Економија

Петревски: Националната стратегија за развој – 25 години подоцна

Горан Петревски | авторот е редовен професор на Економскиот факултет, УКИМ

Економија и бизнис | печатено издание | декември 2022/јануари 2023г.

Во 1997 година, МАНУ ја изработи Националната стратегија за економскиот развој, обемен документ во чија изработка учествуваа над 70 соработници поделени во 26 работни групи – академици, универзитетски професори, вработени во централната банка, луѓе од бизнисот итн. Изработката на стратегијата била договорена меѓу македонската влада и УНДП, а работата на проектот била финансиски поддржана од австриската влада.

Во стратегијата беа поставени основните насоки во економскиот развој на Македонија во периодот до 2020 година како што се: доследна изградба на отворена пазарна економија, завршување на транзицијата, одржување макроекономска стабилност како предуслов за развојот, зголемување на ефикасноста на економијата и поголемо користење на производниот капацитет, намалување на невработеноста, нагласена извозна ориентација, како и членство во Европската Унија.
Стратегијата се состои од пет дела: институционални и системски промени, основни фактори на развојот, секторска анализа на развојот, инфраструктура и квантитативни сценарија за очекуваните движења. Веројатно најинтересниот дел е петтиот во кој се дадени проекции за движењето на македонската економија во периодот 1997 − 2002 година. Веднаш може да се забележи дека периодот на проекцијата е многу краток зашто стратегиските документи вообичаено се однесуваат на подолг период (да речеме, дваесет години). Всушност, во стратегијата се зборува за насоките на развојот до 2020 година, освен во квантитативниот дел каде што нејзините автори одлучиле да се задржат само на среднорочните проекции. Од денешна гледна точка, лесно може да се спекулира за причините на ваквиот пристап. Од една страна, треба да се признае дека во тоа време (во средината на 90-тите години од минатиот век) во Македонија немаше доволно знаење во примената на квантитативните техники на предвидување. Од друга страна, условите во кои функционираше македонската економија во 90-тите години беа такви што секоја помисла на долгорочно предвидување би била смешна (висока нестабилност на економските движења, мали и неквалитетни бази на податоци итн.).

Бидејќи од изработката на стратегијата изминаа веќе 25 години, а истовремено помина и крајниот рок на кој се однесува таа (2020 година), во продолжение ќе дадеме кратка споредба на она што беше запишано во стратегијата и она што беше остварено во меѓувреме. Се разбира, целта на оваа статија не е да ја оценуваме самата стратегија, туку напротив: да се утврди дали зацртаните развојни насоки се остварени и што ни остана како недовршена задача во иднина. Во тој поглед, сосема е јасно дека вината за неоствареното не треба да се бара кај составувачите на стратегијата, туку кај оние кои се одговорни за нејзиното спроведување – политичарите.

За движењата на македонската економија во периодот од 1997 до 2002 година во стратегијата се дадени две сценарија: оптимистичко и песимистичко. Двете проекции се прикажани во табелата бр. 1, заедно со остварените показатели. Покрај тоа, за да се добие груба претстава каде се наоѓа Македонија 25 години по изработката на стратегијата, во табелата се прикажани и основните макроекономски показатели за 2021 година.

Табела бр. 1. Основни показатели на македонската економија

Како што може да се забележи, предвидувањата за растот на македонската економија во периодот 1997 − 2002 година воопшто не се остварија зашто растот беше многу понизок дури и од песимистичкото сценарио. Се разбира, ова се должи на негативните ефекти од војната во 2001 година, која не можеа да ја предвидат творците на стратегијата. Подоцна, во периодот 2004 − 2008 година, економијата растеше во согласност со оптимистичкото сценарио, но веќе од 2009 навака растот е повторно прилично понизок дури од песимистичкото сценарио. Оттука слободно можеме да заклучиме дека во периодот 1997 − 2020 година македонската економија потфрли споредено со очекувањата наведени во стратегијата. Соодветно на тоа, во 2002 година, БДП по жител беше понизок во споредба со двете сценарија, а ниту нивото забележано во 2021 година не е за радување. Имено, според оптимистичкото сценарио, БДП по жител требаше да се зголеми за 50 % во период од пет години, а ако работите течеа со тоа темпо денешниот БДП требаше да изнесува околу 15 000 долари наместо скромните 6 700.

