничката пруга одредена сума(помала од пропуштената заработка, пр.5.000 еур), за да се инсталираат заштитници на шините кои ќе спречуваат искрата да се прошири. На тој начин земјоделецот ќе остварува секоја година дополнителни 10.000еур, со еднократен трошок од 5.000еур, а од друга страна препоставка е дека железницата со задоволство би ја прифатиле бесплатната инвестиција.
Коузовата теорема покажува дека кога станува збор за правата на сопственост, инволвираните страни не мора да земат предвид како се поделени правата на сопственост. Коузовата теорија е нашироко распространета како аргумент против легислативната или регулаторната интервенција врз конфликтите околу правата на сопственост и приватното преговарање за нив. Со други зборови, се додека две страни може да најдат заеднички јазик, преку одредена компензација за користење на сопственичките права на другиот, Коузовата теорија може значително да ги надомести и креираните екстерналии.
(E&Б)