Дека македонската економија не растеше во согласност со очекувањата во стратегијата покажува и стапката на невработеност која во 2002 година беше прилично повисока од двете сценарија, а таа се намали на предвиденото ниво дури во 2014/2015 година, т. е. многу подоцна од предвиденото. Освен тоа, воопшто не е остварена стратегиската цел дека до 2020 година невработеноста ќе се намали под 10 %. Неповолните резултати се отсликуваат и во домашното штедење кое, ако го исклучиме неверојатно ниското ниво во повоената 2002 година, дури и денес е пониско од песимистичкото сценарио. Инвестициите, исто така, беа во согласност со песимистичкото сценарио, односно нивниот раст се случи многу подоцна од очекувањата.

Во продолжение, и остварувањата во надворешниот сектор целосно ги изневерија очекувањата зашто очекуваните ниски дефицити на тековната сметка започнаа да се остваруваат дури по 2013 година. Оттука, гледано од денешна перспектива, се чини дека творците на стратегијата ги прецениле можностите на македонската економија во поглед на обезбедувањето надворешна рамнотежа. Во однос на надворешниот долг, во 2002 година тој изнесуваше 40 %, колку што предвидуваше песимистичкото сценарио, а претпоставувам дека творците на стратегијата веројатно не сонувале дека надворешниот долг ќе достигне 80 % во 2021 година, иако овде не може да се направи споредба со стратегијата поради различната методологија за пресметка на долгот.

Во однос на инфлацијата, македонската економија се покажа многу подобра од очекувањата во стратегијата: имено, не само што 2002 година ја завршивме со многу ниска инфлација од 1 %, туку и во целиот период до денес инфлацијата е многу пониска од предвиденото ниво од 3 % или 5 %. Очигледно творците на стратегијата не биле убедени во способноста на централната банка да ја контролира инфлацијата. Всушност, во овој поглед, стратегијата прилично ја утна работата зашто таа предвидуваше во периодот 1997 − 2002 година да се одржува инфлација меѓу 8 % и 10% заради стимулирање на економијата, да се одржува флексибилен девизен курс заради стимулирање на надворешната конкурентност, а кон фиксен девизен курс да се премине дури по 2010 година. Наспроти тоа, до 2022 година, Македонија никогаш немаше повисока инфлација од 6 %, а кон фиксен девизен курс официјално се премина веќе во октомври 1995 година, односно речиси две години пред изработката на стратегијата!

Што се однесува до одредени квалитативни очекувања од стратегијата, остварувањата се мешани. Од една страна, може да се каже дека се остварија целите за буџетска рамнотежа (се разбира, не буквално), се воведе данокот на додадена вредност, државава започна да издава хартии од вредност, се воведе тростепен систем на пензиско осигурување, се постигна либерализација на надворешната трговија и ниско ниво на царинска заштита, се формираа индустриски зони, се оствари заложбата за поголемо користење странски кредити и за привлекување странски директни инвестиции, се воспоставија стабилен банкарски сектор и независна централна банка итн. Од друга страна, денес сме многу далеку од очекувањето дека Македонија ќе стане членка на Европската Унија до 2020 година, а не само што не се намали миграцијата, туку таа доби застрашувачки размери. Исто така воопшто не можеме да се пофалиме дека постигнавме владеење на правото, ефикасно судство, спроведување на законите и одговорно владеење, дека ја намаливме предимензионираноста на државната управа, дека ја совладавме сивата економија, дека имаме развиен пазар на капитал итн.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано